Ниска свест за бесплатната правна помош

Основен суд Скопје 1

Пари за бесплатна правна помош има, ама тие не се доволно искористени. Главна причините е малата информираност на граѓаните за условите и постапките за кои можат да побараат помош од државата за да може да ја остварат својата правда.

„Бесплатната правна помош е еднаков пристап до правда за лицата кои поради неповолна финансиска состојба не се во можност да ги остварат и заштитат своите права пред судовите и останатите државни органи“. Вака на сајтот на Mинистерството за правда почнува видео рекламата во која на сликовит и јасен начин се објаснуваат условите за добивање бесплатна правна помош со цел подобро информирање на граѓаните. Иако секоја година во буџетот се одвојуваат средства наменети за бесплатна правна помош, малку граѓани знаат дека имаат право на таква помош, доколку исполнуваат одредени услови.

Бојана Неткова е адвокатка која веќе три години работи на предмети со бесплатна правна помош. Таа вели дека и покрај сите напори за информирање на граѓаните за оваа тема, свесноста на граѓаните не е на задоволително ново.

„Свеста е прилично слаба, еве јас се имам соочено со две странки кои ги исполнуваат условите за бесплатна правна помош, а се јавуваат кај мене како адвокат приватно да ги застапувам. Свесноста е сведена на нула, но тоа не е резултат само на законот за бесплатна правна помош, туку е поттикната и од другите закони. Најверојатно ќе треба да се направат некој вид на отворени денови, повеќе пати годишно во вид на некоја канцеларија која би функционирала постојано. Секој граѓанин кој има каков било проблем и не знае каде да се обрати ќе може да дојде таму и да се информира“, вели Неткова.

И годинава Министерството за правда обезбеди буџет од 5 милиони денари за оваа мерка за граѓаните. Во делот на искористеноста на средствата, годинава има напредок, велат од министерството.

„Во првите четири месеци од оваа година искористеноста на оваа алатка оди добро, што за жал минатата година не беше таков случај. Исто од 5 милиони искористени беа само 1,5 милион денари или една третина не беа искористени. За жал, нашиот впечаток е дека граѓаните не се добро информирани. Тоа секако е на наша одговорност како министерство кое ќе треба во идниот период поинтензивно да комуницира со граѓаните за да им објасни какви права имаат со оваа алатка“, вели Александар Видиновски,портпарол на Министерството за правда.

Видете и ова: Ќе биде ли правдата подостапна со намалените судски такси?

Законот за бесплатна правна помош предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош. Примарната правна помош ја даваат овластени лица од Министерството за правда или од подрачните одделенија кои ги има по градовите во внатрешноста на државата. Примарна правна помош даваат овластени здруженија. За тоа кои се условите за добивање бесплатна правна помош, Видиновски посочува:

„Месечниот приход на барателот на БПП кој живее сам не треба да го надминува износот од минимална нето плата од 12 000 денари. Месечниот приход на барателот кој живее во семејство да не го надминува износот од 15 000 денари месечно. Има и услови околу имотот. Барaтелот и членовите на семејството да имаат само еден станбен објект, или да имаат површина на земјиште не поголема од 500 метри квадратни во градот или 5000 метри квадратни во рурални средини. Оваа мерка е наменета за најзагрозената категорија граѓани кои навистина не можат да ги платат трошоците за суд, а имаат потреба од правда“, истакнува Видиновски.

Неткова вели дека со новиот Закон за бесплатна правна помош условите за добивање на бесплатна правна помош се подобрени, прагот е подигнат, но според неа проблем не се условите, туку примената на овој закон во пракса.

„Проблемот тука се неусогласеноста на законите меѓу себе. На пример во новиот закон предвидено е и вештачењата како дополнителни трошоци да влегуваат под капа на бесплатна правна помош. Но, сега се соочуваме со проблем во примената бидејќи единствено надлежен орган за вештачења е Бирото за судски вештачења, а на тоа биро му недостасуваат експети во одредени области, до пред 2 месеца немаа доволно геодети, а барањата од БПП одат во таа насока, имотна делба, иселување итн. И еве мене еден таков предмет ми стои во застој веќе 4 месеци, а ако приватно ангажирам вештак, вештачењето ќе ми биде готово за една недела,“ посочува Неткова.

Упатените апелираат граѓаните да аплицираат за бесплатна правна помош пред да почне постапката, а не откако се одржало првото рочиште.

Новиот закон за бесплатна правна помош стапи на сила во октомври 2019 година. Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Дотогаш не се покриваа судски такси, трошоци за вештачење и сл., што беше пречка за многумина да добијат заштита заради дополнителните трошоци. Сега таа пречка е отстранета. Со новиот закон, корисниците на бесплатна правна помош се ослободуваат од судски трошоци и од трошоци за вештачење и тоа ќе се врши од Бирото за судски вештачења без надомест.