Мојсова-Мијовска: Луѓето се повеќе ја разбираат важноста на дарувањето органи

Доктор Маја Мојсова-Мијовска, национален координатор за трансплантација на органи и ткива

Во изминатите три години во Македонија беа направени успешни трансплантации на срце, коскени ткива и црн дроб. Во 2023 година се планира да се изврши трансплантација на очни ткива. Во разговор за РСЕ, доктор Маја Мојсова-Мијовска, национален координатор за трансплантации на органи и ткива, вели дека свеста за важноста на органодарителството е зголемена, а чинот на дарување го опишува како најблагороден и најхуман.

Доктор Мојсова-Мијовска во пандемиската 2020 се случи трансплантација на срце, лани трансплантација на коскени ткива, a годинава успешна трансплантација на црн дроб. Бројките на извршените операции се охрабрувачки. Докторке, расте ли свесноста за важноста на донирањето органи?

Па, мислам дека порасна свесноста, реално со оглед на тоа колку повеќе имаме донации, можеби тоа не е некоја импозантна бројка која ќе се трка со европските земји или Америка, но во секој случај имаме зголемување на бројката. Она што е најмногу впечатливо за мене, е дека во суштина семејствата веќе знаат за што зборуваме. Јасна им е процедурата, можеби не целата, но јасно е што правиме и што докажуваме и што бараме од нив кога ќе докажеме мозочна смрт. Веројатно вие сте исто една многу важна карика во подигањето на свеста. Трансплантациите имаат голем импакт врз медиумите, а медиумите врз граѓаните, па во секој случај, тука сме некаде заедно во однос на градењето на некаква свест и мислења во однос на оваа тема. За жал, во светот има многу пациенти коишто чекаат органи, не може да се достигне нивото колку што е потребата се поголема, не може да имаме толку органи, но во секој случај мислам дека и нашите граѓани заслужуваат да бидат ставени на листа на тие на кои им откажуваат органите, да имаат можност да добијат орган и да имаат квалитетен живот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Маја Мојсова-Мијовска: Нема похуман чин од дарувањето орган

Повеќето од операциите се направени со донирање органи на пациенти со мозочна смрт. Како изгледа постапката на убедување на оние кои ги загубиле најблиските да ги донираат нивните органи за да спасат друг живот?

Веројатно тоа е најтешкиот дел и за мене и за колегите коишто работиме во овој процес. Прво сите пациенти се со мозочна смрт, не повеќето туку се сите пациенти мозочно мртви. Тие лежат во интензивните лекувања поради некаква повреда, може да е крварење, може да е инсулт или други случувања во мозокот. Мозокот сам по себе се наоѓа во черепот каде што е тесно местото и кога ќе се случи некаков настан како крварење, тој мозок отекува и во суштина некои пациенти се за операција, некои не се. Генерално тоа што ние го работиме е во суштина отвореноста и искреноста со семејствата во текот на лекувањето и тоа е многу важно. Не значи дека веднаш доаѓаме до дијагноза мозочна смрт. Ние гледаме да го спасиме мозокот, како што гледаме да ги спасиме и сите други органи, но ние не можеме да делуваме на промените и ги водиме семејствата во однос на тоа дека е лоша состојбата и според нашите знаци имаме сомнежи за мозочна смрт и дека правиме мозочни испитувања.

Колку време им треба на семејствата да одлучат дали ќе донираат орган?

Семејствата реално, се наоѓаат во многу тешка ситуација. Тоа е моментот кога губите свој и треба да одлучите за дарување, некогаш им треба повеќе време зависи, секое семејство своја приказна, некогаш се толку свесни семејствата што викаат да, добро знаевме, не водевме знаевме дека ќе дојде до тоа и реално брзо ја носат одлуката, некогаш споро. Ние имаме одредено законско и професионално право за 6 часа да треба да одлучат дали ќе даруваат или нема да даруваат. Реално она што многу ме радува e дека во разговорите што ги водиме, може и да не даруваат, еве и да одлучат да не даруваат, ама разбираат за што говориме. Тоа ме радува, комуникацијата за нивното разбирање. Да, можеби последната одлука ќе биде не, ама разбираат за што зборуваме. И тоа е подигање на свеста во однос на органодарителството. И тоа се тие чекори, проодување. Сега веќе можеби и не се проодувачки, сега имаме проодено дете, кое треба да го израснеме. Сметам дека и вие медиумите направивте голем впечаток известувајќи за овие работи и тоа што говориме сега за мозочната смрт е многу важно, за да допреме до граѓаните и да знаат за што се работи. И на тој начин мислам дека сме на добар пат. Денес зборував дека ја добиваме човечката димензија. Мислам дека ова е единствен процес во кој се гледа човечка добрина и благородност. Лесно се дарува на некој што го сакаме, што ние близок и драг, но во вакви случаи тие не знаат на кого даруваат. И ние не знаеме во тој момент, туку подоцна ги бараме листите на пациенти кои чекаат орган.

Видете и ова: Дарувањето органи за некого значи живот, државата треба повеќе да го афирмира

Долга ли е листата на пациенти кои чекаат да им биде трансплантиран некој орган и колку е воопшто тешко да се биде на тој список?

Има пациенти многу особено за бубрези, тоа е поголема бројка на пациенти кои се на дијализа. Но, не сите од тие пациенти може да бидат приматели на орган, поради други комплексни состојби. Постојат протоколи кој може да влезе на листа. Не се влегува тешко на листа, но каде е тешкотијата во суштина? Тоа е дека примателот кој сака да се најде на таа листа, треба да се испита по системи, според една „чек-листа“ според која ќе се заклучи дека се е солидно и дека одговара на критериумите кои се поставени. И нормално треба да се направат имунолошките испитувања со оставање серум на Институтот за трансфузија за да може кога ќе имаме донор да најдеме пациент кој ќе го прими. Целиот процес е малку потежок затоа што побарува дополнителни испитувања, па креирања упати итн. Сега сме на идеја да отвориме амбуланта којашто ќе работи само со дијализните пациенти за да може побрзо да се процесираат за да се стават на листа. Можеби некои од нив ќе се стават на листа, можеби некои нема да бидат соодветни и нема да може да се приматели затоа што ќе го загрозиме нивниот живот. Значи мора да се измерат работите, што добива, што губат. Трансплантираме за да пациентите бидат работоспособни, општествено одговорни, за да имаат квалитетен живот, но доколку имаат некакви други заболувања коишто може да го загрозат животот, ние не би ги загрозиле. Пациенти на листа за бубрези се многу, мислам дека и не се допроцесирани истите, за црн дроб се некаде 15-тина, а за срце ни е мала листата бидејќи пациентите кои побаруваат срце кога веќе им е во крајна фаза на работењето, имаат и друга можност, а тоа е да им се стави апарат којшто ја подобрува функцијата на срцето и ги надминуваат овие проблеми.

Дел од вашите колеги сметаат дека е потребен поорганизиран пристап од здравствените власти во смисла на поголема кампања преку која ќе се истакне значењето на донирањето органи? Планирате ли кампања со која ќе се променат работите?

Генерално ние кампањите ги немавме, единствена кампања беа трансплантациите, во суштина медиумското известување за нив беше единствена кампања што повлече гостувања на телевизии мое, па и на лекарите од тимот коишто работиме заедно, па од другата страна тие што трансплантираа. Па, се говореше многу во овој период. Кампања како кампања нас ни е смислена и се надевам дека ќе најдеме и медиум каде би ја остварила таа кампања. Исто така една од кампањите која сметам дека е многу важна е да допреме до децата, не најмалата возраст кои не можат да ја разберат темата, туку да допреме до средношколците, ќе побараме во наредната година и Министерството за образование да се вклучи во тоа. Еве да почнеме од Скопје. Да направиме некакви дебатни, панел дискусии во кои и тие ќе прашаат, ќе дознаат за проблемот, што се случува, кога се случува оти нели не е секоја смрт за донирање. Така да имаме идеи. Дали тоа институционално ќе успееме да го оствариме, не можам да ви кажам. Исто така она што е многу важно е да се отвори административниот дел, системскиот, кој треба да се отвори во Министерството за здравство, којшто ќе опфати повеќе профили на администрација за да го поддржат овој цел процес и за да можеме да имаме и некаква соработка надвор од земјата можеби и за некоја едукација, но можеби и на некое друго ниво. Тоа се мои визии коишто ги имам, а дали ќе се остварат не можам да ви кажам во моментот, ама ќе работиме на тоа.