Достапни линкови

Професори, обвинители и советничка- кои се предложените нови уставни судии?


По една година откако Уставниот суд остана да работи со 5 наместо 9 судии како што е пропипано со Уставот, пратениците денеска полни идеи и предлози со имиња за да пополнат три од четирите испразнети столчиња во Судот. Опозицијата бара лично претставување на кандидатите во Комисијата.

Љубомир Јовевски и Саво Климовски се најзвучните имиња ставени за предлози за нови уставни судии на денешната пратеничка седница на комисијата за избори и именување. Првиот, 68 годишниот Шеф на Јавното обвинителство, а вториот 75 годишниот пензиониран професор по Уставно право и политички систем. Јовевски доаѓа на предлог на власта, додека Климовски на предлог на опозицијата.

Јовески е избран за Јавен обвинител во 2017 година. Во својата биографија Јовески има повеќе од 15 години работно искуство како судија на предмети од кривична материја, повеќе од 12 години работно искуство како јавен обвинител и 7 години работно искуство во областа на извршување на кривичните санкции.

Климовски во периодот од април 1986 год. до март 1991 година бил член на Македонската влада и одговорен за ресорите на образованието, културата и физичката култура. Во перидот од 1992 до 2000 бил пратеник и претседател на Собранието како и претседател на собраниски комисии.

Професорот Климовски во изминативе години го посетуваше Кривичниот суд каде што присуствуваше како јавност на рочиштата против поранешната владејачка структура кои сега се осудени за злоупотреба на службена положба. Новинарите најчесто го забележуваа на рочиштата за предметите Титаник и Таргет тврдина поврзани со аферата за прислушкување на над 20 илјади луѓе во земјава и изборни измами.

Пред две години градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски на својот профил објави дека со својот професор Климовски разговарал за политичката програма на ВМРО-ДПМНЕ и потребите од модерни предлог-уставни решенија во согласност со европските вредности.

На списокот на власта е наведена и Татјана Васиќ која доаѓа од Министерство за правда. Таа претходно била советник во министерството за здравство во времето на министерот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров.

Во списокот, третиот кандидат е Фатмир Скендер кој доаѓа од Апелационен суд. Како судија бил поставен во 2013 година за граѓанска област. Претходно бил вработен во Општината Центар Жупа како секретар, покажува неговата биографија објавена на судскиот портал.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ ја предлага и професорката по Граѓанско право Родна Живковска. Како предлог на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа и пензионираниот претседател на Основниот суд Гостивар Бранко Секуловски, кој последен пат во јавноста зборуваше на промоцијата на книгата „Колумни“ на професор Ѓорѓе Марјановиќ. На опозицискиот список е и Тодор Витларов кој доаѓа од Вишото обвинителство во Штип. Претходно работел и како вонреден професор по кривично право. На предлог од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се и судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

Закажувањето на оваа седница доаѓа откако вчера пратеници ја известиле претседателката на Комисијата, пратеничката Марија Георгиевска, дека сакаат да достават предлог-имиња. Своите предлози тие ги изнесуваат на самата седница.

Зошто власта, а ни опозицијата не предлагаат нови уставни судии

Од Уставниот суд бараа во неколку наврати пратениците да го почитуваат Уставот и да изберат и именуваат нови уставни судии.

„Ако до декември не се изберат уставни судии тоа ќе значи клуч на врата за Уставниот суд, нешто што досега не се случило во историјата на демократска Република Северна Македонија“, се вели во одговорот од Уставниот суд за Радио Слободна Европа.

Уставниот суд во моментов од предвидени девет има само пет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии: Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.

Поради недостиг на двотретинско мнозинство во Уставниот суд над 30 предмети чекаат наредна седница кога Уставниот суд ќе биде во полн состав.

„На седницата која беше одржана на 13 април имавме три иницијативи и едно барање за заштита на слободи и права и за прв пат се случи ниту еден предмет да не помине, затоа што немаше пет гласа „за”, колку што е предвидениот минимум. Меѓу предметите кои се од витално значење за државата, а се со готови реферати и подготвени за седница се Указите за Преспанскиот договор, Законот за употреба на јазиците, Законот за социјална заштита итн.“ се вели во одговорот за РСЕ од Уставниот суд.

По неколку месеци, на 3 март годинава, модифицираното мнозинство, кое беше на став дека пратеникот не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција, успеа да го разреши Зендели. На истата пленарна седница на 16 март, кога Георгиевска беше избрана за претседателка, на местото на Зендели пратениците за нов член го избраа и Дарко Каевски од СДСМ.

Речиси два месеци поминаа откако и тој проблем со мнозинството се реши во корист на владеачката коалиција, но седница не бешее закажана, а ни официјални предлози за нови уставни судии нема.

Опозициските пратеници брифираа дека проблемот лежи во владејачката коалиција во која партиите СДСМ и ДУИ меѓусебно не можат да се договорат кои имиња да ги впишат во предлогот за нови уставни судии.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG