Достапни линкови

Кампањите го намалија бројот на вакцинирани деца


Шестмесечно дете во Куманово заболело од мали сипаници. Антивакциналната кампања го намалила бројот на вакцинираните деца, велат од Центарот за јавно здравје.

Бројот на вакцинираните деца со МРП вакцина (за заштита од заболување од морбили, заушки и рубеола-мали сипаници) во Куманово, Крива Паланка и Кратово се намалува, веројатно поради антивакциналната кампања, вели доктор Јадранка Стаменковска епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Куманово. Невообичаено е меѓутоа што во текот на јануари годинава имало случај на заболување од мали сипаници кај шестмесечно дете, кое се уште не подлежи на оваа вакцина. За среќа, неговата општа здравствена состојба е добра.

„Центарот за јавно здравје направи епидемиолошко истражување пред сè во вакциналниот статус на останатите деца во реонот каде што има контакти, а две деца од истото семејство се комплетно вакцинирани. Она што е значајно како и во целата држава е што опфатот на деца со оваа вакцина е навистина помал во однос на претходните години. Минатата година процентот на вакцинираните деца е помал од 80 во градските средини што е незадоволително“, вели доктор Јадранка Стаменковска.

Според доктор Стаменковска Центарот за јавно здравје неделно праќа информации до Институтот за јавно здравје. Тие укажуваат дека во трите општини неделно бројот на вакцинираните деца се зголемува, но не доволно.

„Затоа што имаме голем број невакцинирани деца, што се должи на антивакцинална кампања особено кон оваа вакцина МРП“, вели таа.

Таа вели дека матичните лекари би требало поажурно да го следат вакциналниот статус на децата, да ги едуцираат родителите за каква заштита се работи, за бенефитот од вакцината како децата на време би биле вакцинирани.

Доктор Стаменковска потсетува дека изминатите години имало појава на заушки, што укажува на тоа дека вирусот е тука.

„Колку е поголем колективниот имунитет, помала е можноста да се заболи. Што се однесува до шестмесечното дете, тоа заболело во период кога не подлежи на оваа вакцина“, вели докторката.

Овие болести ги зафаќаат оние кои се со намален имунитет, кои што имаат некој морбилитет, а и оваа болест е закана по животот на децата. Затоа епидемиологот апелира сите деца кои не се вакцинирани, или некомплетно се вакцинирани, да го проверат вакциналниот статус и на време да бидат вакцинирани.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG