Од прогласувањето на епидемијата на мали сипаници во Скопје на 2 јануари, по повеќе од четири месеци прогласена е и епидемија на територијата на целата држава. Досега регистрирани се 961 заболен, од кои 60 проценти се надвор од Скопје. Регистрирани случаи на морбили има во 20 градови во земјата. Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство во вторникот кога ја прогласи епидемијата донесе и низа мерки за спречување на ширењето на мали сипаници. Тие се однесуваат на забрана за прием на невакцинирани деца во градинка. Потоа спуштање на возраста за вакцинирање од 12 на 6 месеци. Сите над 14 години што не се вакцинирани ќе може да се вакцинираат. Забрана има и за посета во болница како и задолжителна вакцинација на сите здравствени работници со две дози од вакцината, студенти и наставен кадар.
„Прогласувањето на епидемијата е со цел да се спроведат дополнителни мерки за да се спречи натамошното ширење, да се намали бројот на нови инфекции и да се спречат тешките форми на ова заболување. Малите сипаници се сериозно заболување. Може да доведат до тешки компликации, воспаление на мозок, воспаление на белите дробови, да доведат до оштетување на видот и глувост, а може да бидат превенирани со една безбедна вакцина“, вели епидемиологот Владимир Микиќ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Апели за поголема имунизација
Мерките не се однесуваат на основните и средните училишта, бидејќи нивното посетување на настава е задолжително и Комисијата за заразни болести тоа не може да го забрани. Но, всушност и најголем број од заболените се деца на возраст под шест години. Има и помал број на деца кои се во основно училиште, особено тие кои посетуваат настава од прво одделение. Мал процент има на заболени кај повозрасните групи. Во моментов повеќе од 70 деца се хоспитализирани. Повеќето од нив се на инфективната клиника, а дел се на клиниката за детски болести. Досега од компликации од болеста починаа три бебиња. Министерот за здравство Венко Филипче апелираше за поголема имунизација.
„Кога е вирусот веќе тука, треба да изгори за епидемијата да спласне. Секако дека бројот на вакцинирани деца и лица колку е поголем, толку пократко ќе биде времето коешто треба да помине за да оваа епидемија заврши. Целосно се спремни капацитетите на инфективната клиника и еден посебен оддел во специјалната болница за детски болести во Козле“, посочи Филипче.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на прес конференција изјави дека освен веќе дадените препораки ќе ги преземат сите мерки за што поголема имунизација.
„Дополнително ќе ги интензивираме како Влада и министерството за здравство мерките за вакцинирање на невакцинираните деца се додека имунизацијата во нашата земја не го достигне она ниво со цел да бидеме ослободени од опасностите кои ги предизвикуваат морбилите, односно епидемијата да дојде до својот крај“, рече Бошњаковски.
Првите случаи на мали сипаници беа забележани при крајот на минатата година, кај пет деца кои ја посетувале градинката „Ташко Караџа“ во скопската населба Радишани. Градинката беше привремено затворена, а во меѓувреме беше регистриран и уште еден случај на заболен возрасен маж. Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници во населбата и тогаш информираше дека во Скопје опфатот на вакцинирани за 2017 година е 78 отсто, а треба да биде над 95 проценти, додека во 2016 година, кога се родени децата кои сега се заразени со морбили, бил само 67 проценти. На 2 јануари беше прогласена и епидемија во Скопје, а наредниот ден беше воведена и привремена мерка за забрана на невакцинирани деца да посетуваат градинка. Тогаш очекувањата на министерот Филипче беа дека епидемијата ќе заврши за две недели.
Две категории на луѓе кои се противат на вакцини
Од појавата на првиот случај, според епидемиологот Микиќ, вакцинирани се 19 400 деца на територијата на цела држава, но се уште има околу 24 илјади деца кои не се вакцинирани.
„Постојат две категории на лица коишто се противат на вакцинација. Некои се колебаат, коишто мислат дека треба да ја одложат вакцинацијата или не се сигурни во безбедноста или ефикасноста на вакцините и постои онаа таканаречена група коишто се убедени дека вакцината не делува за жал што е сосема погрешно“, порачува тој.
Видете и ова: Вакцинација дозирана со стравАферата со старите декларации кај дел од вакцините предизвика загриженост за квалитетот на вакцините во земјава. Но, министерот Филипче уверуваше дека вакцините биле исправни, само била погрешна декларацијата. Граѓанска иницијатива против задолжителна вакцинација поднесе иницијатива до Собранието за промена на Законот за заразни болести. Иницијативата ќе се разгледува по изборите. Елена Павлеска, која е дел од иницијативата тогаш изјави дека тие бараат вакцинирањето да биде по избор на родителот.
„Не сме против вакцинација. Само сакаме сето тоа да биде ублажено и усмерено за родителите да имаат поголема сигурност во сето тоа што се случува во здравството денес“, изјави Павлеска.
Најновата студија која беше објавена неодамна и спроведена на околу 650 илјади деца во Данска, кои биле родени од 1999 до 2010 година покажала дека вакцината МРП не го зголемува ризикот од аутизам, ниту предизвикува аутизам.
Сомнежите за поврзаноста на вакцината со аутизмот се појавија во 1998 година по студијата на Ендру Вејкфилд, кој бил финансиран од адвокатска фирма која сакала да ги тужи производителите на МРП. Во 2010 година тој ја изгуби медицинската лиценца, а студијата беше повлечена откако истрагата покажа дека Вејкфилд ги изменил или погрешил податоците. Професорката Александра Грозданова вели дека стравот од исправноста на вакцините е неоснован.
„Но, мора да бидеме свесни дека е присутен кај родителите. Особено поради големиот број на невистини, шпекулации и многу нестручни информации, што се шират низ социјалните мрежи. Ние се надеваме дека преку транспарентност и одговорност во работењето и тоа на секое ниво и секако многу подобра комуникација со родителите, првенствено од страна на здравствените работници дека севкупно ќе се подобри состојбата. Враќањето на авторитетот и довербата во јавното здравство е она што е апсолутно потребно и на коешто мора да работиме“, вели Грозданова.
Прекинати бремености поради морбили
Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство соопшти дека две бремени жени кои имале или прележале морбили донеле одлука да ја прекинат бременоста. Додека друга бремена жена која исто така се лекувала од морбили имала спонтан абортус на мртов плод. Според клиниката, морбилите поврзани со повисока стапка на абортуси, предвремени породувања и зголемена смртност на плодот. Професорката Грозданова смета дека свесноста за вакцинација треба да се зголеми и да се работи на тоа, не само поради епидемијата на морбили која е во тек, туку во континуитет.
Согласно законот родителите ќе платат казна од 300 до 600 евра доколку не ги вакцинираат нивните деца. До Државниот санитарен и здравствен инспекторат во првите три месеци од годинава стигнале 20 пријави за родители кои одбиле да ги вакцинираат децата. Микиќ очекува по прогласувањето на епидемијата да бидат вакцинирани и останатите деца кои досега не примиле МРП.
Светската здравствена организација предупреди дека бројот на случаи на сипаници ширум светот речиси четири пати се зголемил во текот на првите три месеци од 2019 година во споредба со истиот период минатата година. Оваа организација објави дека повисоки стапки на мали сипаници се забележани во „сите региони во светот“. Во моментов се регистрирани во Украина, Грузија, Казахстан и Киргистан, како и во неколку земји во Африка и Југоисточна Азија. Само во 2017 година, сипаниците предизвикале приближно 110.000 смртни случаи низ целиот свет.
Или вакцина или казна
Надлежните здравствени органи деновиве им наредија на сите жители во едно предградие на Њујорк да се вакцинираат против мали сипаници или ќе се соочат со парични казни. Со тоа повторно заживеа стратегијата за јавно здравје, за која експертите велат дека во последно време не се користи во САД.
Гоце Атанасов
Градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио ја објави невообичаената наредба, бидејќи, како што рече, имало појава на сипаници во квартот Вилијамсбург во Бруклин.
„Единствениот начин да се спречи оваа епидемија е да се осигура дека оние што не биле вакцинирани ќе добијат вакцина. Од клучно значење е луѓето е да сфатат дека вакцината против морбили дејствува.Таа е безбедна, ефикасна, и тестирана“, рече де Бласио.
Во овој дел на Њујорк претежно живеат припадници на ултраортодоксна еврејска заедница, а во последниве неколку месеци бројот на заболените од сипаници значително се зголемил. Властите обвинија дека епидемијата се проширила поради ширењето лажни вести од таканаречените „антиваксери“.
Гери Сипсер, од еврејска федерација и фондација на округот Рокленд вели:
„Антиваксерското движење е силно низ земјата. Најде пат низ социјалните медиуми и ги збуни родителите и луѓето за важноста на вакцинацијата.“
Тоа го велат и граѓаните.
Сид Фетовиц, жител на Вилијамсбург:
„Не, јас не верувам дека е верска работа, мислам само дека луѓето треба сами да го прават тоа. Тие треба да сфатат дека децата се изложени на опасни услови ако не го направат тоа. Тоа е сè.“
„Повеќето луѓе добиваат вакцина, но има некои луѓе кои имаат сериозни реакции од вакцината и не сакаат да ја примат. Станува збор за мал број луѓе.“
Арон Бравер, жител на Вилијамсбург:
„Вистина е дека многу луѓе имаат мали сипаници и тоа не е многу добра работа. Но, мислам и дека вакцината исто така не е многу добра работа. Опција е на секој да го направи она што го сака.“
„Луѓето почнуваат да се прашуваат зошто треба да го подложам моето тригодишно дете на токсини кога тоа нема да го заштити.“
Наредбата се однесува на секој што живее, работи или оди на училиште и бара од сите невакцинирани луѓе кои се во опасност да бидат изложени на ризик од вирусот да ја примат вакцината, вклучувајќи ги и децата, постари од 6 месеци. Градот Њујорк не може физички да присили некој да биде вакциниран, но официјалните лица изјавија дека луѓето што ја игнорираат наредбата може да бидат казнети со парична казна од 1.000 долари. Градот соопшти дека ќе им помогне на сите што се опфатени со наредбата да ја добијат вакцината ако не можат тоа брзо да го направат преку својот матичен лекар.
Доктор Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за инфективни заболувања вели дека иако повеќето деца заздравуваат од морбили, сепак, станува збор за многу сериозна и смртоносна болест:
„Пред достапноста на вакцината против мали сипаници секоја година имало од 2 до 3 милиони смртни случаи од мали сипаници. Во САД, кога немавме вакцина, имаше 2 до 3 милиони случаи, од 400 до 500 смртни случаи, илјадници случаи на енцефалитис и околу 50.000 хоспитализации годишно. Сега ќе ми кажете дека тоа не е сериозна болест?“, изјави доктор Фаучи.
Центрите за контрола и превенција на болести препорачуваат сите деца да добијат две дози од вакцината против морбили. Од таму велат дека вакцината е 97 отсто ефикасна.