Достапни линкови

Кои се кандидатите за претседател на Црна Гора?


Гласање на претседателските избори во Црна Гора
Гласање на претседателските избори во Црна Гора

Кандидати со корупциски афери, обвиненија и руски врски, некои со просрпска, некои со процрногорска ориентација, како и еден инфлуенсер од социјалните мрежи се борат за претседател на Црна Гора на денешните избори.

Граѓаните на Црна Гора денеска избираат претседател на државата меѓу седуммина кандидати. Избирачките места се отворени од 7 до 20 часот, а право на глас имаат 542.154 граѓани.

Изборите се одржуваат во ек на политичка и институционална криза во земјата. Во изминатите две и пол години, од парламентарните избори во август 2020 година, беа сменети две влади, а парламентарното мнозинство не успеа да формира трета.

Претседателот Мило Ѓукановиќ на 16 март го распушти Парламентот, а ден подоцна распиша предвремени парламентарни избори за 11 јуни оваа година.

Мило Ѓукановиќ

Актуелниот претседател и лидер на опозициската Демократска партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ е сериозен кандидат за нов мандат. Неговата партија беше на власт три децении, од 1990 до 2020 година. Во тој период Црна Гора ја обнови независноста и влезе во НАТО. Ѓукановиќ исто така беше вмешан во бројни криминално-корупциски афери. Тој беше премиер во седум и претседател во два мандати.

Андрија Мандиќ

Лидерот на досегашното парламентарно мнозинство Андрија Мандиќ од прорускиот Демократски фронт е вториот кандидат на изборите. Мандиќ е близок со српските власти и со претседателот Александар Вучиќ. Тој е неправосилно осуден за обид за насилна промена на власта во 2016 година. Случајот повторно е пред Вишиот суд во Подгорица.

Протести во Подгорица поради укинат имунитет на опозициски лидери
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00

Јаков Милатовиќ

Поранешниот министер за економија Јаков Милатовиќ од Движењето Европа сега е третиот кандидат. Тој беше министер во првата влада по соборувањето на ДПС на Ѓукановиќ во 2020 година. Тој е коавтор на програмата со која беа зголемени платите во Црна Гора. На изборите во Подгорица во октомври 2022 година Движењето Европа сега оствари резултат кој им овозможи да добијат градоначалник на главниот град.

По денешното гласање, тој рече дека се вклучил во претседателската трка за да го порази Ѓукановиќ. На новинарско прашање, дали ако не влезе во вториот круг, ќе поддржи некој кандидат, тој рече дека тоа е речиси невозможно, но оти никогаш нема да го поддржи Ѓукановиќ.

Алекса Бечиќ

Лидерот на Демократска Црна Гора Алекса Бечиќ е поранешен претседател на Парламентот. Неговата партија, заедно со Демократскиот фронт и Движењето УРА, ја освои власта во 2020 година. Се кандидираше откако Движењето Европа сега одби коалиција со нив.

Горан Даниловиќ

Даниловиќ е кандидат на просрпската партија Обединета Црна Гора. Тие се залагаат за повлекување на признавањето на Косово и укинување на санкциите против Русија.

Мандиќ, Милатовиќ, Бечиќ и Даниловиќ се блиски до Српската православна црква.

Драгиња Вуксановиќ Станковиќ

Пратеничката од опозициската Социјалдемократската партија на Црна Гора е единствената жена кандидат на овие избори. Партијата од која доаѓа има граѓанска процрногорска ориентација.

Јован Радуловиќ

Инфлуенсерот Јован Радуловиќ Јоџир исто така поднесе кандидатура за претседател.

Ова се четврти претседателски избори од обновувањето на независноста на Црна Гора и осми од воведувањето на повеќепартискиот систем.

За претседател на Црна Гора ќе биде избран кандидатот кој ќе добие повеќе од половина од важечките гласови на избирачите кои гласале.
Доколку ниту еден кандидат не го добие потребниот број гласови, вториот круг од изборите ќе се одржи за 14 дена, односно на 2 април.

Во вториот круг учествуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови.

Претседателот на државата ќе се избира со мандат од пет години.

Првите прелиминарни резултати се најавени за 21 часот.

Според анкетите на јавното мислење, извесен е втор круг од изборите, во кој се очекува да влезе актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ, а за противкандидат се борат Мандиќ, Бечиќ и Милатовиќ.

Изборите денеска ќе ги следат набљудувачи од мисијата на ОБСЕ, Советот на Европа и набљудувачката мисија на Европскиот парламент, која ќе ја предводи известувачот за Црна Гора Тонино Пицула, како и набљудувачи од локалните невладини организации.

XS
SM
MD
LG