Македонија во јуни почнува стратешки дијалог со САД, како нов чекор во подобрување на односите на двете држави. Ова значи и повисоко ниво на билатерална соработка, по договорот за стратешко партнерство потпишан пред 14 години, непосредно по грчкото вето за влез на земјава во НАТО.
Македонските власти процесот го најавија како голем дипломатски успех. Тој се случува во време кога Македонија се соочува со бугарското вето за почетокот на преговори за влез во Европската Унија.
„Стратешкиот дијалог претставува потврда за силното сојузништво меѓу двете земји и надградување на долгогодишното стратешко партнерство. Воедно, тоа е израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, кој претставува составен дел на евро-атлантската заедница”, се наведува во соопштението на македонското министерство за надворешни работи, објавено непосредно по вчерашната средба на министерот Бујар Османи со Викторија Нуланд, потсекретарката за политички прашања во Стејт департментот.
Во фокусот на разговорите било токму претстојното одржување на стратешкиот дијалог, на 2-ри јуни во Вашингтон.
Но што всушност значи стратешкиот дијалог со САД и како тој ќе и помогне на Македонија и нејзините граѓани, во време на економска криза, додека на само неколку илјади километри се случува руската воена агресија во Украина?
Според аналитичарите, ова ќе биде уште еден гарант за безбедноста на државата, кој треба да даде дополнителен импулс за инвестиции и стабилност.
Исмет Рамадани, претседателот на Евроатланскиот совет вели дека иако сме членка на НАТО како еден гарант за безбедноста и стабилноста на државата, сепак стратешкиот дијалог со САД носи дополнителна поддршка - почнувајќи од политичките недоразбирања со соседните држави, па се до спречување на источните влијанија во регионот.
„Најважното е тоа, има индикации дека руското, кинеското односно источното влијание пенетрира во Западен Балкан и во нашата земја, така што најдобрата гаранција се добива од стратешкото партнерство со САД“, смета Рамадани.
Во однос на прашањето дали стратешкиот дијалог со САД може да биде замена за евентуален неуспех на евроинтеграциите на земјава, Рамадани вели дека тој може само да помогне во овие процеси.
„Ова е една порака и до Република Бугарија дека не е добро да се поигрува со одот на РСМ кон ЕУ, а исто така е и порака до земјите во Западен Балкан, но и до источните, руските мешања, дека на еден начин ставаат рака на нашата безбедност, и внатрешна и надворешна. Така што мислам дека ние добиваме, и тоа веќе за нас значи нешто што е ексклузивна безбедност и стабилност на една држава“, додава Рамадани.
На слична линија е и дипломатот Огнен Малески, кој верува дека стратешкото партнерство со САД ќе значи и подобра позиција на земјава во нејзините евроинтегративи процеси.
„И досега САД многу јасно ставија до знаење дека РСМ ја гледаат како интегрален дел од ЕУ, и во таа насока нешто јавно, а нешта во рамките на нормалната дипломатска комуникација го пренесуваа на своите партнери, така што не гледам тука никаков судир, замена, супститут за некои други наши стратешки определби“, дециден е дипломатот.
Енергетиката како најжешко прашање
Сепак, за разлика од Рамадани, кој фокусот на овој дијалог го става на безбедноста на регионот, Малески смета дека најважната придобивка од новиот процес ќе биде проширувањето на соработката со САД во нови области, пред се во делот на економијата и енергетиката за која забележува дека во моментов е „најжешкото прашање“.
Ова се случува по растот на цените на енергенсите, пред се на гасот и нафтата од Русија која се соочува со санкции од западните сојузници поради нејзината инвазија во Украина. Тие сега се обидуваат да ја намалат зависноста од руските енергенси. Русија како одговор на санкциите побара од земјите кои ги нарече „непријателски“ рускиот гас да го плаќаат во рубљи, со цел да ја подигне вредноста на нејзината валута. Ова пак доведе до нови проблеми за европските држави, при што Русија го прекина гасот за Полска и Бугарија, преку која пак рускиот гас стига и до Македонија.
Македонија е прва земја од Западен Балкан која започнува ваков стратешки дијалог со САД. Од поширокиот регион тоа го имаат сторено Словенија и Хрватска. Според Малески би било добро ако кругот на стабилност се прошири и на другите земји од Балканот. Сепак во моментов освен Албанија, не гледа друг потенцијален партнер за ваков вид дијалог со САД. Во однос пак на конкретните бенефитите кои би ги почувствувале македонските граѓаните од повисокото ниво на билатерални односи со САД, вели дека нештата треба да се гледаат на подолг рок.
„Во моментов директно нешто не очекувам да се почувствува. Меѓутоа ако вие имате такви изградени односи, ако тоа отвори можност за уште поголемо економско присуство на САД во Македонија, ако е тоа сигнал за инвеститорите на Западна Европа дека оваа држава е стабилна и безбедна, дека со нивниот главен сојузник има одлучни односи, може да се инвестира. Така што мислам дека ефектите од ваквиот дијалог се и директни, од страна на САД, но и индиректни бидејќи праќаат една порака до земјите од Западниот свет кои инвестираат во регионот да ја одберат токму оваа точка која е стабилна и безбедна“, објаснува Малески.
Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу САД и Македонија беше потпишана на 7 мај 2008 година во Вашингтон од страна на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и државната секретарка на САД Кондолиза Рајс. Ова е досега најважниот документ во односите меѓу двете држави. Потпишувањето на декларацијата уследи поради грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во април 2008.
Поради неуспехот на американскиот претседател Џорџ Буш да издејствува членство на Македонија во алијансата беше донесен предлог да се потпише декларација со која САД ја гарантира безбедноста на Македонија, но тоа да не може да биде замена за членство во НАТО. Со Декларацијата се потенцира определбата за зајакнати трговски и економски односи, како и можноста да се интензивираат релациите помеѓу Американците и Македонците, преку промоција на културна и образовна размена.
Решавањето на македонско-грчкиот спор со Договорот од Преспа кој доведе до промена на името на земјава го откочи патот за членство во НАТО. Така, на 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Сепак, истата година се случи бугарското вето, поради што земјава формално се уште нема добиено датум за почеток на преговорите со ЕУ. Нов одговор од ЕУ земјава треба да добие во јуни, истиот месец кога го почнува стратешкиот дијалог со САД.