Знамето на НАТО свечено е подигнато пред Собранието, откако пратениците едногласно го ратификуваа протоколот за членство на Македонија во Алијансата. За ратификација на Североатлантскиот договор гласаа 114 пратеници, немаше против и воздржани. Останува уште Шпанија да го ратификува протоколот и Македонија да стане 30 земја членка на НАТО. Гласањето за овој договор со одложено дејство е затоа што Собранието треба да се распушти пред одржувањето на предвремените парламентарни избори предвидени за 12 април.
Во обраќањето пред Парламентот на седницата за ратификација на договорот, претседателот на државата Стево Пендаровски рече дека членството во најмоќниот воен сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност. Со стапувањето во НАТО, нашата одговорност се зголемува, а реформите не запираат, рече претседателот Пендаровски.
„Како врховен командант на нашата Армија, лично се обврзувам дека ќе продолжиме со реформите во одбраната, а пред сè во модернизацијата на опремата на Армијата, подигнување на подготвеноста на нашите старешини и војници и зајакнување на нејзините капацитети да ги препознава и да се справува со безбедносните ризици. Во таа насока, ќе продолжам да инсистирам и да работам на зголемување на буџетот за одбраната до, најмалку 2 отсто од нашиот бруто домашен производ“, рече Пендаровски.
Тој рече дека членството во НАТО немаше да биде возможно без длабоките политички промени коишто се случија во изминатите години, како политиката кон соседите и решавањето на споровите.
„Компромисите коишто ги направивме не беа ниту едноставни, ниту лесни. Но, договорот за решавањето на спорот со името и стратешко партнерство со соседна Грција, познат како Преспанскиот договор, и договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, се клучните одлуки коишто не донесоа до целта во однос на членството во НАТО. Нивното доследно спроведување и спроведување е единствениот пат кон зајакнувањето на нашето стратешко партнерство, сега, како држави сојузнички во НАТО, но и останатите субјекти во пошироката меѓународна заедница“, рече Пендаровски.
И техничкиот премиер Оливер Спасовски говореше за сторените компромисите за да може државата да стане членка на Алијансата, осврнувајќи се на договорите со Грција и со Бугарија, кои, како што рече, од тотална излоација на меѓународната сцена направија пресвртница и ја вратија државата на агендата на ЕУ и НАТО.
„Денес можеме гордо да кажеме дека времињата на несигурност и нестабилност се зад нас. С. Македонија е на јасен чист пат заедно со најсилните сојузи во свет. Одиме по тој пат кој ни обезбедува подобар и повисок стандард, посигурни граници и припадност кон семејство од нации ориентирани кон иднината . Од оваа најголема и благородна цел нема отстапување. С.Македонија станува 30. земја членка на НАТО“, рече Спасовски.
И Спасовски и координаторот на СДСМ во Собранието Јован Митревски во своите говори му се заблагодарија на доскорешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев за неговата улога за интеграцијата во Алијансата.
Пратеникот Никола Мицевски, кој е координатор на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека партијата нема намера да ја загрози определбата и заслуженото членство во НАТО, на кое се чека со години.
Претставниците на парламентарните групи во Собранието кои се обратија од говорницата се осврнаа на своите заслуги и на нивниот придонес кон членството во НАТО.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече патот кон НАТО не беше лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти.
По изгласувањето на пратениците им се обрати вршителот на должноста претседателот на Парламентарното собрание на НАТО Атила Местерхази.
На собраниската седница присуствуваат и поранешни претседатели, премиери и претседатели на Собранието, лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадори од земји членки на НАТО.
НАТО очекува напролет Северна Македонија да стане членка на Алијансата. Тоа го изјави денеска претставничката на САД во НАТО, Бејли Хачинсон на брифинг во Брисел.
„Мислам дека до летото знамето на Северна Макеоднија ќе биде до другите 29 знамиња. Ќе бидеме среќни напролет да ја поздравиме Северна Македонија“, изјави таа на брифинг.
Според неа, државата завршила огромна работа спроведувајќи неопходни реформи за да одговори на барањата на НАТО.
Договорот за членство беше потпишан пред една година во седиштето на Алијансата во Брисел. На 6 февруари минатата година, по потпишувањето на договорот, министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека Македонија веќе не е сама, сега има 29 сојузници. Потоа останатите земји членки на Алијансата го ратификуваа протоколот, а поради политичката криза во Шпанија и изборите, се уште се чека на зелено светло од нив.
Властите во земјава очекуваат Шпанија да го ратификува протоколот во март. Според процедурите во Шпанија предлог законот за ратификација прво поминува во комисијата за надворешна политика, а потоа и во двата дома на Парламентот, за на крај Кралот да го потврди тоа што Претставничкиот дом и Сенатот го усвоиле и законот да стапи во сила. Потоа протоколот се испраќа во Стејт департментот на САД и завршува процесот.
Пред седницата за ратификација на протоколот, која е закажана за 15 часот, претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе има куси средби со гостите од регионот кој се поканети да ја следат седницата. Свечената седница ќе ја следат делегации од парламентите на Црна Гора, Албанија, Бугарија, од Парламентарното собрание(ПС) на НАТО и од хрватската делегација во ПС НАТО. На седницата за ратификација на договорот ќе се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски. Во Собранието се поканети и техничкиот премиер Оливер Спасовски ипоранешните претседатели на државата, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов и лидерите на двете најголеми партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Видете и ова: НАТО лидерите најединствени за приемот на С. Македонија
Што всушност е ратификувано?
Во Собранието се ратификува Северноатлантскиот договор, потпишан во Вашингтон на 4 април 1949, потоа изменет со Протоколот кон договорот за пристапување на Грција и Турција, потпишан во Лондон на 17 октомври 1951. Договорот има 14 члена. Меѓудругото тој предвидува потписничките на договорот да се обврзат да решат каков било меѓународен спор во кој тие можат да бидат инволвирани, со мирни средства, на начин со кој нема да бидат загрозени меѓународниот мир, безбедноста и правдата и дека во рамки на своите меѓународни односи ќе се воздржат од закани или од употреба на сила, на каков и да е начин што не е во согласност со целите на Обединетите нации.
Понатаму потписничките поединечно и заеднички ќе си помагаат во развивањето на способностите да се спротивстават на оружени напади. Договорот предвидува и страните да се консултираат која некоја од нив е под закана по територијалниот интегритет, политичката независност или по безбедноста на која било од страните.
„Страните се согласни дека оружениот напад против една или повеќе од нив во Европа или во Северна Америка ќе се смета за оружен против сите нив и поради тоа се согласни дека доколку се случи таков оружен напад, секоја од нив, ќе и помогнат на страната или на страните кои се нападнати, преземајќи – поединечно и во соработка со другите страни, мерки што се сметаат за неопходни, вклучувајќи и употреба на оружени сили, заради возобновување и одржување на безбедноста во Северноатлантската област“, предвидува договорот.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во пресрет на ратификацијата на протоколот пред припадниците на Армијата во касарната Илинден рече дека за две ипол години во Армијата е направен пресврт, зголемен е буџетот во одбраната, побарани се измени на законите за да се направи Армија која ќе личи на Армија на НАТО земја и оживеан е процесот за зачленувањето во Алијансата.
„Ние нашиот дел од задачите во поглед на НАТО членството ги завршиме. Очекувам Законот за одбрана исто така да биде поддржан во Собранието. Буквално до членството во НАТО не делат денови, не веќе години, не веќе месеци, туку денови и тоа е наш и ваш голем успех“, рече министерката во обраќањето до војниците.
Во изјава за медиумите министерката Шекеринска кажа дека пресвртот и промените се видливи и според интересот за последниот објавен конкурс за прием на нови професионални војници. На конкурсот за 70 места се пријавија околу 750 кандидати.
Патот до НАТО
Македонија има поминато доста долг пат до НАТО. Приказната започна на крајот на 1993, кога Собранието усвои Резолуција за членство во сојузот. Во 1999 година, на Самитот во Вашингтон, Македонија стана кандидат за полноправно членство во НАТО.
Во 2008 имаше неуспешен обид за зачленување, поради грчкото вето. На почетокот на 2019, откако беше решен повеќедеценискиот спор за името со Грција беше потпишан протокол за членство во Алијансата. Додека земјата не стане полноправна членка, државата е дел од телата и органите на НАТО, но без можност да гласа.
Колку ќе не чини членството?
НАТО се финансира на директен и индиректен начин. Директното финансирање се однесува на НАТО буџетите, тоа се воениот буџет, цивилниот буџет и НАТО инвестициската програма за безбедност. За оваа ставка земјата ќе треба да одвои околу два милиони долари годишно за директно финансирање. А индиректното финансирање, претставува грижата за одбраната во својата земја, инвестиции во армијата и опремата и за таа ставка треба да се оствари прагот од 2 отсто од БДП да се одвојува за одбрана. За годинава е предвидено Македонија да одвои околу 1,5 отсто од БДП за одбрана.