Науката потценета, малите плати ги загрижуваат професорите

Студенти, факултети, студент. УКИМ.

Мали плати, многу државни факултети, премалку издвојувања за наука, универзитетските професори на УКУМ имаат заеднички проблеми и со очекувања гледаат кон Владата. Професори посочуваат дека во сите истражувања на Балканот во нашата земја тие имаат драматично најниски примања.

Квалитетот на науката е доведен под знак на прашање. Дел од универзитетските професори стравуваат дека продолжување на политиката на маргинализација на научните работници ќе значи крај на довербата во знаењето во земјава.

Моментално тие се соочуваат со прашањето, ќе продолжат ли да добиваат и онака мали плати. До ова доаѓа откако Министерството за образование, кое во изминатите 10 години ја одложува одлуката за зголемување, деновиве најави можност од зголемување од пет проценти во септември. Ова тие го толкуваат како политики маркетинг и велат дека тоа не е решение за наталожените проблеми во високото образование.

Од Независниот академски синдикат наведуваат дека не се задоволни од најавата на МОН за зголемувањето на платите од пет проценти со оглед дека високото образование и науката со години се запоставувани.

За илустрација, професорката Маја Стевановиќ од Драмскиот факултет во Скопје вели дека според податоците од 2018 година, во однос на 2010 година, буџетот на државата пораснал за 34 проценти. Просечната плата во државата е порасната за 14 проценти, а просечната плата во образованието за околу 12.

„Зголемувањето со децении во високото образование е запоставувано и има минимален раст на плати од четири проценти. Ако направиме споредба со платите во регионот ситуацијата е уште полоша за Македонија. Плата на редовен професор во земјава е 553 евра, зборуваме за основица без надоместоци за минат труд кој Министерството не ги ни исплаќа. Најниска плата во регионот е во Србија која е илјада евра“, вели професорката Стевановиќ

Видете и ова: Без пари, нема наука

На Косово и во Босна плата на редовен професор е 1200 евра, а во Хрватска 2000 евра.

Продеканката на Правниот факултет во Скопје, Неда Здравева, вели дека во земјава мит е оти професорите на универзитетите имаат високи плати, и оти таа е во некој среден износ од она што го земаат просечно државните службеници.

„Добра е најавата за зголемување од пет проценти, но со тоа зголемување нема да дојдеме до позиција која одговара на звањето и вложениот труд, се надевам дека таа тенденција на зголемување на платите ќе продолжи во иднина и универзитетските професори навистина ќе го добијат заслуженото како награда за нивната работа која влијае на севкупниот општествен и економски напредок на државата, бидејќи професорите и универзитетите се оние кои го создаваат кадарот на државата и според тоа треба соодветно да бидат наградени“, вели продеканката Здравева.

Платите на сите факултети не се исти

Инаку платите во земјава на сите факултети на УКИМ не се исти. Во дел од нив има можност и за надополнување на платата од 500 евра од сопствени средства, но голем дел факултети или околу една третина немаат средства и остануваат на она што МОН го исплаќа.

Платите во високото образование од сопствени средства зависат од бројот на студенти на одредени факултети.

Професорите сметаат дека зголемувањето од пет проценти не е доволно да ги задржи студентите кои си заминуваат од земјава. Денеска студентите се почесто си заминуваат, а најчесто станува збор за најдобрите кадри кои имаат највисоки оценки.

Универзитетската професорка Јасна Бачовска од Правниот факултет вели дека парите што се издвојуваат за наука се потценувачки.

„Kатастрофална е состојбата значи, имајќи предвид колку се одвојува од буџетот мислам дека е околу 0,5 проценти за разлика од развиените земји каде четири проценти се издвојуваат за наука. Многу е деградирачки кога универзитетски професори зад кои стои 20 годишно образование кои носат голема општествена одговорност на образување и правење на умот на државата и ја претставуваат државата надвор на меѓународни конференции да се зборува за зголемување на плата од пет проценти. Високото образование пропаѓа и тоа се последици на една погрешна политика која траешe повеќе од 15 години. Зголемување на платите на професори спаѓа во категорија на политички маркетинг, потребна е стратегиска реформа зашто гледаме деца кои треба да ги задржиме“, вели професорката Бачовска.

Со 250 евра не се оди на меѓународна конференција

Мали пали, премногу отворени државни факултети, премалку издвојувања за наука, универзитетските професори на УКУМ имаат заеднички проблеми и со очекувања гледаат кон Владата. Тие од неа бараат да поведе сметка за поголеми инвестирања во образованието и науката потсетувајќи дека во новиот Закон за високо образование зборот Влада се споменува 36 пати.

„Не може да купиме една поевтина книга во месецот од таа палата, а да не зборуваме дека нема пари за инфраструктура поддршка за развој на еден професор, а тоа е патувања на меѓународни конференции одење на саеми итн. Нашата меѓународна инволвираност која е единствен начин во науката да се развиваме немаме поддршка. Пример мене факултет само со 250 евра може да ме поддржи да учествувам на некоја меѓународна конференција. Дали со тоа да ја платам картата, престојот таму и ред други трошоци кои ги носи едно патување“, вели Бачовска.

Професори посочуваат дека од сите државни универзитети кај нас УКИМ е меѓу најслабо платените што не е случај на пример со универзитетот во Тетово и во Штип.

Профeсорите велат дека платите во високото образование делуваат демотивирачки и оти затоа целта им е да дискутираат за овие проблеми за да се најде модел за некое подобрување.

Професорката Стевановиќ вели дека денес да се биде универзитетски професор не само што не атрактивна работно место во однос на некои стопански гранки од приватниот сектор, туку и во споредба со други гранки од јавни сектори.

Видете и ова: Нова академска година со стари проблеми

„Ако порано не можевме да ги задржиме најдобрите студенти од техничките струки кои приватниот сектор ги земаше сега веќе истото се однесува и на други струки и ако продолжи овој тренд на високото образование веќе по неколку години ќе почнува да му се случува да биде во иста ситуација како што претходно беше доведено основното и средното да не биде посакувана професија во која ќе остануваат најдобрите, туку напротив најголем дел од вработените да бидат оние кои не може да најдат работа на друго место“, вели професорката Стевановиќ

Професори велат дека има сè поголемо незадоволство на УКИМ од платите и оти никој не е задоволен од парите почнувајќи од хигиеничарките и ненаставниот кадар, па сè до редовен професор.

Професор Горан Ајдински и поранешен декан на Филозофскиот факултет вели дека за да тргнат работите, конечно треба високото образование да се оддели во засебно министерство.

„Да има посебно одвоени министерства, како што беше порано, Министерство за образование и Министерството за наука и тогаш работите ќе се канализираат зашто е премногу големо МОН со многу ингеренции и не може да се решат работите“, вели професор Ајдински.