Москва и Белград ќе продолжат со обидите да влијаат врз изборите во Црна Гора

Црна Гора - Гласање на претседателските избори

Москва и Белград ќе продолжат со обидите да влијаат на ситуацијата во Црна Гора во следниот изборен циклус, според Даниел Сервер, професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс и Ивана Страднер, научен соработник во Фондацијата за одбрана на демократиите во Вашингтон. 

„Москва и Белград ќе направат се за да ја искористат црногорската демократија против самата Црна Гора“, изјави Сервер за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Страднер пак смета дека „Русија заедно со своите партнери од Србија ќе ги продолжи информативните операции преку контролирани медиуми со цел да влијае на изборите“.

Таа исто така додава дека не би била изненадена од сајбер напади кои ќе го парализираат системот.

За поддршката на Милатовиќ

На 2 април во Црна Гора ќе се одржи вториот круг од претседателските избори, на кои ќе се соочат кандидатот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ и кандидатот на Движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ. Ѓукановиќ во првиот круг доби 35,3 отсто од гласовите, а Милатовиќ 28,9.

Со оглед на тоа што Милатовиќ за вториот круг веќе ја доби поддршката од тројца кандидати од актуелното парламентарно мнозинство, кои во првиот круг освоија околу 32 отсто од гласовите, тој важи за фаворит.

Даниел Сервер

Сепак, Сервер вели дека „не би го исклучил Ѓукановиќ од играта“ и додава дека „не е убеден во тврдењата дека проруските политичари можат да бидат демократи“.

„Тоа е контрадикторно“, забележува Сервер.

Страднер пак нагласува дека Црна Гора се наоѓа во поларизирана и многу чувствителна ситуација, што во голема мера го покажува фактот што кандидатот на прорускиот Демократски фронт (ДФ) Андрија Мандиќ ги повика приврзаниците да гласаат за Милатовиќ.

„Имајќи предвид дека Мандиќ со години е носител на руската политика во Црна Гора и има блиски врски со властите во Белград, тоа доволно зборува. Црна Гора е членка на НАТО и овие избори се важни. Србија ја користи Црна Гора за своите политички претензии“.

Таа наведува дека Русија отворено го поддржува Мандиќ и дека немирите во Црна Гора ќе одговорат на тоа:

Ивана Страднер, Американски институт за демократија, Вашингтон

„Особено затоа што е членка на НАТО и лесна цел. Доколку имаше немири, тоа ќе го отвори прашањето како НАТО ќе одговори“, вели таа.

Мандиќ беше кандидат на претседателските избори.

Тој е лидер на најбројниот сојуз на парламентарното мнозинство, просрпската и проруската ДФ, близок до Србија и претседателот Александар Вучиќ.

Иако тоа не го истакна во кампањата, неговиот Демократски Фронт долго време се залага за укинување на санкциите против Русија, напуштање на НАТО и повлекување на признавањето на Косово.

За тројното влијание

„Западот не треба да биде наивен бидејќи матрицата е позната преку активностите на Српската православна црква (СПЦ), Москва и Белград“, изјави Страднер за РСЕ.

Сервер вели дека е тешко да се процени што би ѝ донела победата на Милатовиќ на Црна Гора.

„Се надевам дека тој разбира дека влијанието на СПЦ и Белград во Црна Гора не е здраво за нејзината демократија или нејзините перспективи за европска интеграција“.

Видете и ова: Кои се кандидатите за претседател на Црна Гора?


Имено, Милатовиќ беше министер во Владата на Здравко Кривокапиќ, која дојде на власт по парламентарните избори во 2020 година, со кои заврши тридецениското владеење на ДПС. Кривокапиќ оваа влада ја нарече „апостолска“, а формирана е под доминантно влијание на Српската православна црква.

Шефот на набљудувачката мисија на Европскиот парламент, Тонино Пицула, го истакна влијанието на СПЦ врз првиот круг од претседателските избори, кој рече дека дел од нивната грижа е поддршката на црквата за некои кандидати.

Два дена пред изборите, Српската православна црква објави соопштение во кое ги замоли гласачите да не дозволат „враќање на периодот на политичка криза што кулминираше со конфликтот меѓу поранешната влада (ДПС) и православната вера“.

Коментирајќи го првиот круг од претседателските избори, американската амбасада во Подгорица соопшти дека очекуваат Црна Гора да остане активен сојузник на НАТО, „кој и од кандидатите да победи“.

„Силно посветени на евроатлантските вредности, вклучувајќи ја и поддршката за Украина и санкциите против Русија, додека брзо напредуваат на патот кон членство во Европската унија“, велат тие во одговорот за Гласот на Америка.

Влијанието на вториот круг на парламентарните избори

На прашањето како исходот од претседателските избори може да се одрази на предвремените парламентарни избори, Сервер вели дека „со вистински демократски избори не може однапред да се знае исходот“, но дека треба да се очекува влијанието на Србија и Русија во изборниот процес.

Во случај на пораз на Ѓукановиќ во вториот круг, Сервер вели дека тоа би влијаело на неговата партија во однос на демократските процеси „во кои можноста за промена на власта е неопходност, а не трагедија“.

Страдер очекува дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе продолжи да ја дестабилизира Црна Гора, бидејќи демократскиот Западен Балакан не му одговара на неговото авторитарно владеење:

„Вучиќ секогаш ескалира во Црна Гора, а потоа деескалира, користејќи го тоа за неговите преговори со Западот, позиционирајќи се како фактор на стабилност во регионот, така што Западот „мора“ да има добри односи со Белград, за да не ескалира Балканот, особено сега кога Русија ја води војната во Украина“.

За жал, како што наведува, Западот паѓа на тој трик што Вучиќ го користи во БиХ и Косово.

Видете и ова: Ескобар тврди дека се наѕира руско мешање во изборите во Црна Гора

Таа оценува дека Русија заедно со своите партнери од Србија ќе продолжи со информативните операции преку контролирани медиуми за да влијае на изборите.

А дека ова влијание постоело и во првиот круг, забележале и набљудувачите на изборите во Црна Гора, кои истакнале дека две приватни телевизии во сопственост на структури од Србија известувале пристрасно.

Заклучокот од мониторингот на Бирото за социјални истражувања - БИРОДИ во Србија, кој утврди дека неколку телевизиски станици со национална фреквенција го промовирале Мандиќ како српски кандидат, а Ѓукановиќ како антисрбин, противник на СПЦ и шеф на коруптивно-криминален режим, дојде до сличен заклучок.

Претходните парламентарни избори се одржаа во август 2020 година. Тенкото парламентарно мнозинство го освоија просрпскиот Демократски фронт, Демократите и Граѓанското движење УРА, со што заврши тридецениското владеење на ДПС. Периодот од две и пол години го одбележа институционална криза, пад на две влади и неможност за формирање трета.