Македонскиот пат кон Европската унија никако да резултира со отпочнување на преговорите за членство, а тоа станува извесно дека нема да се случи ни за време на француското претседателство и самитот во јуни, барем според сигналите од македонска и од бугарска страна. Ветото на Бугарија од 2020 година повторно ја остави земјава во статус кво позиција. Се погласно е барањето од источниот сосед за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, а во истовреме државниот врв од земјава пак се погласен е во ставот дека Уставот не е обична книга која може да се отвора или затвора кога ќе се посака.
Видете и ова: Центри на моќ контра договор Софија - Скопје за да не се зацврсти позицијата на ЕУ на БалканотПостои опасност од внатрешна нестабилност, доколку повторно се одложи почетокот на преговорите со ЕУ, но ние толку долго сме во чекалната на ЕУ што досега требаше да научиме да ги искористиме сите предности кои ни ги дава тој статус на земја кандидат, вели директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска. Едно е јавноста како ќе реагира, а друго е како ќе го пренесат политичките елити застојот во евроинтеграциите, додава таа.
„Доколку се откажеме и доколку тоа свртување внатре значи едно затворање тогаш имаме секако ризик да порасне под наводници тој евроскептицизам. Ние веќе имаме пад во поддршката за ЕУ како силен актер. Иако граѓаните се уште го поддржуваат членството. Ова одлагање ќе биде несомнено многу ризично и тешко за граѓаните. Тој ризик постои за отфрлање на европската агенда, меѓутоа постои одговорност кај политичките елити да ги буткаат реформите и да прават се што е во нивна можност за да го унапредат животот во нашата земја, а тоа секако е поврзано со оние реформски процеси пред нас. Се надевам дека доколку имаме уште една пречка политичките елити нема да го искористат ова само за обвинување кон Европа, иако има простор за тоа, туку за да сработиме некои работи од внатре кои ни се потребни“, смета Кацарска.
Воедно Бугарија тврди и дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Другите прашања поврзани со историјата која досега беше главна пречка за наоѓање решение поради инсистирањето на Софија дека македонскиот народ не постоел до 1944 година останува да ги решава заедничката мултидисплинарна комисија за историски и образовни прашања. Во последно време кочница во преговорите е токму револуционерот Гоце Делчев.
Во меѓувреме, бугарскиот историчарот Стефан Дечев најави формирање заедничка бугарско-македонска комисија за историја во сенка, која ќе работи паралелно со постојната Комисија за историски и образовни прашања.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека договор е можен единствено кога ќе има сеопфатно решение што ќе ги затвори сите отворени прашања, низ јасна временска рамка и што ќе значи безусловно кревање на ветото кое што го има ставено Бугарија за отпочнување на првата меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со ЕУ.
Околу прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот, тој подвлече дека ние имаме уставно уредување кое што ги гарантира правата на сите заедници што живеат во оваа држава.
„Уставот не е обична книга што може да се отвори и да се затвори, кој кога сака. Уставот се отвара врз основа на уставна процедура која што е пропишана“, истакна Ковачевски.
Претседателот Стево Пендаровски истакна дека земјава мора да има некаква гаранција од Софија или од Брисел дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот на земјата ќе биде последното барање на Софија за отстранување на ветото.
„Не е проблем да ги внесеме и Хрватите, Црногорците, сме ставале и други народи, ќе ги ставиме и Бугарите, но која е гаранцијата. Срамота е секој понеделник да го отвораме Уставот“, рече тој.
Професорот Васко Наумовски, кој е и поранешен вицепремиер за евроинтеграции вели дека постојат центри на моќ и политички партии и структури и во Бугарија, кои што не гледаат со симпатии кон решавање на ова прашање, знаејќи дека тоа ќе придонесе за зацврстување и на позицијата на ЕУ на Балканот и на трансатланското партнерство.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Во тој контекст ќе бидеме сведоци и на натамошни обиди за одложување на решавањето на ова прашање кое во суштина ќе значи и одложување на самиот процес на проширување и зацврстување на влијанието на Европа на Балканот“, смета Наумовски.
Македонија не се соочува со прво вето. Во 2008 година Грција го попречи членството на земјава во НАТО поради спорот со името. Тогашната Влада на поранешниот премиер Никола Груевски се сврте против меѓународната заедница и во земјава се роди анти НАТО и ЕУ расположение. Постои можност и сега за такво сценарио, смета Кацарска, и може да преовладаат и емоции, но лидерството на една земја не би требало тоа да си го дозволи.
„Се надевам дека ја научивме лекцијата од 2009 до 2015 година за да истото тоа не би се случило. Меѓутоа, како што кажав, несомнено е дека постои ризик од политичка нестабилност, од затворање кон внатре и можеби едноставно преовладување на негативна енергија која што нема никому добро да му донесе“, додава Кацарска.
Македонскиот државн врв постојано порачува дека и покрај пречките на патот кон ЕУ земјава нема план Б. Доколку повторно земјава не не добие датум за преговори, претседателот Пендаровски порача, дека земјата треба дел од своите политички капацитети да ги насочи, не кон други организации туку кон внатрешни реформи.
„Јас мислам дека после јуни, ако нема датум за преговори ние треба пополека да ја олабавиме таа работа. Да кажеме формално, да остануваме, меѓутоа да не се оптеретуваме“, смета Пендаровски.
Македонија е кандидат за зачленување во унијата од 2005 година, а во 2009 првпат доби препорака за почекот на преговорите. Тогаш, со датумот стигнаа и низа услови кои на Владата на тогашниот премиер Никола Груевски и беа доставени како патоказ, а услов за да почнат беше и да се најде решение за проблемот за името со Грција која претходната, 2008 година, веќе го испорача своето право на вето во НАТО поради нерешениот проблем меѓу двете земји.
Земјава потоа добиваше препораки за отпочнување на преговорите. Пречката, проблемот со името со Грција беше тргната во 2018 година со договорот од Преспа но земјава пак не доби датум. Истото следуваше 2019, а од 2020 година Бугарија ја блокира македонската европска иднина со првично образложение дека земјава не го почитува Договорот за добрососедство.