Новата цена на парното ќе се знае за неколку дена. Во Регулаторната комисија за енергетика велат дека во тек се анализите на пристигнатите барања што ќе покажат колкаво ќе биде поскапувањето. Новата цена ќе биде донесена до крајот на месецов.
Видете и ова: Дрва за огрев по солени цени, пелети „ни за лек“„Денешната цена на природниот гас на берзите е повеќе од двојно зголемена во однос на јануари 2022-ра година“, велат во Регулаторната комисија.
Минатата зима, во јануари годинава, владата привремено го презеде управувањето со БЕГ и ја субвенционираше цената на парното за скопјани. За таа намена државата потроши 6 милиони евра. На парно се греат околу 60 илјади семејства.
Откако ѝ ја одзеде лиценцата на БЕГ, Владата пред неколку дена го задолжи ЕСМ да основа три фирми за производство, дистрибуција и за снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје за да може да го преземе управувањето со парното. Овие три фирми се задолжени да се јават на повикот за преземање на парното. До изборот на нова фирма, БЕГ има обврска да ги снабдува домовите со топлинска енергија.
Во меѓувреме, се засилуваат повиците за штедење енергија. Владата во март донесе препораки за грижливо и рационално користење на електричнатa енергија и енергенси, но четири месеци подоцна, нема кризен план со сет мерки за штедење во време на енергетска криза.
Професор Константин Димитров вели дека начините за штедење во моментов се ограничени. Ќе заштедиш едно, ќе зголемиш потрошувачка на друго, вели тој.
„Топлификација ќе заштеди генерално. Веројатно ќе го намали нивото на испорачана топлинска енергија централно. Со тоа намалување на потрошувачката на енергија ќе трошиш помалку за иста цена. И знаете што ќе се случи тогаш? Јас ќе си го вклучам инвертерот за да догревам и ќе трошам електрична енергија“, вели тој.
Димитров објаснува дека се штеди на два начини – или се намалува квалитетот на услугите, или се зголемува енергетската ефикасност, истата услуга се добива за помалку пари, но за тоа се потребни инвестиции.
Видете и ова: Син на пратеник и поранешен осуденик дел од снабдувачите на државата со нафтаМинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, во интервју за Гласот на Америка, рече дека зимоска веројатно ќе нема доволно гас за греење и ги повика граѓаните и фирмите да штедат енергија.
„Да, веројатно е дека во текот на зимата ќе нема доволно гас за греење во Скопје. Но, како држава бараме можности за набавка од други извори, како што е соседна Бугарија“, вели Нуредини.
Премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања минатиот месец рече дека Владата нема да дозволи скопјани да останат без парно.
„Не се работи само за топлинска енергија, се работи и за снабдување со електрична енергија. Бидејќи ако престане топлинската енергија во градот Скопје тогаш ќе има пад на енергетската мрежа со оглед на тоа дека Карпош, Аеродром и Центар се проектирани за греење на топлинска енергија“, рече Ковачевски.
Руската инвазија врз Украина и војната со санкции меѓу Русија и Западот ги зголемија стравувањата во цела Европа дека зимоска нема да има доволно гас на пазарот за греење на домовите и за индустријата. Повици за штедење енергија има во цела Европа.
Еден проблем е можниот недостиг на гас, а другиот се цените кои се најмалку двојно повисоки од лани.
За разлика од другите европски земји, Македонија не е многу зависна од природен гас. Скоро 80 отсто од потрошувачката во земјава оди за парното греење во Скопје, кое по потреба може да се префрли на мазут.
Русија веќе ја прекина испораката на гас за Полска, Бугарија и Финска, а ја намали испораката и за други европски земји поради наводни технички проблеми со гасоводот. Сепак, рускиот гас преку Бугарија засега доаѓа во земјава.