Македонските граѓани, извесно е дека од 1 јануари наредната година, ќе плаќаат повисоки сметки за струја поради најавеното покачување на данокот на додадена вредност - ДДВ од 5 на 10 отсто. Според пресметките кои ги направи РСЕ, сметките би биле повисоки за 4 до 5 проценти во зависност од тоа колку граѓаните трошат струја. Доколку се зголеми и цената на струјата, покачувањето ќе биде уште повисоко.
Видете и ова: На хартија можно, во реалноста-тешко остварливо полнењето на државната касаВицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека мора да има одредено покачување на цената на струјата, а зголемувањето на ДДВ за електричната енергија од 5 на 10 отсто е само една од ставките во конечната цена која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
„Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните. Сметам дека тоа е императив за Владата“, посочи Битиќи.
Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски потоа потврди дека комисијата и да не донесе промена на цената на струјата, само врз основа на ДДВ-то, ќе се зголеми трошокот на граѓаните за електричната енергија.
„Мислам дека ќе треба да разгледаме и ние, да ни се даде малку простор и за други покретативни решенија со цел да се избегне зголемување на вкупниот трошок за електрична енергија заради ДДВ-то кој што би го имале пред се домаќинствата“, рече Бислимоски.
Струјата летоска поскапе за над 7 отсто
Од 1 јули струјата за домаќинствата поскапи во просек за 7,4 отсто. Новина беше и воведувањето четири различни блок тарифи за скапа струја. Оние што трошат помалку плаќаат поевтина струја. По најниска цена се плаќаат првите 210 киловатчаса скапа струја, поскапа е потрошувачката од 210 до 630 киловатчаса, уште поскапа од 630 до 1050 киловатчаса, а потрошувачката што надминува 1050 киловатчаса е скоро три пати поскапа.
По поскапувањето од 1 јули семејство што троши по 400 киловатчаса месечно струја, 200 во скапа и 200 во евтина тарифа, плаќа по 2645 денари.
ДДВ-то од 5 отсто на оваа сметка изнесува 117 денари. Што значи дека од 1 јануари, оваа сметка би била повисока за дополнителни 117 денари, односно ќе биде 2762 денари.
Доколку пак се троши повеќе струја на пример 1000 киловатчаса месечно , 500 во скапа и 500 во евтина тарифа, тоа значи и дека ДДВ-то ќе биде со поголем износ, а со тоа и висината на самата сметка.
ДДВ-то за оваа количина на потрошена струја со моменталните цени изнесува 298 денари, а сметката е 6.442 денари. Од наредната година оваа сметка би скокнала за дополнителни 5 отсто или плус 298 денари.
Без субвенции 5 пати поскапа струја?
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека граѓаните треба да знаат дека Владата работи да обезбеди електрична енергија во доволни количини којашто ќе биде по цена која нема да предизвика ценовен шок, при што навреме се преземаат мерки и транспарентно се информира јавноста за енергетската состојба во државата. Според него, да не се субвенциите на Владата, граѓаните ќе плаќаат пет пати поголема сметка за електрична енергија.
„Обврска на Владата е за граѓаните да обезбеди цена, која може да се поднесе и да се плати“, изјави Ковачевски.
Граѓаните навистина добиваат струја по пониска цена од производствената, но субвенциите се далеку пониски. Таа изјава на Ковачевски би била точна кога би се пресметувала берзанската цена на струјата. Со оглед на тоа што ЕСМ е државно претпријатие, во сопственост на сите граѓани, граѓаните не мора да плаќаат пазарна цена.
Берзанската цена на струјата во изминатите месеци одеше до 700 евра за мегаватчас, но производствената во ЕСМ е под 70 евра за мегаватчас. Граѓаните плаќаат по 48 евра, а малите фирми, кои се на регулираниот пазар, по 220 евра.
Тоа значи дека стопанството компензира за домаќинствата да може да плаќаат пониски сметки. ЕСМ произведува доволно струја за да ги покрие потребите на регулираниот пазар, односно за домаќинствата и малите претпријатија. Големите фирми набавуваат струја по берзански цени.
Мерката привремена, кризата продолжена
Во јули, 2021 година во Собранието беше изгласан законот со која се намали стапката на ДДВ-то на струјата од 18 на 5 отсто. Целта на оваа мерка беше да се овозможи пониска цена за граѓаните и намалување на нивните трошоци.
Намалената стапка согласно законското решение, требаше да се применува до 30 јуни годинава, а потоа да се зголеми на 10 отсто. Но, Владата ја пролонгираше одлуката, која сега треба да се спроведе од 1 јануари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
РСЕ пред околу еден месец пишуваше дека македонските граѓани плаќаат едни од најскапите пренос и дистрибуција на струја во регионот. Во земјава, повеќе чини да ви ја донесат струјата до дома, отколку самата струја. Според јавно достапните податоци од регулаторните комисии за енергетика, само Албанија плаќа повисока мрежарина.
Видете и ова: Навала за лиценци за фотоволтаициМакедонските граѓани исто така плаќаат едни од највисоките сметки за струја во регионот. Само Црногорците плаќаат малку повеќе. Косово и Србија имаат најниски сметки за струја.
Инаку Македонија не произведува доволно струја за да ги задоволи своите потреби, па кусокот го надополнува со увоз. Минатата година една третина од потрошената струја била од увоз, со што Македонија е енергетски најзависна држава во регионот. Најголемите кусоци се појавуваат зимно време, кога потрошувачката е многу поголема, со оглед на тоа што секое трето семејство се грее на струја.