Многу наставници, а малку места за ментори

илустрација

Просветните работници ја поздравуваат можноста за кариерен напредок на наставниците во звања ментор или советник, која како дел од реформите во образованието им се овозможува за првпат. Но дел од нив реагираат и се сомневаат дека ќе напредуваат само „милениците“ на директорите на училиштата

Јавниот повик на Министерството за образование кој за првпат овозможува кариерен напредок на наставниците во звања ментор или советник предизвика поделени реакции кај просветниот кадар. Ова право произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта и е дел од Планот за темелна реформа на националниот образовен систем и има цел да влијае врз личната мотивација на наставниците за работа. Наставникот кој ќе се стекне со звањето ментор ќе добива 2.869 денари повисока плата.

Повикот предвидува конкретни квоти за секоја општина, односно колку најмногу наставници во текот на оваа календарска година можат да напредуваат во соодветното звање. Но, токму тоа била главната причина поради која наставникот Гоце Бумбароски од ОУ „Кочо Рацин“ во Прилеп не аплицирал на конкретниот оглас.

Видете и ова: Дали е фер да се бара матура како во нормални услови?

„Една од моите главни забелешки е дека деградирачки е само еден наставник да може да биде ментор во едно училиште. Ние сме сите како едно семејство, тоа дава неубава слика и можеби ќе се јави револт кај наставници кои нема да бидат избрани. Затоа и не се пријавив. Лесно е да избереш еден од 20 наставници, тешко е да избереш еден од 90, зошто има училишта со толкав персонал“, вели Бумбароски.

Тој се сомнева дека оваа можност за кариерен напредок сепак ќе ја имаат само оние наставници кои се фаворизирани од директорите на училиштата, а според него, нејасни се и други аспекти од повикот.

„Како на пример наставник одделенец може да биде наставник ментор на наставник по физика или хемија или наставник по историја и географија да биде ментор на наставник во прво и второ одделение? Мене не ми се допаѓа тоа што не е поделено менторството“, вели Бумбароски.

За разлика од Бумбароски, неговиот колега Сатки Исмаили од ОУ „Кирил и Методиј“ од Тетово аплицирал на повикот и нема сомневање дека ќе бидат избрани најдобрите кандидати. Исмаили има работен стаж од 34 години и вели дека ги исполнува сите критериуми кои се бараат за да напредува во наставник-ментор.

„Јас во сите шест подрачја кои се бараат од наставникот поседувам многу документи, сертификати од учества во конференции, обуки, семинари итн. И јас едвај чекав да имам можност некаде тоа да го покажам, затоа аплицирав. И не е само посетата на обука, мора да знаеме сите, дека добар наставник кој заслужува некое звање, е оној наставик кој во минатото посетил многу обуки, ама вештините и знаењата кои ги стекнал ги применува во секојдневната работа со учениците,“ вели Исмаили.

Исмаили се надева дека изборот ќе биде објективен и нема да има какви било партиски влијанија.

„Не дај Боже такви работи да се случуваат. Ако тоа се случува јас ќе бидам прв што ќе ги запалам и искинам сите признанија што сум ги добил и ќе кажам дека јас сум работел за децата, а не за некое звање или материјални средства кои не се којзнае колку. Оптимист сум дека ќе се реализира овој оглас како што треба и дека ќе биде избран оној кој ги исполнува условите, односно најдобриот“, вели Исмаили.

Видете и ова: МОН: Пари за новата реформа има

За да се пријави еден наставник на повикот, потребно е да исполнува неколку услови, односно да има најмалку седум години работни искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор.

Но според Синдикатот за образование и наука токму тие критериуми се неиздржани и затоа побараа истите да се поправат.

„Има работи кои во тој јавен повик се неспроведливи. Јавниот повик е дискриминирачки кон професорите во средните училишта бидејќи тие не можат да напредуваат во кариерата. Од друга страна, критериумите не се издржани. Ќе излезе дека учествата на семинари и конгреси се најважни, ќе излезе дека најквалитетни ќе станат оние наставници што директорот најмногу ги праќал на симпозиуми, работилници, семинари. Ако некој наставник стекнал знаење, умеење и вештини од тие негови учества, па потоа им ги пренел на децата, тогаш е во ред, но само учество, тоа не значи многу“, е ставот на претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Според него, пропуст е и тоа што во јавниот повик нема нагласено во кој временски период важат доказите кои се бараат, односно дали се однесуваат за последните три, четири или повеќе години.

Од Бирото за развој на образование објаснуваат дека селекцијата за тоа кој наставник ќе се стекне со звањето ментор или советник ќе ја прави посебна комисија ќе ги бодира сите ангажмани на наставникот. Во докази спаѓаат обуките што ги поминал наставникот во изминативе пет години. Се вреднува секоја обука, односно дали обуката била за наставникот да стане обучувач или обука што ја посетил, а сето тоа посебно се бодира. Има дел бодирање и за тоа колку стручни трудови напишал наставникот, дали пишувал учебници. Ако исполни одреден процент од сето ова, кандидатот го поминува првиот круг. Понатаму советник од Бирото за развој на образование оди на терен, односно на час, ја следи работата на наставникот, а исто така и училиштето дава мислење за наставникот.

Од оваа институција уверуваат дека првпат нема да има простор за никакво влијание врз изборот. Во интерес е тој наставник-ментор да е најквалитетниот бидејќи тој ќе биде ментор не само на приправниците, туку на сите наставници во училиштето. Наставникот ќе биде ментор сè додека не премине на следно ниво, а тоа е наставник-советник, кога платата уште повеќе се зголемува.

Инаку, наставниците имаат четири нивоа за напредок во кариерата. Прво се станува приправник, па наставник, па по седум години - наставник-ментор и наставник-советник. Во секое следно ниво платата е повисока.

Примената на законот во делот за напредок во кариерата е дел од новата концепција за основно образование. Наставник-ментор ќе може да стане по еден наставник од секое училиште во општината, а право да се пријават на јавниот оглас имаат наставниците од сите општини во земјата. Секоја година ќе има конкурс за кариерно напредување и бројот на наставници што ќе може да напредуваат ќе биде сè поголем.