Во државава малкумина од граѓаните се убедени дека правдата пристигна. Тие сметаат дека неказнивоста на криминалот и корупцијата се одомаќинија во општеството. Притоа зборуваат за односот на сите власти и партии.
Колку скандали веќе видовме како јавност и се останува по старо и никој не одговара, велат дел од граѓаните на прашањето, колку се задоволни од спроведувањето на правдата во државата.
„Не сум правник ама на пример не може јавно да се знае кој како украл пари и никој да не одговара. Тоа е срамота.“
„Сè што ќе се покаже на телевизија како криминал ништо не се спроведува, само ќе се најави, а законски мерки не се спроведуваат. Има многу примерi. Што бидна со Јанева, со Боки 13. Се е некако камуфлажа, па еве и со претходната власт, конкретно со Груевски. Не е само да се напаѓа едната или другата власт.“
„Не знам, не сум задоволна, треба малку поостро да се спроведува правдата“
„Треба секој да си одговара за тоа што го направил“, велат дел од граѓаните.
Видете и ова: „Трула“ реформска битка за правдаДржавата се движи во лоша насока
Повеќе од половина од македонските граѓани или 68 отсто сметаат дека Владата не направила доволно за случајот „Рекет“, покажа најновата анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.
Податоците се добиени со теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година и е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.
Во анкетата за актуелните политички случувањата во земјата главното прашање е - Дали државата се движи во добра или во лоша насока?
„За жал, повеќето граѓани сметаат дека сe наоѓаме во лоша насока, односно 46 наспроти 32 процента од луѓето сметаат дека не одиме во добра насока“, вели извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски. Тој претпоставува дека најверојатно тоа директно се должи на впечатокот на граѓаните дека владата не направила доволно за случајот „Рекет" во кој меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше формирана со една единствена цел - да ги гони криминалците.
„Од испитаниците 68 проценти сметаат дека Владата не се справила доволно добро или веројатно нема понесување одговорност и се добива впечаток дека не е стигната правдата и затоа се разочарани граѓаните, дека и натаму не одговараат високи функционери за коруптивни и други криминални дејствија во државата“, вели Александар Кржаловски од МЦМС.
Според него, граѓаните се разочарани од таквиот однос и кај нив паѓа довербата и во институциите и во самите политички партии.
Од анкетата видливо е дека мнозинството или над 50 проценти од граѓаните сметаат дека треба да се појави нова политичка партија.
„Над 50 проценти не се подготвени веќе да гласаат и за едните и за другите кои меѓусебно се обвинуваат, но не се процесуираат низ судскиот систем, туку се чини дека во координација продложуваат да работат за лични или партиски интереси наместо за граѓаните. Тоа и понатаму ја осиромашува државата и ги тера луѓето да не веруваат во системот и да бараат излез надвор од државата за својата состојба“, вели Кржаловски.
Незадоволената правда беше една од темите и на годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
Осврнувајќи се врз широкото граѓанско движење на отпорот кое беше генератор на демократските промени и настапуваше под мотото „Нема правда, нема мир“, Пендаровски рече дека за жал и по три ипол години во државава малкумина се убедени дека правдата пристигна. Во редица судски процеси не видовме завршница, рече тој додавајќи дека некој од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите, а оти креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и при тоа ниту една институција не кажа јавно како такво нешто е воопшто можно.