Над 24 илјади граѓани во земјава кои се целосно имунизирани против ковид-19, односно ги примија двете дози од вакцината може да добијат сертификат дека се вакцинирани.
„Сертификатите за примена вакцина и ревакцина може да се подигнат на вакциналниот пункт каде граѓанинот ги примил двете дози вакцини или да ги подигнат од матичен лекар. Сертификатите се бесплатни за сите граѓани, ни одговорија од Министерство за здравство.
Документот може да се добие во електронска форма или пак да биде испечатен. Сертификатот дека некој примил две дози од вакцината против коронавирусот е двојазичен, на македонски и на англиски јазик, а покрај личните податоци содржи и податок за тоа кога и каде се примени двете дози од вакцината, како и тоа за кој тип на вакцина станува збор. Документот содржи посебен код кој докажува дека лицето е имунизирано против ковид-19 и има електронски печат од Министерство за здравство. Според податоците на Министерство за здравство во земјава се вакцинирани над 160 илјади луѓе, од нив повеќе од 24 илјади ги примиле двете дози. А повеќе до 318 илјади луѓе изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk
Видете и ова: Последни подготовки пред ЕУ да ги отвори границите за туристиДокументот со кој се потврдува имунизацијата ќе треба да им служи на луѓето да патуваат без притоа да прават ПЦР тест за ковид или пак да имаат доказ дека го прележале вирусот. Документот од матичниот лекар може да се земе лично или да ви го пратат по меил.
Матичните лекари, пак, велат дека издавањето сертификати им е дополнителна обврска и дека тие треба да издават документ за нешто што не го сработиле.
„Ние матичните лекари во моментот, ако нешто набавуваме, тоа е тони хартија и тонери и принтери, тоа редовно обновуваме, бидејќи моќноста на нашите принтери не е за толкав обем на печатење. Ниеден матичен лекар, како што се смееме меѓу нас, не е печатницата Киро Дандаро од Битола, а сега ни доаѓаат пациенти по две примени дози вакцина и ни бараат сертификат“, вели претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лилија Чолакова-Дервишова.
Таа вели дека трошоците им се огромни, оти во тек на пандемијата за секој кој е на боледување печатат по три листа хартија кога ќе добие решение за боледување од Комисија, а некои пациенти се и по неколку месеци на боледување и одат на комисија по неколкупати. Потоа тука се и секојдневните телефонски јавувања за комуникација со ковид пациенти за што месечно за телефон трошат и по 10 илјади денари, а сега на ред се и сертификатите за вакцина, за што ќе отидат уште неколку илјади листови хартија.
Ставот на матичните лекари, вели доктор Чолакова-Дервишова е овие сертификати да се печатат на лице место, таму каде што лицето добило втора доза од вакцината.
„Ако пациентот се вакцинирал во сабота, би се јавува во сабота вечер и бара да му го испечатите документот и да му го пратите оти му треба за интервенција за следниот ден во осум сабајле. Кој дома има принтери и тонери, по цел ден и сабота и недела да нема мир. Многу ми е криво што не сме опфатени во ниедна мерка на владата, комплетно не заборавија, а не натоварија со обврски, но изостана зборот браво, изостана почитта, изостана наградата“, вели доктор Чолакова-Дервишова.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Олеснувања за вакцинираните
Во некои земји во кои се имунизирани повеќе граѓани има и олеснувања за оние кои примиле вакцини. Во Германија, на пример, полицискиот час нема да важи за тие кои се вакцинирани. И Србија најави олеснувања, а за да ги мотивира граѓаните да се вакцинираа воведе и парични награди. Во Израел, кој е на прво место по имунизирани граѓани, оние кои се вакцинирани може да присуствуваат на настани како концерти и спортски натпревари. Во ЕУ, пак, се уште трае дебатата за таканаречените зелени пасоши, односно што ќе се бара за да им се дозволи на граѓаните од трети земји да влезат во Унијата без никакви ограничувања. Во САД препораките се дека вакцинираните може да се дружат меѓусебе во затворен простор без маски и дистанца, не мора да носат маска на отворен простор, освен во гужви, не мора да одат во карантин и да се тестираат после патување во и надвор во земјата итн.
Здравствените власти во земјава, пак, засега не планираат олеснувања за оние кои примиле вакцина.
„Сега е временски период во кој ние треба да постигнеме процент на вакцинација којшто ќе биде доволен за да се стекне таканаречениот колективен имунитет“, рече министерот за здравство Венко Филипче во интервју за РСЕ.
Владата донесе одлука да ги олесни анти-ковид мерките, воведени за сузбивање на ширењето на третиот бран од заразата ,па сега полицискиот час ќе трае од полноќ до 4 часот наутро, угостителките објекти работат, но само на терасите и во отворените делови, повторно можат да се одржуваат обуки и семинари, се отвораат салите за спорт и вежбалниците, но се уште има забрана за одржување свадби и концерти, а важи и мерката да се носи маска и на отворено.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во земјава почна масовна вакцинација на почетокот на овој месец откако пристигнаа 200 илјади дози од кинескиот производител Синофарм. Претходно се иминизираа лекари и припадници на таканаречената критична инфраструктра со вакцини на Фајзер и на Спутик Ве, а постарите се вакцинираа со АстраЗенека. Деновиве во земјава се очекуваат уште 100 илјади дози на Синофарм, а треба да пристигне и втора пратка од 38.400 вакцини АстраЗенека преку Ковакс механизмот. До крајот на месецот треба да пристигнат и 500 илјади дози од кинеската вакцина Синовак.
Но не сите вакцини се признаени од Европската агенција за лекови (ЕМА) и од Светската здравствена организација (СЗО). ЕМА досега одобри вакцини од „Фајзер“, „Модерна“, „Џонсон и Џонсон“ и „АстраЗенека“.
Според предлогот на ЕК, сите лица кои доаѓаат од т.н. трети земји, кои биле вакцинирани со една од овие вакцини, можат да патуваат во ЕУ.
И СЗО ги има одобрено истите вакцини, а пред неколку денови ја одобри и вакцината на кинескиот производител „Синофарм“ за итна употреба. Taa е првата вакцина против коронавирус одобрена од СЗО, која не е развиена на Запад.