Македонската екипа студенти по гастрономија од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, со раце полни медали се врати од Меѓународниот гастрономски натпревар во Истанбул, Турција. Освоија вкупно 9, од кои 5 златни, 1 сребрен и 3 бронзени медали во индивидуална категорија, плус екипа гран при награда „Златно тавче“.
Христијан Јорданоски, Роберт Тодорчев и Стефан Аврамоски заслужиле гран при откако се истакнале како најдобри меѓу 700 учесници во категоријата „мистериозна кутија“ (Black Box). Имале само 30 минути да подготват врвен специјалитет, а не ги знаеле намирниците претходно. Екипата ја состави доц. д-р Климент Наумов, раководител на студиската насока Гастрономија, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
„Да се каже дека се чувствувам горд е многу малку. Едноставно не можам да ги опишам чувствата. Особено во моментите кога ме известуваа дека освоиле одредени места и медали во првиот, вториот и четвртиот ден. На почетокот ми требаше време да видам кој точно заслужува да биде дел од натпреварот. Но, уште тогаш во предност беа тие тројца и селекцијата навистина беше на место“, изјави за РСЕ, менторот на тимот, Наумов.
Најискусниот во тимот, Јорданоски, идивидуално доби два златни медали, еден за пилешко месо, другиот за тестенини.
„Долг е патот до Истанбул и целата таа подготовка нас нè исцрпи, но некако успеавме да собреме енергија таму и да извадиме прекрасни резултати. Конкуренцијата беше навистина голема, имаше натпреварувачи скоро од сите земји од светот, а со колегите од Србија бевме како еден тим“, изјави за РСЕ Христијан Јорданоски.
Во портфолиото на 27 годишниот Јорданоски, поминатите натпревари не се бројат на прсти. Исто е и со гостите во познат ресторан во Далмација, за кои изминативе шест летни сезони токму тој подговува храна. Вели дека готви за познати доктори и архитекти, а негови редовни гости биле и познати политичари.
„Во Хрватска гостите доаѓаат заради шефот на кујната, а во Македонија мислам дека тоа не е така. Гостите кои ни доаѓаат таму се навистина префинети и знаат што сакаат. Таму има скоро слични порции како на натпревар, прецизни, а гостите кои доаѓаат се од цел свет“, вели Јорданоски.
Токму искуството на Јорданоски, според менторот, помогнало приказнава да биде успешна.
“Христијан е веќе изграден како готвач и како личност со оглед на возраста. Тој веќе има учествувано на многу слични настани и неговото искуство беше и пресудно може да се каже, во градењето на една стратегија со која сите заеднички настапивме. Многу работи научивме од него. Според претходното искуство, тој знае со што се еден натпреварувач може да се соочи на вакви настани“, додава менторот на тимот.
Има ли млади кулинари на повидок?
Јордановски ја истакнува љубовта како „тајната состојка“, бидејќи како што вели, без љубов нема совршена порција. А неговата љубов кон кулинарството и искуството им ги пренесува и на помладите од него.
„Соработувам со средното училиште во Крушево, каде сум еден од менторите. Редовно имаме обуки и тренинзи за натпревари. Секогаш сум тука да им бидам инспирација и да им дадам поддршка на младите. Мислам дека оваа професија последниве 5-6 години е навистина актуелна и многу млади се заинтересирани за кулинарството, а порано не беше така“, вели студентот.
И професорот потврдува дека во последно време е сменета перцепцијата за кулинарите.
„Долго време оваа област беше гледана со потценување, дури и во мое време кога јас на пример студирав туризам, некако со омаловажување се гледаше на оваа студиска програма и оваа област, бидејќи беше на ниво на виша школа во тоа време и немаше некој голем просперитет. Развојот на туризмот и угостителството не беше на некое завидно ниво, иако сè уште може да се каже дека сме во фаза на развој, веќе подолго време. Но, во последно време сè повеќе доаѓа до израз интересот за кулинарството односно готварството. Можам да кажам дека сум горд на одредени промени коишто настанаа во делот на наставните процеси на Факултетот за туризам и угостителство“ вели Наумов.
Видете и ова: За подобра егзистенција учел занает на 59 годиниТој посетува интернационални обуки за гастрономија и педагогија за искуствата потоа да ги пренесе на факултетот.
Гастрономскиот фестивал во Истанбул каде Наумов прати наша екипа, се одржа по 18-ти пат, во Евроазискиот Саемски Центар (Avrasya Fuar Merkezi), во заедничка организација на Федерацијата на готвачи и шефови на кујни на Турција (COCFED) и Светската асоцијација на здруженија на готвачи (WACS). Учествуваа повеќе од 3500 натпреварувачи од целиот свет.