Срамота е во градот на македонскиот ракомет, Битола, уште да се игра во спортска сала што ја направил другарот Јосип Броз-Тито, а и таа е упропастена, вели Гино Стрезовски, поранешен ракометар, тренер и редовен професор по ракомет на Факултетот за физичка култура во Скопје.
Тој како рецензент присуствуваше на промоцијата на колекцијата на шест книги, три цедиња и два софтвер за спорт од професорот Николче Костовски во Битола и при тоа се осврна на спортската инфраструктура што ја има Битола.
„Срамота е Битола да нема сала. Она што го имате не е сала. Тука доаѓаат екипи од светски ранг, е не оди да го искршат автобусот патувајќи три саати од аеродромот во Скопје до Битола и да играат на минус 20 степени во салата. Ќе ве исклучат од Лига на шампиони. Да нема Битола сала за пет до седум илјади гледачи, срамота е за цела Македонија. Заслужува Битола ултрамодерна сала, не да ја направи Битола, туку Македонија, се знае што значи Битола за македонскиот ракомет”, рече Стрезовски.
Видете и ова: Салата се реновира, ракометарите на Пелистер ќе играат на гостиНатпреварите во ракомет, а и во други спортови со исклучок на фудбал во Битола се уште се играат во некогашната спортска сала „Младост“ изградена во 1975 година, во меѓувреме преименувана по македонската ракометна легенда Боро Чурлевски.
За време на претходната локална власт предводена од СДСМ имаше реконструктивни зафати на покривот кој претходно прокапуваше и замена на дотраени дограма со цел објектот да биде енергетски ефикасен.
Исто така веќе неколку години се спроведува и проект за затоплување на салата, но често се случуваше да не биде загреана.
Градоначалникот од новата локална власт Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ најави изградба на мултифункционален спортски комплекс.
„Главен предуслов за промоција на спортот и за негов развој се условите во кои спортистите тренираат или се натпреваруваат преставува спортската инфраструктура, токму затоа капитален проект што ќе го реализира оваа локална самоуправа е изградба на спортски комплекс во вредност од 184.500.000 денари. Ќе вклучува голема и мала спортска сала, а ќе бидат изградени на просторот на поранешната спортска сала“, рече Коњановски.
Битола преку својот ракометен клуб Пелистер постигнала голем број на спортски успеси на домашно и меѓународно ниво, даде многу успешни ракометари, а љубовта на младите кон овој спорт продолжува и натаму иако условите за тренинг во салата не се на високо ниво.