Донаторите на органи, коскена срцевина или крв често се случува некому да подарат нов живот, со оглед на тоа дека во моментов медицината преку трансплантација третира десетици болести. Но, како повеќе да се поттикне дарителството на органи?
Во изминативе две години Македонија забележа значителен напредок во оваа област, како што укажуваат и повеќе здравствени работници. Се случи првата успешна трансплантација на срце, по што следуваа уште пет такви. Клиниката за ортопедски болести оваа година ја оцени како успешна за коскена трансплантација во земјава, бидејќи осум пациенти добија ваков третман. Исто така, на 16 пациенти им беа трансплантирани бубрези.
Но, сѐ уште е потребна многу работа за натамошен развој на оваа сфера, велат лекарите. Тие посочуваат дека е потребна системска организација за поттикнување и зголемување на свеста за важноста на донирањето на органи.
Пензионираниот професор д-р Мирко Спироски е имунолог - основач на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје. Сега тој е основач и директор на научната Фондација Спироски, која има сопствен регистар за донирање на коскена срцевина.
Тој вели дека, иако во последниов период е направен значителен исчекор со донирањето, државата сѐ уште ја нема потребната подготвеност за да поттикне организациска поставеност, но и убедување на населението да дарува солидни органи и ткива.
„Кај нас состојбата е многу лоша, дарителството не е афирмирано соодветно. Од друга страна, дарителството на крв е извонредно добро афирмирано, тоа е долготрајно присутно и многу ефикасно и ги покрива сите потреби за крв во нашата држава. Според тоа, дарителството постои како облик и како чувство на одговорност кај луѓето за учество во него“, вели д-р Спироски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Сепак, во однос на земјите од Западен Балкан, дарителски регистри за срцевина има само во Македонија и Србија, додека тоа не е случај во Албанија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.
Досегашниот министер за здравство Венко Филипче во едно од неговите последни обраќања пред повлекувањето од функцијата, рече дека за прв пат во земјава била направена трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител.
„Тоа е уште еден голем дострел на македонското здравство“, рече Филипче.
Инаку, научната Фондација Спироски е невладина организација која има сопствен Регистар за донирање на коскена срцевина. Постои и државниот Регистар во Институтот за имунобиологија и хумана генетика.
Со овој процес на донирање на коскена срцевина е можно да се третираат многу болести, но главно тоа се прави за третман на малигни заболувања на крвта, односно за леукемии.
Луѓето доколку сакаат да донираат, треба да се пријават, а потоа добиваат насоки за целата понатамошна процедура, објаснува д-р Спироски: Секој донатор самостојно си зема брис од образ, а потоа во коверт го испраќа материјалот директно во научната Фондација. Оттаму се праќа во акредитирана лабораторија во САД каде што се тестира генетскиот состав на потенцијалниот дарител. Резултатите потоа се враќаат во Фонадацијата и се внесуваат во базата на Светската асоцијација за дарителски регистри.
Д-р Спироски вели дека дарителството на солидни органи е многу комплициран процес кој не е едноставен за спроведување, организација, изведување и убедување на луѓето. Оваа процедура не била афирмирана во земјава, се до минатата година, кога според него државата направила крупен чекор со трансплантации на срце и бубрези...
„Дарувањето на матични клетки, односно коскена срцевина е исто така присутно, меѓутоа во многу помала мера во однос на други земји. Имаме многу мала ефикасност во тоа дарување, односно дарителите кои се согласиле да даруваат, се во многу мал број. Исто така, и бројот на потенцијалите дарители е многу мал, тоа е бројка од два или три дарители, не повеќе. Бројките се мали бидејќи свесноста за важноста на оваа процедура е на многу ниско ниво и не постои соодветна програма која би допринела за поттикнување на поголем број луѓе кои би се пријавиле да даруват срцевина“ - вели Спироски.
Според податоците на Меѓународниот регистар за донирање и трансплантација на органи, земји со најголем број на донирани живи органи се Турција, Израел, Исланд, Холандија, Саудиска Арабија, Нов Зеланд и САД.
Најмногу донирања на органи од починати, има во САД, Шпанија, Португалија, Хрватска, Австрија... Македонија засега се наоѓа подолу на овие листи.