Нов обид за евакуација од Мариупол, ОН добиваат информации за масовни гробници

Мариупол.

Договорен е нов обид за евакуација на цивилите од опколениот украински град Мариупол, а ОН соопштија дека добиваат сè повеќе информации за масовни гробници во градот. Градските власти денеска соопштија дека, според очевидци, во воздушниот напад врз театарот, кој се користеше како засолниште за цивилите, загинале 300 луѓе. Во меѓувреме, украинските сили ги потиснале руските напаѓачи од околината на Киев.

Властите во опколениот украински град Мариупол соопштија дека, според изјавите на очевидци, околу 300 цивили загинале во рускиот воздушен напад врз театарот, што се користеше како засолниште, а ОН јавуваат дека добиваат сè повеќе информации за масовни гробници во Мариупол, кој со денови е мета на жестоко руско гранатирање.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека е договорен хуманитарен коридор со Русија за да им се дозволи на цивилите да го напуштат опколениот град со приватни автомобили.

Верешчук денеска рече дека оние што ќе успеат да излезат од градот ќе можат да се возат со автобуси од блискиот град Бердјанск до градот Запорожје.

„Ќе направиме се што е во наша моќ автобусите полни со жители на Мариупол да стигнат денеска до Запорожје“, рече таа, додавајќи дека е постигнат договор за евакуација на цивилите и од градот Мелитопол.
Мариупол, кој пред војната имаше 400.000 жители, е претворен во урнатини, со загинати илјадници цивили, а десетици илјади сè уште бараат пат надвор од градот на безбедно место, бидејќи основните резерви се намалуваат.

Видете и ова: Руско семејство во Србија сместува Украинци во нивниот хотел бесплатно

По нападот на 16 март врз Драмскиот театар во Мариупол, украинските власти се воздржуваат од давање биланс на загинати, зашто не можат да ги потврдат бројките, но денеска градскиот совет соопшти дека има 300 жртви.

Шефицата на тимот на ОН за човекови права во Украина, Матилда Богнер денеска рече дека набљудувачите добивале сè повеќе информации за масовни гробници во опколениот Мариупол вклучително и една во која се чини дека има 200 тела.

Богнер рече дека смртните случаи на цивили во Украина ја надминале бројката од 1.035, додавајќи дека тимот на ОН истражува, како што изгледа, неселективни напади од двете страни во конфликтот. Сепак, украинските власти јавуваат за многу поголеми бројки на убиени цивили.
Тимот на Богнер ги истражува наводните прекршувања на човековите права, како што се извештаите дека руските сили пукале и убиле цивили во нивните автомобили додека бегале, десетици случаи на исчезнувања на украински службеници и новинари и присилното движење на цивилите на територијата под контрола на Русија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бомби, подруми и погреби: жителите на Мариупол се борат да преживеат

Русија, пак, денеска соопшти дека 1.351 нејзини војници загинале во борбите во Украина, што е првото известување за жртвите што Москва го даде по повеќе од три недели и бројка која е далеку под западните разузнавачки и украинските проценки. Според Москва, во инвазијата врз Украина биле повредени 3.850 руски војници.

Овие бројки се многу пониски од проценките на западните земји и на украинската армија. Различни западни претставници проценуваат дека бројката на загинати руски војници се движи меѓу 7 и 14 илјади, иако бројките од двете страни не можат независно да се потврдат. Украинската војска, пак, објави дека повеќе од 15 илјади руски војници загинале во борбите во изминатиот месец.

Во меѓувреме, украинските сили тврдат дека ги потиснале назад руските трупи во некои области околу Киев и рекоа дека биле успешни во нападот на руски воен брод закотвен во Азовското Море во близина на Мариупол.
Британското Министерство за одбрана денеска потврди дека Украина повторно ги зазела градовите и одбранбените позиции на 35 километри источно од Киев.

Војната во Украина низ фотографии

Западните сојузници воведоа нови санкции против Русија и ветија дека ќе испратат поголема воена и хуманитарна помош за Украина на невидена серија самити во Брисел, чија цел е да се нагласи унифициран одговор на руската воена агресија.

САД ќе работат на испорака на 15 милијарди кубни метри течен природен гас на пазарите на Европската унија оваа година во услови кога Европа се обидува да ги намали руските испораки на гас. Американскиот претседател Џо Бајден исто така најави пакет помош од 1 милијарда долари за Украина.

Тој денеска пристигна во Полска, каде што ги посети американските војници во близина на границата со Украина во градот Жешов. Во Полска има распоредено илјадници американски војници.