По четири месеци пауза Мешовитата комисија за историски и образовни прашања ќе одржи нова средба. Извори во комисијата за РСЕ потврдија дека средбата ќе се одржи на 21 и 22 октомври и како и претходната, што се одржа во јуни, ќе биде онлајн поради пандемијата со коронавирусот.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, оцени дека сите отворени прашања со Бугарија можат да се решат, но како што рече, камен на сопнување во моментов е ќорсокакот во работата на мешовитата комисија за историски прашања. Тој додаде дека бараат модус како да ги раздвижaт членовите од двете страни за работите да се поместат од мртва точка, а првиот чекор, според него, е наместо онлајн, состанокот да го одржат со физичко присуство.
Видете и ова: Стоев: нов круг консултации меѓу Софија и Скопје до крајот на октомвриИнаку, најавената средба ќе се одржи во период во кој првиот круг од локалните избори во Македонија ќе биде завршен, а во Бугарија во тек е кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 14 ноември.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија комисијата мора да продолжи со работа без разлика на политичката состојба во двете земји.
„Клучно е да не се политизира нејзината работа, а тоа наједноставно би се направило преку поретки, повнимателни изјави, или пак и немање изјави по секоја средба“, вели Трошановски.
И додека домашната политичка сцена во двете држави е изборна, Софија и Скопје работат на таканаречениот план 5+1 кој како што најави бугарскиот министер Светлан Стоев, ако се договори би можело да го потпишат тој и неговиот македонски колега Бујар Османи. Ако биде потпишан нејасно засега е дали Бугарија ќе дозволи напредок во македонските европски интеграции кои ги блокираше лани.
Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања пак, е една од шесте точки кои се дел од планот. Засега е нејасно и што точно ќе има во планот поврзано со нејзината работа.
Комисијата дел од планот 5+1
Вицепремиерот Никола Димитров, кој заедно со премиерот Зоран Заев се сретна со европските претставници и бугарскиот претседател Румен Радев минатата недела во Брдо кај Крањ, во интервју за Радио Слободна Европа дадено летово рече дека во евентуален патоказот со Бугарија може да го има процесот за работата на комисијата, но не и содржината.
Видете и ова: Историската комисија во патоказот за европскиот напредок- замка или решение?На пример вели, во него може да има колку пати годишно ќе се среќаваат членовите на комисијата, тоа што е договорено да биде веднаш објавено од македонска и од бугарска страна, или пак, да се воведе експертиза и искуство од работата на комисијата од трета страна.
„Во патоказот ние може да зборуваме за процесот, а не може да наметнуваме оти ќе се искрви процесот и нема да биде вистинско решение. Времето е важен фактор за да има вистинско решение кое нема да биде наметнато од политиката. Општествата треба ова да го прават. Ние треба да се бавиме со тоа што ни е работа, со денес и утре, а со вчера општествата треба да се бават, пред се, најповиканите, историчарите“, вели Димитров.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Јунската средба- најтешка и разочарувачка
Инаку последната средба на комисијата се одржа во јуни. Брифинзите и изјавите од двата тима, македонскиот и бугарскиот, тогаш упатуваа на тоа дека средбата не поминала најдобро.
Тој 14 состанок откако се формираше комисијата како што соопштија од македонскиот тим историчари „бил најтежок досега“.
„Нема волја кај бугарската страна да се дојде до решение во кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација. Бугарскиот тим гледа можност да го наметне во друга држава својот поглед на минатото и образовниот систем“, брифираа тогаш од македонскиот тим.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Копретседавачот на комисијата и шеф на бугарскиот тим Ангел Димитров по таа средба изрази разочарување и уште тогаш најави дека новиот состанок ќе биде во октомври.