Факултетите не постојат само за да се држaт предавања. Во нив е потребно да се инвестира и во истражувања и проекти од областа на науката, велат дел од професорите и студентите. До нивните коментари доаѓа откако деновиве Министерството за образование и наука го најави новиот начин на финансирање на високото образование што треба да го замени неефикасниот модел кој е стар 40 години.
Петар Барлаковски од Младинскиот образовен форум вели дека е важно МОН да има на ум оти судбината на истражувањата на факултетите е неизвесна затоа што државата не обезбедува доволна фанансиска поддрша за научни проекти. Баралоковски вели дека младите си заминуваат не само од егзистенцијални причини, туку одат на престижни факултети на кои се инвестира во наука. Македонија има стручен кадар, но треба само да им се обезбедат услови, вели Барлаковски.
„За жал наштето инвестирање на научниот фонд со 0.02 процента е најслабо во регионот. Во Словенија тој процент е 2,2. Тоа што не се вложува во науката резултира и со импактот што таа наука може да го има и врз квалитетот на високото образование. Можеме да видиме дека голем дел од факултетите се соочуваат со слаб истражувачки развој особено во областа на истражувачките трудови. Не се инвестира во науката, па и професорите и студентите немаат сретства дури да имаат желба и идеја да спроведат научно истражување, за жал и се сочуваат со прездизвиците да ги обезбедат сретствата“, вели Петар Барлаковски од МОФ.
Тој коментира дека загрижувачко е што студентите не се доволно вклучени во академската сфера на студирање и воопшто не истражуваат на некои теми или не произведуваат научни трудови, за разлика од студентите во западно европските земји кои постојано се вклучени во истражувачки трудови.
Новиот модел на финансирање произлегува од законот за високо образование донесен пред една година и предвидува три столба. Првиот столб подразбира исплата на фиксен буџет за секоја високо образовна институција според бројот на студенти. Вториот предвидува договори меѓу МОН и секоја високо образовна институција, а третиот предвидува сретства за финансирње иновативни проекти на факултетите.
Барлаковски вели дека допонително проблем за факултетите, особено од областа на природните науки и техничките науки, е што не се доволно обезбедени со материјали и опрема и тоа влијае да нема вложувања во создавање научен труд
„Се уште работат експерименти на опрема стара повеќе од 30 години. И на техничките факултети прават експерименти на стари апарати кои не се во тек со современите модерни начини како што треба да функционира еден машински или електро факултет. Поради ова студентите вистински не ја учат материјата и тоа не ги мотивира“, вели Барлакоски.
Според продеканката на Правниот факултет во Скопје Неда Здравева, важно прашање во финансирањето на високото образование е да се овозможат и промени во достапноста и пристапот до материјали кои се потребни за работење на професорите и студентите.
„Еден факултет не може соодвено да работи и соодветно да продуцира кадар без за тоа да има соодветна опрема и дополнителни или во некои ситуации основни материјали кои се потребни за работење, без современ актуелен пристап до бази на податоци, меѓународни истражувања, меѓународна литертура која се печати. Очекувањата од универзитетската заедница е дека ќе продуцира истражувања и ќе продуцира кадри кои ќе одговараат на современите текови на светско ниво, но пристапот и достапноста на материјали кои ги имаме не одговара на тие очекувања“, вели продеканката на правниот факултет Неда Здравева.
Засега освен тоа што се овозможуваат платите на наставниот и ненаставниот кадар и се покриваат комуналиите, финансиите за обезбедување на другите трошоци факултетите вообичаено ги добиваат од пари што ги уплаќаат студентите како партиципација и школарина.
Продеканката Здравева вели дека единствениот начин на кој дел од факултетите може да одговорат на потребите е да обезбедуваат алтернативни извори на финансирање преку различни проекти и донации кои се актуелни за да ги постигнат резултатите кои од нив се очекуваат.
Професорите велат дека се надеваат оти оваа состојба ќе се промени.
Од МОН наведуваат дека идеата е да направат реформа со одвојување на повеќе средства од оние кои досега се издвојувале за високото образование и да ги мотивираат установите да се залагаат што повеќе за добивање поголеми буџети. Најголем удел во финансирањето и натаму ќе има првиот столб. Во тој дел, од МОН рекоа дека се работи за истиот основен износ како и досега, но се прецизираат критериумите врз основа на кој ќе се добиваат парите.