Македонија стана Северна, а „Рекет“ го урна СЈО

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

2019-та: НАТО, ЕУ и изборите во сенка на „Рекет“

На почетокот на годината беа изгласани измените во Уставот со кои новото име на државата стана Република Северна Македонија. Се одржаа претседателски избори на кои победи Стево Пендаровски. Земјата е на чекор до НАТО, но по „топлата“ препорака од мај, стигна „студеното“ НЕ од ЕУ. Сепак се чини дека најголемо интересирање кај јавноста предизвика аферата Рекет.

Го реобјавуваме прегледот на домашни настани кои ја одбележаа 2019 година, првично објавен на 2 јануари 2020.

Во почетокот на 2019 година, поточно на 11 јануари, по период исполнет со неизвесност дали ќе биде обезбедено неопходното двотретинско мнозинство, преговори, предлози, протести пред Собранието, обвинувања од опозицијата за уцени на нивни пратеници, беа изгласани измените во Уставот врз основа на претходно постигнатиот Преспански договор, со кои новото име на државата стана Република Северна Македонија.

„Констатирам дека Собранието го донесе Уставниот закон за спроведување на амандманите од 33 до 36 на Уставот на Република Македонија“, рече претседателот на парламентот Талат Џафери по гласањето „За“ од страна на 81 пратеник.

Освен претставниците на владејачката коалиција и партиите на Албанците, за измените гласаа и 8-мина членови на независната пратеничка група, порано пратеници на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Во нивно име за време на дебатата се обрати министерката за култура од времето на владата на ВМРО ДПМНЕ, Елизабета Канческа Милевска.

„ВМРО-ДПМНЕ длабоко верува дека ова е последна шанса за државата во евроатлантскиот процес и за жал избра да биде нем набљудувач и со тивка деструкција да ја префрли одговорноста и некој друг да биде крив, а само не раководството на партијата”, рече таа.

А лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, по изгласувањето на Уставните измени, рече дека тоа е чин на предавство и оти со Договорот од Преспа се нанесувала неправда.

„Токму поради ова ВМРО ДПМНЕ бара веднаш распуштање на парламентот и одржување на вонредни парламентарни избори заедно со претседателските избори”, истакна Мицкоски.

Видете и ова: Уставните измени усвоени, ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори

Премиерот Зоран Заев, кој претходно имаше долги преговори со дел од пратениците Албанци во врска со дефинирањето на етничката припадност во делот на државјанството, на крајот објасни што е договорено.

„Државјанството, македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија, во личните документи и патни исправи на граѓаните се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Државјанството, македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија, во личните документи и патни исправи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се пишува на македонскиот јазик и неговото писмо и на тој јазик и неговото писмо”, рече Заев.

Со оглед на тоа дека промената на името на државата веќе со години беше единствен услов за прием во НАТО, во почетокот на февруари во Брисел министерот за надворешни работи Никола Димитров и Генералниот Секретар на НАТО Јенс Столтенберг го потпишаа протоколот за влез на Македонија во Алијансата.

„Како процесот на ратификација ќе продолжи во главните градови на сојузниците, ние очекуваме да продолжите со реформите за да го зголемите придонесот на вашата земја во Алијансата. Од своја страна, НАТО ќе продолжи да ви пружа помош и поддршка. Од денеска вашите претставници ќе ни се придружат на оваа маса, како претставници на поканета земја на состаноците. Тоа што ќе станете 30 земја членка, ќе ви помогне да обезбедите долгорочна стабилност, суверенитет и безбедност“, рече Столтенберг.

„НАТО за нас е семејство кое тежнее да го направи нашиот свет помирен и подобро место за живеење. Ова патување не направи позрели и со тоа што го постигнавме со нашите соседи докажавме дека може да ја преземеме нашата обврска, нашата одговорност, дека можеме да се соочиме со проблемот и да го решиме“, изјави Димитров.

Прва протоколот го ратификува Грција, два дена по настанот во Брисел, како симболична порака до другите земји- членки дека веќе нема пречки за полноправно зачленување на Северна Македонија во НАТО. Пораката беше примена, па во текот на годината 28 земји го ратификуваа протоколот, со исклучок на Шпанија, поради оставката на владата и вонредните парламентарни избори.

Со ЕУ топло-ладно

Ако за патот кон НАТО по измените на Уставот може да се каже дека се одвиваше според желбите и очекувањата, па дури и побрзо од тоа, вториот дел од пакетот евроатлантски интеграции, односно посакуваниот датум за почеток на преговорите со ЕУ, беше во стилот топло- студено.

Кон крајот на мај, по којзнае кој пат, земјава заедно со Албанија доби препорака за почнување преговори со Европската Унија. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, соопштувајќи ја одлуката за тоа, ги пофали реформите што се изведуваат во двете земји.

„Северна Македонија не само што продолжи со својата амбициозна реформска агенда, туку и го постигна историскиот договор со Грција, решавајќи го долгогодишниот спор за името. Ова заедно со билатералниот договор со Бугарија е пример за зајакнување на добрососедските односи во целиот регион. Ова е светол пример за другите земји и сведочи за привлечната моќ на европската перспектива. Двете земји испорачаа резултати во реформите кои беа едногласно усвоени на Советот во јуни 2018 година. Врз основа на тоа Комисијата препорачува Советот да ги отвори преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега“, рече Хан во своето обраќање.

По „топлата“ препорака од мај, стигна „студеното“ одлагање веќе во јуни. Имено, како што рече Хан, земјите членки на Европската унија не ја потврдиле препораката на Европската комисија и тој жали поради тоа.

„За жал малцинство земји членки не беа во можност да ја поддржат јасната препорака на Комисијата да се почнат преговорите со Албанија и Северна Македонија”, додаде Хан.

Тој објасни дека германскиот Бундестаг немал доволно време да донесе заклучоци, најавувајќи оти Унијата на тоа прашање ќе се наврати во октомври. Во наредните неколку месеци бевме сведоци на дијаметрално спротивни очекувања од најавената одлука на Брисел. Од крајно оптимистички дека датумот за почеток на пристапни преговори е веќе готова работа, до песимистичко- отрезнувачките ставови дека нема да добиеме датум поради непостигнувањето договор околу законот за јавно обвинителство, како и поради аферите што се појавија во меѓувреме.

Вашата земја во последните две години направи сè што се очекуваше од неа и сега е ред на ЕУ, е пораката што претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск ја испрати по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје во септември, пред донесувањето на одлуката во октомври за тоа дали земјава ќe добие датум за почнување преговори.

„Скопје е најдоброто можно место каде што би сакал да ги повикам лидерите на ЕУ- сега вие завршете си ја својата работа, бидејќи Северна Македонија веќе си го заврши своето“, рече Туск.

Помпео во Охрид

Во почетокот на октомври во земјава престојуваше и американскиот Државен Секретар Мајк Помпео, чија посета беше оквалификувана како многу значајна за нашиот евроатлантски пат.

„Америка ги поддржува земјите кои се силно посветени на владеењето на правото и доброто владеење. Ги поздравуваме чекорите што ги презема владата во борбата против корупцијата и охрабруваме да има поголема одговорност за сите кои ја злоупотребиле јавната доверба. Борбата против корупцијата е клучна за вашето членство во ЕУ и НАТО и уште поважно, тоа е вистинската работа што треба да ја направите за демократијата и за вашиот народ“, рече Помпео.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Помпео - Борбата со корупцијата клучна за членството во НАТО и ЕУ

Но и покрај сите овие пораки и охрабрувања, најстудениот туш дојде во средината на октомври од Брисел, каде што, по неколкудневна неизвесност, ЕУ не определи датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, поради, како што беше кажано, ставот на некои земји, пред се на Франција, дека Унијата треба да направи реформи во нејзиниот пристап кон проширувањето со нови членки. На ова прашање ЕУ ќе се наврати за време на хрватското 6-месечно претседавање, најверојатно на мајскиот самит во Загреб.

Оваа одлука беше повод за многу реакции во земјава, а преовладуваше тон на разочараност и изневереност, како и обвинувања од опозицијата дека власта е виновна за тоа.

„Ваквата одлука за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија. Тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт“, рече тогаш лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Реагираше и претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање ситни дневно- политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат “, рече тој, најавувајќи дека закажал лидерска средба и оти сите ја прифатиле поканата.

Епилогот од таа лидерска средба беше договор за предвремени парламентарни избори што ќе бидат одржани на 12 април 2020 година.

Пендаровски стана претседател на државата

А претседателските избори беа одржани во април и во мај. Како што се очекуваше по објавувањето на имињата на кандидатите, во вториот круг битката за 5- годишен мандат во вилата Водно се водеше меѓу кандидатката на опозицијата Гордана Сиљановска- Давкова и Стево Пендаровски, зад кој застана владејачката коалиција. Кампањата главно мина во критикување на Преспанскиот договор од страна на опозицијата и истакнувањето на важноста на евроатлантските интеграции, како главна поента на власта. Со околу 52 насто од гласовите, победник и нов претседател на државата стана Стево Пендаровски.

„Ќе бидам претседател на сите. Ќе бидам поддршка на владата за сите важни проекти од интерес за вас, граѓаните. И да, ќе и забележувам, ќе сугерирам, богами и ќе критикувам, секаде каде што ќе видам дека може и подобро и повеќе“, рече тој, истакнувајќи дека исходот на изборите значи загарантиран пат напред кон ЕУ и НАТО.

Претседателски избори во Макеодонија

Од друга страна, опозицијата обвини дека на изборите се случил тежок фалсификат и изборен инженеринг. Поразената кандидатка, пак, изјави дека ако се погледнат бројките, треба да се направи преиспитување на однесувањето на власта, односно оти резултатот зборува за нејзино делегитимирање и наметнува потреба од разговори, преговори и за сериозно размислување за предвремени парламентарни избори. Сепак, таа изјави дека се чувствува чудно, бидејќи бројките говореле за пораз, но оти истовремено се чувствува исполнето.

„Верувале или не, ама да добиете речиси 370 илјади гласови е голема благодарност, а згора и да станете позната по улиците како Гога“, изјави Сиљановска Давкова.

Меѓународните набљудувачи на изборниот процес на крајот соопштија дека тоа биле мирни и добро спроведени избори, со успешна завршница. Но, тие изразија сериозна загриженост околу законската рамка и повикаа на итно спроведување на законодавната реформа.

„Нашата делегација смета дека на некои проблеми што постојано се јавуваат во изборниот процес и натаму не е одговорено, особено на потребата од реформа на изборниот законик и општо земено, политичкиот систем, за граѓаните повторно да се вклучат и да се обезбеди нивно активно учество, без оглед на етничкото потекло. Покрај ова, од клучна важност е да се зајакне транспарентноста и контролата на финансирањето на изборната кампања. Не треба да се дозволи прашањето за членство во ЕУ и НАТО да ги засени повторените проблеми во изборниот процес“, рече Мари Кристин Дало, шеф на делегацијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа.

Стево Пендаровски беше инаугуриран на 12 мај, кога ја презеде должноста од неговиот претходник Ѓорге Иванов, кој беше претседател во два мандата од по пет години.

Јанева заврши во притвор за „Рекет“

И покрај важноста на сите случувања за кои говоревме во досегашниот тек од прегледов, сепак се чини дека најголемо интересирање кај јавноста предизвика аферата Рекет, која по неколку написи во медиумите за наводно рекетирање на бизнисмени и политичари од страна на лица блиски до власта, официјално беше потврдена во средината на јули, кога Основното јавно обвинителство, по поднесената кривична пријава, отвори истрага за две лица кои се сомничат дека сториле кривично дело „примање награда на незаконит начин“ и „перење пари“. Во јавноста веќе се знаеше дека двете лица се Бојан Јовановски познат како Боки 13 и бизнисменот Зоран Милевски, а имаше шпекулации дека тие го користеле влијанието на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за да ги остварат нивните замисли.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јанева уапсена за Рекет

„Во моментов, надлежните преземаат дејствија за прибирање докази и обезбедување присуство, а охрабрувам ако има и други лица подложени на вакви дејствија да пријават во обвинителството“, изјави републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Тој додаде дека истрагата треба да покаже дали и јавниот обвинител со помош на чие влијание тргувале осомничените, постапил незаконски. Тој додаде дека имунитетот не го штити јавниот обвинител доколку се покаже негова инволвираност во случајот. На прашањето дали оставката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева има некаква поврзаност со оваа истрага, републичкиот јавен обвинител кратко одговори:

„Оставката на Катица Јанева е нејзин личен чин и тука нема што ние да коментираме“, изјави Јовески.

Неколку дена подоцна се огласи и Јанева:

„Најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно ниту со сторување или несторување, не сум ја злоупотребила должноста која во моментов се уште ја извршувам. Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за конкретниот случај“, изјави таа.

Меѓутоа, во втората половина на август истрагата за случајот Рекет беше проширена и на Катица Јанева, на која и беше одреден 30-дневен притвор.

„Од досега обезбедените вербални и материјални докази во истрагата, Јавното обвинителство утврди дека основите на сомневање се издигнаа на степен на основано сомневање дека јавниот обвинител сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување”, рече обвинителот Јовески.

Во наредните месеци јавноста беше бомбардирана со многу информации во врска со аферата, беа објавувани снимени аудио и видео материјали. Судењето почна на 3 декември со читање на обвинението и со излагање на одбраната и на обвинетите. Јанева и Јовановски се изјаснија дека се невини, за разлика од Милески кој призна вина за делото за кое се товари, за што веќе идниот ден беше осуден на три години затвор.

„Имаше еден филм, Чарлиевите ангели. Имаше една госпоѓа Катица Јанева која влезе во тој филм, мислејќи дека никој ништо не и може. Но, влезе во мрежата на самонаречената естрадна ѕвезда Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Обвинителството ќе докаже дека тоа го сторила од алчност и за тоа ќе презентира несоборливи докази. Со тоа не се посрамоти само себе си и не ја злоупотреби само функцијата специјален јавен обвинител, туку ја предаде довербата на народот“, рече обвинителката Вилма Русковска.

Во наредните рочишта сведочеа и бизнисменот Јордан Камчев, неговата сопруга, негови соработници.

Во меѓувреме, речиси во текот на целата година, со помош и поддршка на меѓународната заедница, се одвиваа преговори меѓу политичките партии на различни нивоа за законот за јавно обвинителство, како и за судбината на Специјалното јавно обвинителство. Кон крајот на јули, во два дена во Скопје престојуваа и еврокомесарот Хан и американскиот помошник државен секретар Филип Рикер. Тие имаа средби со политички претставници на власта и опозицијата и имаа слични пораки до нив:

„Сите партии и државни тела ќе мора да продолжат да покажуваат одлучност да му дозволат на владеењето на правото да преовлада. Мора да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал. Земјите- членки го следат овој процес одблиску, но пред сè тоа е за доброто на граѓаните“, рече Хан.

„САД сакаат да можат да работат со сите политички партии во Северна Македонија, но за да го направиме тоа, како што кажа претседателот Трамп и секретарот Помпео, мора да видиме разумни напори, законот за СЈО мора да се придвижи, а неговото усвојување сега ќе значи дека тоа нема да биде прашање и ЕУ ќе може да ги отвори пристапните преговори наесен”, беше пораката на Рикер.

И покрај сите напори и притисоци и укажувања од меѓународните претставници, одржани лидерски средби и други состаноци на најразлично ниво, договор не е постигнат.

Вниманието на јавноста во изминатата година беше насочено и кон препукувањата во врска со Законот за употреба на јазиците, спроведувањето на билатералните договори со Грција и со Бугарија, долгите судски процеси кои ги иницираше Специјалното јавно обвинителство, пресудите за настаните од 27 април 2017 година, протестите и штрајковите на вработените во образованието и културата, како и против загадениот воздух.

За жал, во сенка на овие настани останаа некои случувања кои во нормални времиња би биле доминантни, како на пример посетата на папата Франциск, европската шампионска титула на ракометарите на Вардар, успесите на филмот „Медена земја“.