Марко од Кавадарци има само една година, а боледува од имунолошка болест, поради која му е итно потребна трансплантација на матични клетки.
Бидејќи во семејството нема компатибилен дарител, неговите родители бараат донор, кој би можел да помогне на нивното дете за да се изврши трансплантацијата.
Неговата мајка Маја вели дека состојбата се влошува со секој поминат ден и колку побрзо се најде донор толку побрзо ќе може да се изврши трансплантацијата.
„Марко само што наполни една година пред две недели. Од ден на ден неговата состојба се влошува и колку побрзо се најде донор толку побрзо ќе се реши ситувацијава бидејќи неопходна му е трансплантацијата“, вели Маја.
Како Марко има уште многу други деца но и возрасни на кои што им е потребна трансплантација.
Според статистиките, 50 000 луѓе во светот годишно имаат потреба од трансплантација на матични клетки за лекување на тешки заболувања на крвта.
Со зголемување на бројот на доброволни дарители во дарителскиот регистар за коскена срцевина се зголемуваат шансите за пронаоѓање на соодветен дарител за пациентите чии единствен спас е трансплантација на матични клетки.
Коскената срж или коскена срцевина е фабрика на крвни зрнца. Пресадувањето на матични клетки се врши со користење на матичните клетки од коскената срцевина.
Каков е интересот кај граѓаните за дарување?
Професорот д-р Мирко Спироски е имунолог, основач и прв директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје. Сега е основач и директор на Научна фондација Спироски која што има и дарителски регистар за срцевина покрај државниот регистар.
Вели дека интересот кај македонските граѓани за дарување е се уште мал бидејќи дарувањето на коскена срцевина е најмалку и најдоцна афирмирано.
„Во светската асоцијација на дарители на срцевина Македонија е регистрирана со околу 2.500 дарители. Ако тоа го анализирате со популација од 2 милиони, добивате покриеност или ангажираност на нашата популација со 0,12 проценти, Словенија на пример има осум пати повеќе отколку кај нас или Хрватска на пример има десет пати повеќе регистрирано во дарителските регистри. Во нашата земја недостасуваат повеќе активности, повеќе дарителски регистри, поголем број на потенцијални дарители на коскена срцевина“, вели професорот Спироски и додава дека последниве години се прават напори и чекори вотој дел, но потребни се уште повеќе кампањи и информирање на јавноста.
Кој може да дарува и каква е процедурата?
Професорот Спироски објаснува дека секој на возраст од 18-50 години кој е здрав и има над 50 килограми може да се пријави за да донира коскена срцевина.
„Се зема примерок односно се зема брис од устата, се потпишува согласност и на тој начин се влегува во регистарот и доколку се погоди донорот да биде компатибилен за некој пациент, истиот се повикува за да почне процедурата на дарување“, вели професорот.
Процедурата на дарување подразбира дека преку специјална машина се зема крв од едната рака, ги филтрира матичните клетки и потоа ја враќа крвта во другата рака. Оваа процедура трае од 4-5 часа.
По завршувањето на процедурата ќесата со матичните клетки се дава на пациентот на кој му е потребна трансплантација.
Друг начин на дарување е под анестезија во операциона сала да се извади одредена количина коскена срцевина.
Со дарувањето на коскена срцевина може да се лекуваат многу болести, потенцира професорот.
„Најмногу, најчесто и најефикасно се лекуваат малигните заболувања на крвта, тоа се лекумија и други малигни заболувања, на второ место се тешки нарушувања на крвта, но во последниве години тие индикации на болести кај кои што може ад се користи се прошируваат и некаде околу 70 болести може да се излекуваат со трансплантаија на коскена срцевина или матични клетки“, објанува професорот Спироски.
Кавадарци се солидаризира со едногодишниот Марко
Во помош на семејството за потрагата по донор се вклучи и општината Кавадарци.
На две места во Кавадарци вчера организирано се земаа брисеви, за да се помогне да се најде компатибилен дарител на едногодишното дете.
За родителите на Марко оваа акција е од голема надеж дека ќе се најде соодветен дарител.
„Се надевам многу на оваа акција затоа што има доста луѓе кои што се пријавуват и тие што не знаат и тие што не не знаат, така што надежта ни е голема. Меѓу нас нема компатибилен донор и се надеваме со овој апел дека ќе најдеме“, вели Маја.
Дарувај срцевина – спаси живот
На клиниката за хематологија многу одамна постои центар за трансплантација на срцевина кој што е многу ефикасен, вели имунологот Спироски.
Пред 19 години за првпат беше изведена трансплантација на матични клетки и досега се реализирани повеќе од 550 интервенции.
Во ноември 2018 година за првпат беше изведена првата трансплантација на матични клетки од несроден донор и досега изведени се 8 такви трансплантации, достапни за македонските осигуреници.
„Овие пациенти немаат друг начин на лекување затоа ние велиме дарувај срцевина дарувај живот затоа што немаат друг живот освен ако некој друг им го подари преку трансплантација на коскената срцевина“, вели професорот Спировски.
Бидејќи Марко нема компатибилен дарител, зависи од добрината на непознати луѓе за да се справи со имунолошката болест која му го загрозува животот.
Надежта вели неговата мајка е дека оваа и слични акции ќе го зголемат бројот на учесници во регистрите во нашата земја и ќе ги зголемат шансите за да се идентификува компатибилен дарител за Марко, но и за други граѓани од нашата земја кои имаат ваква потреба.
„Надежта е многу голема, со оваа акција е голема шансата и надежта и за сите други дечиња и возрасни кои се со истиот проблем и се надевам дека не само за Марко туку може да биде од глема важност и придонес за сите што имаат потреба од трансплантација на матични клетки“, вели Маја.