Достапни линкови

Ресен три месеци се чуваше и на крај стана ново жариште на коронавирусот


Ресен, град на Преспанското Езеро, еколошки чист регион, кој три месеци немаше ни едно лице заболено од коронавирусот, сега стана ново жариште на КОВИД-19 по семејната прослава на христијанскиот празник Спасовден.

За шест дена од 10 до 16 јуни бројката на заболени се искачи над триесет, колку што Битола има заразени за четири месеци. Градот кој три месеци немаше ни еден инфициран, деновиве е на врвот на листата со општини по број на нови позитивни случаи во земјава, по Скопје и Тетово. Коронавирусот засега ја парализира локалната економија. Под клуч се поголемите индустриски капацитети како „Свислајон-Агроплод“ , „Хатекс“ и „Стењетекс“.

„Првите случаи во Ресен потекнуваат повторно од семејна прослава. Заседаваше Кризниот штаб и беше донесена одлука заедно со компаниите каде се вработени близу 600 луѓе следните 10 до 14 дена да не одат на работа за да се спречат контакти и ширењето на вирусот“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Здравствениот систем на респиратор?

И додека болеста се шири, градот се празни. Ресен никогаш не бил попразен иако туристичката сезона е на прагот.

„Агроплод, Стење и еден погон Преспа текс, тоа е сè индустрија што остана, угостителски објекти и трето плажите се затворени, фактички економија нула.“

„Кафулињата и рестораните празни што дека се отворени.“

„На пазар со продавање производи 500 денари заработуваме, што да правиме со нив, дал да ги јадеме, пиеме или сметки да плаќаме?“

„Мртов живот живееме.“

„Ништо не потсетува дека туристичка сезона доаѓа.“

„Доаѓаме сепак тука зашто почиста вода има од Охрид и со пријатели тука ќе се начекаме, се знаеме сите“, велат ресенчани и жители на околните села.

Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека во Ресен болеста се шири преку неколку кластери кои не се сите поврзани меѓу себе.

Состанок на Кризен штаб за справувањето со ковид -19 во Ресен.
Состанок на Кризен штаб за справувањето со ковид -19 во Ресен.

Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вели дека во градот се почитуваат протоколите за заштита од ковид-19, жителите носат маски и држат дистанца.

Шират корона на свадби и мекици

Здравствен тим од двајца доктори и четири медицински сестри од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација во Отешево, Преспа, заминаа Скопје да помогне во работата на КОВИД Центарот при Градската општа болница „8 Септември“. Инаку болницата во Отешево има одлични можности за лекување на пациенти со белодробни проблеми, но засега нема инструкции за приклучување кон ковид одделенијата во земјава.

„Им порачавме да се чуваат и да се вратат здрави и живи. Тие се сега нашите херои во битката со КОВИД-19. Инаку, болницата е основана 1980 година, а основач беше татко ми. Болницата е на специфично место кое е научно докажано дека е воздушна бања, има голем потенцијали. Воедно, добиени се средства за целосна реконструкција на објектот“, рече градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG