По скоро три недели прекин на наставата , учениците денеска повторно се вратија во школските клупи. Наставниот кадар беше во штрајк барајќи почитување на колективните договори и усогласување на нивните плати со минималната, која во февруари беше покачена на 18 000 денари. Штрајкот на изненадување на многумина од наставниците беше запрен вчера во попладневните часови, кога излезе синдикалниот лидер Јаким Неделков и најави дека „штрајкот се става во мирување“.
Видете и ова: Учениците се враќаат на училиште, штрајкот ставен во мирувањеОд СОНК како причина за ваквата одлука го наведоа добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решавање на работните спорови. Ова практично значи дека сега претставници на синдикатот заедно претставници на Министерството за образование ќе треба да изнајдат решение за проблемот.
Голем дел од наставниците беа изненадени од ваквата одлука бидејќи, како што велат, штрајкот за кој веруваа дека ќе го врати достоинството на наставниците, сега се претвори во работен спор меѓу СОНК и МОН.
Наставниците шокирани од одуката на СОНК
Професорот Сергеј Дамовски, од скопската гимназија „Орце Николов“ вели дека е разочаран, но не и изненаден. Потсетува дека и пред осум години СОНК организираше штрајк во образованието, кој заврши на сличен начин и го продлабочи незадоволството на наставниците. Затоа е дециден дека сега синдикалниот лидер Неделков мора да си поднесе оставка, владата да преземе одговорност и да работи на обезбедување поквалитетно образование, но и опозицијата да не заборави што ветувала во текот на овие три недели штрајк.
„Ако сакаат да го решат проблемот околу платите, треба да ги спроведат тие 18,4%усогласување со најмизерната минимална плата во државата од некои 12 000 денари. Потоа во колективниот договор да го вратат законскиот минимум од 18 00 денари, и да го помножат со 2.5 коефициент. Толку е. Во спротивно ништо не е готово, проблемот само ќе се продлабочува“, дециден е Дамовски.
Наставата во неговото училиште денеска продолжи да се одвива редовно, исто како во Битола, во средното училиште „Таки Даскало“ каде како психолог работи Марија Младеновска- Димитровска. Вели дека сите наставници од денеска држат настава, а учениците се вратени во училишните клупи. Сепак не крие дека е крајно разочарана од ненадејниот прекин на штрајкот.
„Наставниците се чувствуваат крајно понижени, длабоко омаловажени, изманипулирани, крајно деградирани пред се од своите синдикални лидери и тоа беше шок за сите нас. Мислам дека не оди во прилог ниту на учениците за чиј интерес се залагаме сите, и ние како наставници, но ни во прилог на наставниците и целото синдикално движење и социјалниот дијалог којшто го имаме со владата“, вели таа.
Вели и дека најмногу ги шокирало тоа што одеднаш штрајкот се претворил во своевиден работен спор.
„Незадоволството е огромно кај наставниот кадар. Да се дрзне некој да организира штрајк 20 дена во којшто се вклучени не само 20 00 наставници туку и ученици и родители, да трпи образовниот процес, наставниците да бидат сите овие периоди изложени на крајни притисоци, омаловажувани од пошироката јавност и од сите, а притоа да се излез на крајот со едно вакво решение“, вели психологот.
Никој не знае како ќе се надоместат изгубените часови
Наставата денеска непречено продолжи и во средното училиште Шаип Јусифи од Шуто Оризари. Како што објаснува директорот Доан Сулејмановски, учениците во ова школо не изгубиле од наставата бидејќи од колективот од 40 наставници, штрајкувале десетина.
„Кај нас одредена помала група штрајкуваше, а друга во интерес на учениците и по нивно убедување одржуваа настава. Генерално кај нас немаше целосен прекин на воспитно-образовениот процес. И денеска најнормално по распоред се одржува настава“, вели Сулејмановски.
Видете и ова: Павиќевиќ: И учениците да одлучуваат како ќе се надополни изгубената настава
Од друга страна, пак, матурантката Викторија Брдаровска, од средното медицинско училиште во Битола „Д-р Јован Калаузи“ денеска тргна на училиште по прекин од три недели. Се надева дека нема да има нови прекини на наставата бидејќи и онака имаат изгубено премногу и дека матурантите беа најпогодени од сите случувања
„Ние изгубивме премногу. Два месеци изгубивме од втора година, цела трета година ја поминавме онлајн, четврта со продолжениот распуст и сега со штрајкот, веќе една и пол година не сме во училишните клупи со редовна настава“, вели таа, задоволна што конечно се вратија на редовна настава.
Ниту наставниците, ниту директорите со кои денеска контактираше РСЕ немаа одговор на прашањето како ќе биде надокнадена пропуштената настава. Сите одговорија дека чекаат насоки од МОН.
Едни честитаат, други критикуваат
Како што најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, веќе бил избран медијатор за спорот меѓу МОН и СОНК. Таа вчера изјави дека ако наставниците не се вратат на работа бидејќи сега штрајкот е ставен во мирување, согласно Законот за работни ќе се смета дека се неоправдано отсутни и може да ја изгубат работата.
За медијатор кој ќе го води спорот меѓу МОН и СОНК била избрана Драгица Исаиловска- Митровска, правничка по професија, со долго работно искуство.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ реагираа дека со ваквите закани за прекин на штрајкот и бркање на наставниците, се загрозува нивното основно право загарантирано со Устав.
„Правото на штрајк е загарантирано со Устав, а владата се однесува спротивно на тоа, како и со се што до сега правеше. Заканите на Тренчевска дека ќе ги брка од работа оние кои ќе штрајкуваат е газење на авторитетот и достоинството на просветните работници“, порачаа од најголемата опозициска партија.
Од најголемата партија на власт пак СДСМ ја поздравија одликата за продолжување на наставата по отсуство од речиси три недели.
„Прекинот на штрајкот на СОНК и процесот на помирување се добра шанса дијалогот да продолжи. Таа шанса треба да се искористи за да се дојде до решение во интерес како на наставниците така и на учениците“, порачаа од СДСМ.
И од Министерството за образование и наука порачаа дека одлуката на СОНК е во интерес на учениците и со неа се обезбедува уставно загарантираното право на образование на децата.
Видете и ова: Пандемија, онлајн, па штрајк - учениците изгубија навика за учењеПретседателот на СОНК, Јаким Неделков вчера појаснување дека не се работи за целосен прекин на штрајкот, туку во моментов тој само е ставен во мирување сѐ додека трае решавањето на спорот.
„Ова е само почитување на законот, доколку не се договориме, повторно ќе го активираме штрајкот. Уверени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот“, изјави вчера Неделков.
Сепак ова не беше доволно убедливо за наставниците кои доцна попладнето во поголем број излегоа на протест пред канцеларијата на СОНК и побараа оставка од синдикалниот лидер.
Штрајкот во образованието започна на 11-ти април, а беше поддржан од поголеиот дел од наставниците, независно дали се или не се членови на СОНК. Наставниците одеа на училиште за време на штрајкот, но не држеа настава.
Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5% односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари, како и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Инаку владата по две недели од штрајкот понуди 12 % повисоки плати за наставниците, но ова беше одбиено од страна на синдикатот.