Син на пратеник, поранешен осуденик како и бизнисмени од градежен сектор се дел од сопствениците на нафтените компании кои добиваат тендери за снабдување со нафта на државните институции. Државниот колач за горива го делат вкупно девет нафтени компании. Тоа е една третина од вкупно 27 фирми кои имаат лиценца и работата на македонскиот нафтен пазар.
Според податоците од владината финансиска дата база, за година ипол биле исплатени најмалку 30 милиони евра од државниот буџет за набавка на горива кон девет компании кои учествувале во тендерите за набавка на нафтени производи.
Пуцко Петрол годинава „води во освоени“ тендери
Од овие пари само за набавка на горива за греење за потребите на институциите во период од јануари минатата година до сега се исплатени речиси 12 милиони евра кон првите три фирми на листата од добитници на тендери.
За набавка на горива за греење лидери во тендерски зделки се компаниите Пуцко петрол и Супертрејд. Првата е во сопственост на Асмир Јахоски, син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и сегашен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.
Во моментов, според податоците од Централен Регистар, Асмир Јахоски е целосен сопственик на „Пуцко Петрол“. Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека вкупната вредност на реализираните тендерски договори за тековната година изнесува најмалку 4,5 милиони евра.
Само од почетокот на годинава оваа компанија од државните сметки на градинки, општини, судови, болници и државни институции за набавка на гориво за возила но и за греење наплатила 807 фактури, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени Финансии“.
Политичкиот ангажман на таткото на сопственикот Исмаил Јаоски кој пред да влезе во Парламентот како пратеник од ДУИ две децении седеше на градоначалничкото столче во општина Пласница.
На таа позиција, сега го менува неговиот брат Алија Јаоски за кој на веб страницата на општината пишува дека покрај раководење со општината е и управител на приватна компанија „Пуцко комерц“.
Албанските опозициски партии неодамна обвинија дека компанијата „Пуцко петрол “ добива тендери најчесто од општини во кои градоначалници се од редовите на партијата на Јаоски, ДУИ. Од ДУИ таквата теза ја демантираа.
На обвинувањата дека Пуцко Петрол добива многу тендери поради партиската активност на таткото на сопственикот на фирмата, Исмаил Јаоски, добивме само кус коментар.
„Никаква врска нема „Пуцко Петрол“ со мене. Јас со години не сум дел од таа фирма, побарајте го синот со него разговарајте“ ни изјави на телефон пратеникот Јаоски.
Првата антикорупционерка Билјана Ивановска вели дека актуелниот закон судирот на интереси го ограничува во рамки на директно учество во јавната набавка.
„За класичен судир на интерес може да зборуваме во случај кога службеното лице учествува во тендерската постапка, или го потпишува договорот, или пак учествува во изборот на економскиот оператор. Кога немаме судир на интереси во овој случај тогаш може да зборуваме за политичко влијание кое е најтешко докажливо и широко распространето во земјава“ вели Ивановска.
Таа објаснува дека токму политичкото влијание е најсерозен проблем кој што е тешко да се докаже во постапка, но е често очигледен. Пратеници и избрани функционира според законот може да бидат сопственици на компании, но не и управители на фирмите.
Братот на пратеникот Јаоски кој е сега наследник на градоначалничкото столче во Пласница покрај раководењето со општината, управува и со фирмата „Пуцко Компани“ која се занимава со пилење и стружење на дрво.
Во анкетниот лист на пратеникот Јаоски наведено дека поседува само две згради, деловен простр, неколку земјишни парцели и куќа и стан во Скопје. Имотот на неговиот син не е наведен во анкетниот лист.
Според законот за спречување на корупција тој е должен да достави до Антикорупциска комисија детален попис на имотот и друг имот што е во сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот.
Сопственикот на Супертрејд сведок во Плацевите на Водно
Второрангираната фирма Супертрејд од почетокот на годинава наплатила од државата 225 фактури во вредност од над еден милиони евра, покажуваат податоците од „отворени информации“. Минатата година оваа фирма оствари добивка од 3,2 милиони евра.
Горивото ќе го „изгори“ џебот на тие што годинава ќе одат на одмор
Според податоците од Централен регистар оваа компанија е во сопственост на Владимир Стајиќ кој е прогласен за почесен конзул на Србија во Македонија.
Тој беше и еден од сведоците во судскиот предмет „Плацевите на Водно“ кој беше поврзан со бизнисмени блиски до поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тој во судницата сведочеше за парцелата што ја купил на Водно во 2018 година, односно пред да ја купи фирмата на семејството на рускиот бизнисмен во земјава Сергеј Самсоненко. Стајиќ неодамна влезе и во медиумскиот сектор, стана сопственик и на веб порталот „НОВА ТВ“.
Осуден во „Керозин“ добитник на тендери за нафта
Од почетокот на годинава фирмата Тритерол Петрол ДООЕЛ до сега склучила 29 договори за јавна набавка со локални институции од централно- источниот дел од земјава. Од државните сметки наплатила 248 фактури за набавка на горива. Вкупната вредност на тендерите за набавка на гориво за греење од почеток на годинава изнесува 3,8 милиони евра. Во 2021 година оваа компанија склучила вкупно 87 тендерски договори со македонски институции во вредност од 3,2 милиони евра. Во пандемиската 2020 и 2019 година вкупната вредност на добиените тендери изнесува 1,6 милиони евра.
Сопственик на оваа компанија е Љупчо Пецов кој беше осуден на казна затвор од седум години во судскиот предмет познат во јавноста како „Керозин“.
Во предметот „Керозин“ шеснаесетмина беа обвинети дека пред 2012 година делувале како злосторничка група преку неготинската фирма „Алма комерц“ од Неготино точеле помало количество нафта отколку предвиденото со договорите за јавни набавки и со тоа го оштетиле Буџетот на РМ за речиси 3 милиони евра. Највисоки затворски казни им беа изречени на сопствениците на „Алма Комерц“ – семејството Пецови, пишува судскиот информативен портал Академик.
Според обвинението, во овој предмет оштетени биле околу 160 јавни институции, меѓу кои Владата, Царинската управа, УЈП, министерства, општини, здравствени установи, градинки. Со пресудата на Апелација беше потврдена е и конфискација на имотот од првообвинетите во вредност од околу три милиони евра.
Фирмата основана во 2013 година со адреса во Струмица, а првата лиценца за трговија со нафта ја добива во 2015 година, за една година подоцна Регулаторна комисија за енергетика под раководство на Димитар Петров да отпочне постапка за одземање на лиценцата,поради тоа што не ги исполнува условите за вршење на таа дејност.
Енергетската криза „изеде“ една гасна централа
Но, според податоците објавени на веб страницата на РКЕ, оваа компанија регистрирана овој пат во Скопје во 2021 година добива продолжување на важноста на лиценцата. Пецков влегол во сопственичката структура на „Тритерол Петрол“ во 2018 година, пишува неделникот Фокус.
Според официјалните податоци во кои имаше увид РСЕ, оваа компанија преку правните лица се поврзува и со фирмите Ангел Петрол ДОО Неготино и Алма Транспорт ДООЕЛ Неготино.
Во листата на фирми кои се добитници на тендери влегува „ДАДИ Оил“, ќерка фирма на „ДАДИ Компани“. Според рангирањето на остварени приходи за 2020 година оваа е четврта најголема компанија во нафтениот бизнис со седиште во село Јакимово, во малата општина Виница во Источна Македонија. Нејзината ќерка фирма ДАДИ Оил Јакимово, Виница годинава склучила 22 а лани 46 договори за јавна набавка на горива за греење. Вкупната вредност на 68-те тендери изнесува 1.6 милиони евра.
„Дади Компани“- Виница е основана во 1992 година и се занимава од трговија на мало и големо, до меѓународен транспорт и производство на ковано железо. Според податоците на нивната веб страна, оваа фирма поседува 5 бензиски пумпи и 130 вработени.
Ивановска - Тоа се тие локални шерифи
Тетовската фирма Повер Петрољеум од село Желино која е основана 2019 година, од почетокот на годинава добила 34 тендери за снабдување со екстра лесно гориво за греење на училишта во гостиварско тетовскиот регион во вредност од речиси половина милион евра. Сопственикот на оваа фирма Азем Хисмани се јавува и како одговорно лице во градежна компанија Инженеринг Гроуп која со истоимената општина Желино склучила 12 договори за изградба објекти.
На истата адреса на која се водат седиштата на овие две фирми, се регистрирани и десетина други фирми од слаткарница до производство на прозорци и градежни компании.
Кумановската Детоил за загревање на кумановски училишта со екстра лесно гориво и нафта за службените автомобили на УЈП склучила над 20 тендери во вредност од околу 120 илјади евра.
На истата адреса во Куманово се регистрирани уште други три фирми со име Детоил кои се занимаваат со сметководство и транспорт. Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика покажува дека оваа фирма учествува со 1,4 проценти од вкупниот увоз на нафта во земјава и дека поседува бензински пумпи со кои во продажбата на нафтените деривати учествува со 14,7 на пазарот со нафта.
Според податоците на Централниот регистар сопственици на оваа фирма се Дејан и Тони Каранфиловски. Нивните имиња се јавуваат и во сопственички структури на кумановската фабрика за заварени цевки и профили „11 Октомври“ и во компанијата „Рапид Билд“ која учествуваше во градбата на националниот гасоводен систем, канализациски системи и патна инфраструктура, индустриски објекти и станбено деловни објекти.
Анализата на јавните набавки покажува дека едни исти фирми добиваат набавки во одредени општини. Антикорупционерката Ивановска вели дека проблемот е во фер конкуренција.
„Дали има тука фер конкуренција, јас би рекла дека во оваа ситуација нема фер конкуренција. Ако од 30 фирми само 6 или седум се вртат и добиваат тендери значи дека нема фер конкуренција или има некаков проблем“ вели Ивановска.
Таа објаснува сето ова личи дека фирмите си се групираат и си го „чистат“ пазарот пред да се јават на тендерот и си го делат „колачот“. Нејзиното искуство покажува дека пазарот е поделен и дека често се знае која фирма на кој тендери ќе се јави и во кои региони ги добиваат.
„ Тоа се тие локални шерифи“, вели кусо Ивановска истакнувајќи дека токму затоа влијанието тешко се докажува.
Тендери за горива за службени возила во вредност од најмалку 4 милиони евра
Институциите купиле горива за моторните возила во периодот од јануари 2021 до денеска во вредност од најмалку 4 милиони евра покажуваат податоците од бирото за јавни набавки. Најчесто за гориво за моторни возила биле исплаќани пари кон нафтените компании Макпетрол и Лукоил.
Руската нафтена компанија Лукоил која во земјава има своја подружница од тендери за горива за службените автомобили заработила најмалку 1,6 милиони евра. Сто илјади евра помалку за истиот период заработил и акционерското друштво Макпетрол за истиот период.
Третата компанија која заработила пари од државната каса е компанијата 3-СТ Илинден која од Министерството за внатрешни работи и министерството за одбрана склучила договори во вредност од 400 илјади евра. Оваа компанија е основана во 1998 година во скопската општина Карпош, а нејзин сопственик е Тони Станковски.
Од друга страна,
Агенцијата за задолжителни нафтени резерви за година ипол исплатила речиси 4 милиони евра со цел набавка на таканаречените стратешки резерви за нафтени деривати. Од нив 2,7 милиони евра наплатила нафтената компанија Окта, додека останатите пари ги делат Лукоил и Супертрејд.
Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика покажува дека акционерското друштво ОКТА учествува со 69 проценти во увозот на нафта во земјава. По него следува Супертрејд со 11 проценти од увозот, додека останатите помалку од 20 проценти отпаѓа на другите 25 компании.
БЕГ од октомври нема да го топли Скопје, во РКЕ уште се крчка тарифникот за струјата
Според овој извештај на пазарот со нафтени деривати најголем удел во продажбата на домашниот пазар има Макпетрол со 30,25%, по што следува Супертрејд со 14,59%, Дади оил со 10,30%, Лукоил со 9,51%, Црна Река петрол со 6,94%, Окта со 6,79%, Пуцко петрол со 4,14%, Детоил со 3,80%, Јавор шпед со 3,49%, Омпетрол со 2,26% и останатите 18 трговци на големо во вкупен удел од 7,83%.
За греење со природен гас се потрошени речиси 10 милиони евра
За греење со природен гас државните болници, градинки и училишта и платиле на ќерката фирма на Макпетрол – Пром Гас 6,1 милион евра за период од 1 јануари 2021 до почетокот на овој месец. Во оваа сума не влегуваат тендерите кои со Пром Гас ги склучила Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони затоа што не се достапни на веб страницата на Бирото за јавни набавки. Но, податоците од владината дата база „Отворени финансии“ покажуваат дека вкупната сума е поголема за 3,6 милиони евра, односно изнесува 9,7 милиони евра.
Регулаторната комисија за енергетика ја одзеде лиценцата на БЕГ
Во групата на компании кои ги снабдуваат државните институции со топлинска енергија влегува и Балкан Енерџи Груп, која според владината дата база наплатила од државата 4,5 милиони евра за своите услуги. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за престанок на лиценцата за вршење на енергетска дејност производство на топлинска енергија на компанијата БЕГ, информираше претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски. Одземањето на лиценцата доаѓа откако БЕГ пријави сериозни трошоци за изминатата година, па на почетокот на 2022 година, државната ЕСМ го презеде управувањето и со парното во Скопје.
Според податоците на отворени финансии во трговијата со природен гас изминатава година влегле и фирмите Тритерол од Голема Речица, тетовско, Пуцко Петрол од Пласница како и Дади Оил од Виница со помали набавки од по 5 илјади евра.