Мијалков „искешира“ во сенка на францускиот предлог

Полициско спроведување на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Судењата на поранешни високи функционери како Мијалков и Рашковски, Ребаланост на Буџетот, состојбите во Уставниот суд и најави за тужби против државата како да паднаа во втор план откако јавноста целосно се насочи кон францускиот предлог и протестите против него.

Францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции во последниов период ја окупираше македонската јавност, а сите останати случувања како судењата на поранешни високи функционери, Ребалансот на Буџетот, состојбите во Уставниот суд и најави за тужби против државата како да поминаа речиси незабележано. Во фокусот на медиумите и интересот на граѓаните овие денови се протестите против францускиот предлог, како и последниот развој на настаните се до утре кога за предлогот треба да расправаат пратениците.

Мијалков се спогоди со судот

По неколку години од почетокот на истрагата за „Империја“ и исчекувањата каков ќе биде епилогот со оглед на фактот што меѓу обвинетите беше и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, случајот доби судска разрешница.
Мијалков призна вина за случајот и се спогоди со „Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“.

Тој ќе оди три години во затвор и ќе му се одземе имот во вредност од околу 30 милиони евра. Сепак сега осудениот Мијалков за злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање имот нема да остане без ништо.

Нема да му се одземе уделот од 46 отсто во Девелоп Груп, односно во хотел Мериот во вредност од 3,5 милиони евра, потоа акции во вредност од 723 илјади евра од ЗК Пелагонија, 250 илјади евра акции од Бетон Штип АД што ги поседува правното лице ДПТУ Ексико ДООЕЛ и недвижен имот – куќа во вредност од речиси милион евра.

И други обвинети во случајот, како бизнисменот Јордан Камчев и Тодор Мирчевски исто така се спогодија со обвинителството. Камчев уплати над пет милиони евра и за возврат доби една години ефективен затвор.

Пропусти во судењето на Рашковски

Судењето на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за измама при набавка на софтвер за следење на сообраќајот за МВР е во тек, а на почетокот будно се следеше од јавноста.

Но, она што речиси помина незабележано е дека на последното рочиште едно од лицата кои беше сослушано, како што инфомираше адвокатата Сузана Јошевска Атанасовска, бидејќи медиумите не биле присутни, е дека тој изјавил дека поради разни пропусти во процедурата, усб-то на кое се симнати пораките од вештачењето на мобилните телефони е "неупотребливо" и направена е "грешка" поради недоследно следење на инструкции.

„Во правосудство во кое би имало троа повеќе од 8% доверба, после вчерашното катастрофално сведочење на нивниот експерт обвинителството ќе го повлечеше обвинението“, напиша адвокатата Јошевска Атанасовска.

Ребаланс на Буџетот

И покрај тоа што Ребалансот на Буџетот пред да влезе во Собранието предизвика полемика и препукувања меѓу власта и опозицијата за тоа колкави ќе бидат задолжувањата на државата со оглед на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19 и конфликтот во Украина сега расправата која започна во понеделникот и треба да трае пет дена се очекува да биде засенета од францускиот предлог кој е на дневен ред пред пратениците утре.

Владата оваа година ќе се задолжи за 150 милиони евра повеќе од претходно планираното, предвидува Ребалансот на Буџетот. Според првичниот Буџет, беше планирано задолжувањето да биде 545 милиони евра, но сега се предвидува буџетската дупка да се прошири на 695 милиони евра, односно 5,3 проценти од БДП-то.

Планирано е 70 отсто од ова задолжување да се направи во странство.
Со тоа, јавниот долг годинава повторно ќе надмине 60 отсто од БДП. Според критериумите на Светската банка, земјите кои имаат јавен долг над 60 проценти се сметаат за високо задолжени.

ССМ ќе ја тужи државата

Издиша и интересот за барањата на синдикалците. Сојузот на синдикати на Македонија минатиот месец го почна штрајкот на вработените во јавниот сектор со барање за линеарно зголемување на нивните плати за 2.806 денари. Штрајкот резултираше со отворање на дијалог Министерството за труд и социјална политика. Но, откако барањето на ССМ не помина во Собранието оттаму најавуваат тужба против Владата.

„ССМ беше изигран од владата, неговиот социјален партнер и ние како ССМ во моментов подготвуваме тужба како до судовите во Македонија така и до меѓународните судови, опфаќајќи го и Советот на Европа“, изјави Дарко Димовски.

Избор на Уставни судии

Уставниот суд повеќе од една година работи со пет судии наместо девет како што е пропишано во Уставот и кога конечно официјалната листа на кандидати влезе во Собранието наиде на повторно одлагање на процедурата. Изборот на четворица уставни судии се закочи во собраниската Комисија за избори и именување, откако помина предлогот за назначување на Фатмир Скендер, граѓански судија во Апелациониот суд во Скопје.

Речиси еден месец пратениците не заседаваат на оваа собраниска комисија на која треба да се разгледаат биографиите на деветте кандидати за уставни судии.

Претседателката на Судот Добрила Кацарска по состанокот со државниот врв минатиот месец изјави дека ако до крајот на годината Судот не биде комплетиран, тогаш на државата и се заканува уставна криза.

Си врват тендери

Во меѓувреме поминуваат и тендери како оној на РЕК Битола со Компакт МСФ ДООЕЛ склучен на 9 јуни, а објавен на крајот на истиот месец. РСЕ пред една година пишуваше за Компакт МСФ и конфликтот на интереси во добивањето на тендери од страна на РЕК Битола. Фирмата Компакт МСФ благодарение на тендерите со РЕК Битола, како што покажа истражувањето на РСЕ, инкасирала околу 1,9 милиони евра.

Сопственичката на фирмата Летка Фидановска и нејзиниот сопруг Менде се вработени во рударско енергетскиот комбинат. По текстот на РСЕ Компакт МСФ една година немаше склучено договор за ниту еден тендер со РЕК Битола се до последниот за набавка на електро осигурачи и постоља за осигурачи во вредност од над 8800 евра.