Дваесетгодишната Ива Наскова, студентка на Правниот факултет во Скопје, како кандидатка за Млад европски амбасадор, во процесот на актуелното гласање, се надева на поддршка од македонската младина.
Вели дека искуството на катедрата за Политички студии на англиски јазик, на Правниот факултет, ја подготвило за овој предизвик, во насока на распознавање и анализирање на можностите од академски аспект. За неа е предизвик да се води кампања како тековната и верува дека шансата која би ја добила преку „Young European Ambassador“како европска мрежа, може да биде искуство за примена на сето она што го учела во текот на студиите.
Наскова истакнува дека целта на програмата на YEA е да ги промовира европските вредности низ младите како идни лидери во државата, но и да поврзе активни млади луѓе од Западен Балкан, кои ќе поттикнат младинска соработка во нивните локални заедници и ќе отворат важни теми поврзани со ЕУ.
„Она што е важно да се напомене за YEA е тоа дека покрај тоа што се постигнува одредена младинска соработка, во исто време Младите европски амбасадори се пример за врсниците кои го споделуваат својот глас и градат меѓусебно разбирање и помагаат во обликувањето на ставовите на ЕУ и нејзините односи со соседството. Дополнително, она што е важно е дека YEA се отворени за споделување идеи и инспиративна промена во нивните заедници, регионот како и на Западен Балкан и низ ЕУ“, изјави Наскова за РСЕ.
Наскова била претставник на Факултетското Студентско Собрание на Правниот факултет, и член во Комисијата за наука при Универзитетското Студентско Собрание. Паралелно со учеството во трката за Млад европски амбасадор, таа е на пракса во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - ИДСЦС (Центар за парламентарна поддршка). Сака да ги оствари своите амбиции и верува дека патот до акција која ќе има ефект на поголемата слика, почнува со самодоверба.
„Верувам дека самодовербата е значаен фактор во сопствениот потенцијал за промената. Да, тоа е тежок рефлективен процес низ кој верувам дека сите треба да поминеме, но сметам дека самодовербата е она што претставува круцијален фактор доколку се стремиме да влијаеме на поголемата слика и да иницираме промена што ќе послужи како пример за генерациите што следат“, додава студентката.
„Потребна е поголема солидарност меѓу младите, но и меѓугенерациски“
Според Наскова, новите генерации мора да учат од оние кои биле тука пред нив и го создале светот во кој живееме денес.
„Имајќи го предвид поширокиот општествен и политички контекст, верувам дека младите се доста активни во оние области кои им се нив од интерес, но сепак верувам дека е потребна поголема солидарност како во рамки на младите, така и меѓугенерациски. Верувам дека новите генерации мора да го најдат својот мобилизаторски момент за да дејствуваат во заедничка насока за заеднички интереси - и секако, овде е доста важен моментот на плурализмот на идеи и мислења кој што е важен за одржување на демократскиот потенцијал на авангардната младина“, истакна кандидатката за Млад Европски Амбасадор.
Видете и ова: Ментално здравје на македонската младина - Табу или освестување?Потенцирајќи дека секој човек има влијание во својата заедница и преку својата заедница до светот, Наскова заклучува дека секој може да направи разлика со дело или идеја.
„Иако секој може да направи разлика, верувам дека она што младите можат, токму тоа ќе остави најголем отпечаток за подобра иднина. Верувам дека ако не можеме да замислиме подобар свет, подобар свет не е возможен и оттука, може да се заклучи дека секоја генерација носи уникатни луѓе кои се стремат да го променат светот. Она што не треба да го заборавиме е дека секој поединец е еднакво важен и припаѓа во секоја сфера во општеството, а доколку јас бидам избрана за иден Млад европски амбасадор ќе се обидам да го одвојам зборот -јас, и да го заменам со зборот -ние“, вели Наскова.
Иницијативата YEA e дел од Регионалната програма за комуникација на ЕУ за Западен Балкан, финансирана од Инструментот за претпристапна помош. Идејата е разновидни таргет групи да се информираат за вредностите, политиките и програмите на ЕУ.