Македонија го зголеми извозот во Косово една година откако Приштина одлучи да воведе царини од сто отсто за производите од Србија и Босна и Херцеговина. Но фирмите можеа да искористат и повеќе ако имаше добра инфраструктура, оценуваат од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Според податоците објавени на косовското биро за статистика увозот од Македонија во Косово во октомври годинава е 6, 9 отсто, а лани истиот месец, непосредно пред воведувањето на царините, увозот од земјава изнесувал 5,1 отсто.
„Овој тренд мислиме дека е добар, но не е задоволувачки, бидејќи вкупниот увоз од Србија во Косово изнесуваше некаде околу 16 отсто, а сега увозот од Србија кон Косово е речиси 0,1 отсто што значи дека има можност и простор ние тоа да го искористиме уште повеќе“, вели Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Според нивните податоци најмногу е зголемен извозот на прехранбени производи од земјава кон Косово и тоа, како што вели Хоџа, брашно и шеќер, но и други производи кои земјава ги внесува па понатаму според договорот ЦЕФТА ги извезува во Косово. Тој вели дека државата конкретно за овој случај не можела многу да им го олесни патот на бизнисмените, но посочува дека постојат проблеми стари со години кои никако да се надминат.
„Ние со години апелираме до власта да ни го олесни патот кон Косово поради тоа што таа е стратегиски важна држава за Македонија во смисла на увоз на стоки од земјава. Во 2012 година имавме некаде 512 милиони евра извоз сега тој извоз е на половина, некаде 250 милиони евра“, вели Хоџа.
Годината која што ја споменува Хоџа, автопатот кој ги поврза Албанија и Косово веќе беше готов што ја зголеми можноста за економска соработка и размена меѓу Тирана и Приштина. Дванаесет километри кои го делат Скопје од границата со Косово, пак, се уште се во лоша состојба. Според последните ветувања од владата патот ќе се гради во два дела, прво два километри, па потоа уште десет, а целосно ќе биде готов по 2023 година.
Автопатот кон Косово се уште не е почнат
А изградбата на автопат до Косово е ветување старо најмалку деценија. Лани во декември вицепремиерот Бујар Османи рече дека процедурата за изградба на патот ќе почне во јануари 2019 година. Тогаш тој прецизираше дека два километри ќе се градат од државни пари, а останатите 10 км со кредит од ЕБРД.
Пролетва премиерот Зоран Заев во Косово на отворањето на автопатот Арбен Џафери вети брза реализација на патот Скопје- Бладе.
„Така ќе се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина и патувањето меѓу овие два града ќе трае само 45 минути. Наша обврска е автопатот Скопје Приштина, како дел од Рутатата 6 од Паневропските мрежи на патишта да започнеме да го градиме во предвидениот рок и целосно да го завршиме во експресно време“, рече Заев во мај.
Во јули оваа година Османи како координатор на Владата за имплементација на проектот Скопје – Блаце, заедно со Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, ја претставиобјавата на тендерот за реализација на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце односно првите два километра.
Минатиот месец Заев рече дека најмалку две компании се заинтересирани за изградба на тие два километра на повторениот тендер, што траеше до 29 ноември. Претходната тендерска постапка беше поништена оти имаше само една понуда која го надмина предвидениот буџет за таа јавна набавка. Премиерот рече дека сакаат да го почнат првиот дел, а потоа веднаш да биде објавен и вториот дел некаде како што кажа во февруари, март или април.
Сега од Министерството за транспорт и врски најавуваат дека тендерската документација ќе биде отворена деновиве.
Но, историјата на изградбата на автопатот долг колку половина од патот меѓу две скопски населби на пример Драчево и Радишани трае со години. Поранешната влада предводена од Никола Груевски во 2012 година најавуваше дека патот ќе се гради преку издавање на концесионер, а не со кредит. Истата најава стигна и во 2014 година, а ако се види владината програма тоа е ветено и во 2011 година кога по трет пат ВМРО-ДПМНЕ формираше влада.
Чести трговски војни
Патот, ама и македонските компании можеа нешто повеќе да сторат, вели поранешниот министер за финансии, економистот Џевдет Хајредини.
„Обемот на трговската размена со Косово не е толку голем за да биде пречка автопатот а и сега патот каков што е не е многу оптоварен со возила. Косово и Македонија се многу географски упатени една на друга и таа размена мора да биде многу поголема“, вели Хајредини.
Видете и ова: Косово и Србија - македонски партнери за трговски блокади
Дополнително врз трговските односи меѓу двете земји влијаат и честите несогласувања кои доведуваат до трговски блокади. Па така летово Косово наложи забрана на увозот на компири и мед од земјава, како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увозот на риба за порибување од Косово. Проблемот се надмина брзо, но ова не се случува првпат.
Тензии во трговските односи имаше и и лани кога Приштина одлучи привремено, во рок од 90 дена да ги зголеми царините за 30 отсто за 21 земјоделски производ за да го заштити сопственото производство. Таа мерка не беше насочена само кон Македонија, туку кон сите, но овде предизвика силни реакции поради големиот извоз на македонските производители на косовскиот пазар.
Незадоволителни ефекти во Косово
Деновиве наврши една година откако косовската влада воведе царини од сто насто за производи од Србија и Босна и Херцеговина. Ова мерка наиде на големи критики од меѓународната заедница, но исто така барем засега не ги донесе посакуваните економски и пред се политички очекувања на власите во Приштина.
Гоце Атанасов
За Наим Красниќи, мал бизнисмен од Приштина, царините од сто насто за српски производи се фер одлука. Тој иако се жали на покачувањето на цените вели дека стоките од други земји, како Хрватска, Северна Македонија или Бугарија биле со повисок квалитет.
„Тоа беше фер одлука и треба да остане сè додека Србија не почне да ги прифаќа нашите стоки. Се дотогаш не треба да ги земаме нивните стоки“, вели Ќрасниќи.
И покрај скромните економски придобивки и мало политичко влијание, новиот косовски кабинет најверојатно нема да ја укине сто процентната тарифа воведена пред една година за увоз на стоки од Србија и Босна.
Видете и ова: Србија од косовските такси има загуби од 400 милиони евра
Тоа ги блокираше разговорите со посредство на Европската унија за нормализирање на врските на Косово со Србија. Берат Рукиќи од Стопанската комора вели дека царините имале мало позитивно влијание врз локалните производители.
„И секако ова влијаеше врз цените и затоа годинава имаме и повисока стапка на инфлација.“
Царините создадоа тешкотии, главно, за градежните компании кои добиваа суровини од Србија. Србија покрива приближно една четвртина од увозот на земјата. Годишната трговска размена беше околу 400 милиони евра, плус 200 милиони евра од шверцот, особено на северот каде што се наоѓа поголемиот дел од етничкото српско малцинство.
Но, Рамуш Харадинај, премиер во заминување кој ја воведе тарифата и кој не доби поголема поддршка на предвремените избори во октомври, вели дека Косово не треба да ја менува својата позиција.
„Тарифите од сто насто ја донесоа би рекол важноста од потребата за признавање. Денес тоа е прашање, признавањето е решение.“
Партијата на Харадинај не победи на изборите и покрај тоа што неговата влада ја воведе тарифата во минатиот ноември како одмазда откако Косово не успеа да стане членка на УНЕСКО и Интерпол, по српското лобирање. Приштина се спротивстави на меѓународниот притисок да ја суспендира тарифата, наведувајќи дека ќе ја укине само кога Белград ќе го признае косовскиот суверенитет и ќе престане да го спречува пристапот во меѓународните организации.
Албин Курти, кој се претпоставува дека ќе стане следниот премиер на Косово, признава дека мерката имала „скромен ефект“.
„Економскот ефект е многу скромен. Најголеми корисници на царините од сто насто кон Србија не беа локалните производители, туку земјите како Турција, Израел и Словенија. Исто така, тоа предизвика раст на цените на производите за пет проценти.“
Курти најави дека ќе ја замени стопроцентнтата тарифа со целсоен реципроцитет во односите со Србија. Според него, дипломите од српските универзитети се признати на Косово, но не и обратно. Возачките дозволи на Косово не се признаваат во Србија, како и сертификатите за стоки произведени на Косово. Тоа е малку веројатно да го убеди Белград да ги продолжи разговорите. Европската унија инсистира дека нема влез во ЕУ без нормализирани односи.
„Ни треба малку дијалог со Брисел за дијалогот со Белград“, вели Курти.
Сафет Герџалиу, економист, вели дека царините го оштетиле Косово.
„Јас мислам дека ние ја загубивме исто така целата поддршка од Европа и Америка и мислам дека е време да размислиме како можеме да пристапиме во иднина во врска со давачките од сто насто за продукти од Србија и БиХ.“
Инаку земјите од регионот не се оние кои најмногу го зголемиле извозот кој Косово по зголемување на царините. Увозот според податоците од косовското биро за статистика во октомври годинава од земјите членки на ЦЕФТА паднал за речиси 48 отсто, а за сметка на тоа се зголемил со земјите членки на Европската унија како Германија, Италија, Грција, Бугарија и Словенија. Во однос на земјите од ЦЕФТА, односно од регионов Македонија е прва увозник на Косово, односно 6,9 отсто, втора е Албанија со 6,3 отсто, а трета е Србија со 0,1 отсто.