Бројот на активни случаи на заболени со коронавирус од почетокот на месецов се зголеми за пет пати, а бројот на починати од болеста речиси се удвои. Повеќе луѓе заболеа и починаа за три недели од почетокот на овој месец, отколку во трите претходни месеци. На 1 јуни имаше 606 активни случаи на заболени од коронавирус, за денеска да има скоро 3000. До 1 јуни имаше 140 починати од болеста, а денеска има стотина починати повеќе.
Видете и ова: Семејствата на жртвите од ковид-19 бараат правдаСвадби, мекици, ифтари, слави, погреби и други семејни дружења се главната причина за ширење на болеста. Власта апелира граѓаните да ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на болеста – да нема групирање, да се одржува растојание од другите луѓе, да се носат заштитни маски и често да се мијат раце, но очигледно дека тие апели не вродија со плод.
Властите се повикуваат на свеста на граѓаните, но се чини дека потфрлија во нивниот дел од справување со кризата. Министерот за здравство Венко Филипче минатата недела соопшти дека 450 луѓе дале погрешни податоци или се кријат за да не ги примат решенијата за изолација поради спречување на ширењето на вирусот. Тој најави дека, ако одбиваат да ги примат решенијата, имињата ќе им бидат објавени јавно.
Владата предводена од СДСМ и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ, меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за спроведувањето на мерките за заштита од коронавирусот. Според Изборниот законик, опозицијата го добива Министерството за внатрешни работи во техничката влада која треба да ги спроведе изборите.
Дел од луѓето не ги почитуваат мерките за заштита, а голем дел од нив воопшто не веруваат дека вирусот постои, рече неодамна претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Жарко Караџовски.
„По 158-ми пат кажувам: носете заштитна маска и држете дистанца од 2 метри. Дистанцата дали се држи во 18, 19 или во 20 часот е исто, само држете ја, дали маската ќе се носи во 15, 18 или во 20 часот само носете ја, меѓутоа, ви реков и прееска, 20 отсто од населението не верува во мерките, не верува дека вирусот постои, не верува во болеста, мисли дека ова е измислица, светска завера, па дури дека има завера и во македонски рамки“, рече Караџовски.
Видете и ова: Ситуацијата со коронавирусот во Македонија е критичнаПретставничката на Светската здравствена организација во Македонија, Џихан Тавлиах, за Радио Слободна Европа изјави дека граѓаните имаат мала доверба во институциите и затоа не ги почитуваат мерките.
„Повеќе ќе го послушаат соседот или лажните вести отколку вистинските информации, и дека имаат повеќе доверба во семејството и она што ќе го кажат нивните пријатели“, рече Тавилах.
Лекари сведочеа дека во некои средини луѓето одбиваат да се тестираат и одбиваат да се лекуваат во болница. Дури и министерот Венко Филипче рече дека една третина од починатите биле предоцна донесени во болница, а дел од нив претходно потпишале дека не сакат да се лекуваат во болница, па после доаѓаат во крајните стадиуми на болеста кога им нема спас.
Токму затоа, Тавилах препорачува промена на стратегијата за кризна комуникација, односно владата да ја симне комуникацијата на локално ниво и на луѓето непосредно да им ги објасни опасностите од вирусот.
Речиси стоте дена вонредна состојба ѝ дадоа можност на владата да донесе мерки за помош на стопанството и ѝ даде време да ги подготви здравствените капацитети да одговорат на зголемениот број заболени, но малку работа беше завршена за да се ограничи ширењето.
Видете и ова: Срамот од ковид-19 една од причините да се крие заболувањетоПеттата вонредна состојба која ја прогласи претседателот Стево Пендаровски заради спроведување на подготовката на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 15 јули завршува, па в среда може да продолжи официјалниот дел од предизборната кампања.
Изборите првично беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Претседателот Пендаровски ја прогласи првата вонредна состојба од 30 дена на 18 март, па потоа ја продолжи уште еднаш за 30 дена. Третата и четвртата вонредна состојба траеја по 14 дена, па по два дена пауза ја продолжи за уште 8 дена.
Вонредната состојба се воведе за да ѝ се овозможи на владата да носи уредби со законска сила за поефикасно справување со пандемијата.
Но, се чини дека, од здравствен аспект, државата не се справи со пандемијата на најдобар начин. Додека имаше полициски час, кој понекогаш траеше и по над 80 часа затворени дома, ширењето на заразата се држеше под контрола, но по олабавувањето на рестриктивните мерки од почетокот на месецов, секој ден има по над 100 нови регистрирани случаи, а за овие 20 дена бројот на активни случаи се зголеми за скоро пет пати.
Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека во справувањето со здравствената криза потфрлија и државата, и верските заедници, и граѓаните.
„Значи мерките беа тие, но во делот на примената на мерките ние потфрливме, како држава зборувам, но тоа не е потфрлање на владата во целина, тоа е потфрлање на некои важни сегменти од општеството и се разбира потфрлање на дел од граѓаните кои се уште не се свесни дека тие мерки мора да се применуваат, тоа е единствен начин за превенција на оваа зараза“, рече Пендаровски во интервју за нашето радио.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5005, бројката на оздравени пациенти е 1904, на починати е 233, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2868.