Достапни линкови

Невладините со порака – Наместо да шетаат по Широк Сокак, младите да волонтираат


Саем на невладини организации во Битола
Саем на невладини организации во Битола

Битолските невладини организации им порачаа на младите помалку да шетаат на Широк Сокак и повеќе да волонтираат и да бидат општествено активни за да стекнат вештини кои ќе им помогнат полесно да најдат работа.

Младите да не го поминуваат денот на Широк Сокак со кафе, туку да се приклучат кон невладините организации и да волонтираат стекнувајќи вештини што ќе ги применат во животот, рече Милчо Дули, претседател на „Сфера Македонија“ на неодамнешниот Саем на невладини организации во Битола. Тој посочи дека според нивното истражување, интересот за волонтирање е мал, а од друга страна процентот на невработеност е голем.

„Направивме истражување минатиот месец за вклучување на младите како волонтери во организациите. Резултатите, за жал, не беа многу оптимистички. Уште од моментот на собирање податоци младите не беа многу заинтересирани да ги пополнуваат прашалниците. Мал дел, околу 28 проценти од младите во градот волонтираат, а околу 45 проценти се заинтересирани за волонтерски акции, што е малку со оглед на тоа дека младинската невработеност во нашиот град е 49,7 проценти. Тоа е голем процент, имаме многу млади кои можат да посветат дел од своето време во волонтирање за да го направиме нашиот град подобар“, рече Дули.

Тој додаде:

„Во нашите програми секакви теми обработуваме за да ги привлечеме младите и задржиме во родниот град. И тоа социјални теми, ловечки права, актуелни теми за нив, спорт, сè опфаќаме, само да понудиме нешто што ги интересира. Да не го минуваат цел ден на кафе на Широк Сокак, туку да научат вештина која ќе ја користат понатаму во животот“, вели тој.

Пелагонија е еден од регионите во земјава од каде излегуваат најголемите вишоци храна од земјоделскиот сектор. Во Битола постои сериозна можност да се направи мрежа за донирање вишоци храна во која ќе се вклучат повеќе организации и млади лица. Има над 100 илјади тони годишно земјоделски вишоци. Само минатата година имаше 50 илјади тони јаболка кои не најдоа пласман, а настрана од тоа и праски, лубеници, сливи и друго. Од тој проблем Македонија може да направи можност за искористување на таа храна, да отвори нови работни места и да ја подобри својата економија, а да се нахранат социјално загрозени лица“, вели Блаже Јосифовски, претседател на „Ајде Македонија“ и координатор на мрежата „Сите сити“.

„Да најдеме решение кое ќе ги реши двата проблема, од една страна фрлањето на храна, а од друга страна да им се помогне на што повеќе граѓани во Македонија. Имаме 460 илјади граѓани кои не можат да си ги обезбедат сите оброци во текот на денот. Време е да ги мотивираме младите во Битола да се соочат со проблемите што ги има секоја средина каде некој живее и дека среќата во животот е да се помогне во решавањето на тие проблеми“, рече Јосифовски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG