Над 1410 донатори досега платиле повеќе од 1450 сметки за струја и вода, преку платформата „Ways2Help“, за да се обидат да го направат секојдневието на повеќе од 170 социјално загрозени македонски семејства барем малку полесно подносливо. Исплатен е вкупен долг од 22, 5 милиони денари.
Овој начин за помош се покажал како ефикасен, а дека имаат добра идеја дечките од тимот сфатиле откако првите 7 сметки поставени во септември 2020, наместо за очекуваните 7 дена, граѓаните ги платиле за само неколку часа.
Сите единаесет „Ways2Helpers“ како што се нарекуваат членовите на тимот се млади луѓе, на возраст од 22 до 32 години, а една од нив и најмлада во нивните редови е Ана Секуловска. Таа е дел од приказнава уште од стартот, во март 2020 година.
„Волонтирам уште од средношколските денови и сум била дел од организации кои помагаат на социјално загрозени семејства. Во моментите кога се случи целата ситуација со пандемијата првите размислувања ми беа дека ова нè погоди на многу сериозен начин и размислував за тоа што се случува со луѓето кои се на маргините. Секогаш сум многу емотивна кога зборувам за ова, бидејќи нема ништо поубаво од тоа да разубавиш нечиј живот и да знаеш дека придонесуваш во твојата заедница“, изјави студентката Секуловска за РСЕ.
Вели дека мотивација ѝ се луѓето кои ја опкружуваат и ситуацијата во која се наоѓаат семејствата кои живеат на маргините. Па затоа, кога во слободното време може да прави што сака, таа избира да влезе во акција за помош.
„Тимот ми помогна да научам како треба да ги развивам своите вештини и да ги откријам начините на кои можам дополнително да пружам помош преку она што го поседувам како вештина. Бидејќи тоа беше првичната идеја, ние практично волонтираме со нашето време, вештини и ресурси со цел да помогнеме и да моитивираме други луѓе да придонесат“, истакна Секуловска.
Имаме ли хумана младина?
Секуловска има впечаток дека функционираат во амбиент на поддршка.
„Јас можам да зборувам за мојата генерација и за моите врсници. Сметам дека сум опкружена со луѓе кои многу позитивно го прифатија овој начин на помош. Се интересираат како функционира платформата и како може да помогнат, ги споделуваат нашите постови на социјалните мрежи и се на некој начин наши амбасадори на хуманоста, ширејќи ја веста“, истакна Секуловска.
Твитер заедницата периодов им помогнала да се платат поголемиот дел од сметките. Секуловска вели дека особено се радува кога донацијата доаѓа од некој кој слави роденден и наместо да чека подароци, одлучува да донира на семејство во социјален ризик.
Eкстра време за Дедо Мраз
Освен опцијата за плаќање сметки, преку „Ways2Help“, достапни се и други начини за помош и радост плус. Еден од нив е моменталната акција за собирање новогодишни подароци, за која имале одличен одзив од граѓаните.
„Токму затоа е продолжен рокот, бидејќи имавме голема заинтересираност од компании и индивиуалци да ги донесат своите новогодишни подароци. Може да бидат друштвени игри, мечиња и други играчки кои дури и да биле претходно користени може да се донесат за донација ако се во супер форма“, додава волонтерката.
Видете и ова: Секое четврто семејство зимоска грее само едно сопчеЕкипата млади ентузијасти која не заборава дека има некој кој нема доволно, не само пред празници, туку секој ден во годината, ги охрабрува оние кои сакаат да се вклучат во приказнава да се обратат кај член од тимот или на нивните профили на социјалните мрежи за да ја понудат својата помош.