Ситуацијата со производството на струја во Македонија е црна, и буквално и фигуративно. Од една страна не се произведува доволно, па земјава купува од странство по многу високи цени, а од друга страна, најголем дел од струјата што се произведува е од јаглен, кој ја загадува животната средина.
Македонија увезува дури една третина од струјата што ја троши.
Со производство на струја не може да се пофали ниту Косово. И кај нив не се произведува доволно, а и таа што ја произведуваат е од јаглен, во термоцентрали кои се големи загадувачи.
Србија, Албанија и Црна Гора се скоро на нула. Произведуваат колку што трошат.
Босна и Херцеговина е единствена земја во регионот која има и за извоз.
Целата струја што ја произведува Албанија е од обновливи извори на енергија, во најголем дел од хидроцентрали.
Над 90 отсто од струјата во Косово се произведува од јаглен.
Црна Гора е апсолутен лидер во регионот во призводство на струја од ветер. Скоро 9 отсто од струјата им е произведена во ветерни централи.
Србија најмногу произведува, но и најмногу троши.
Албанија троши најмалку струја по жител, а Црна Гора најмногу.
Производството на струја во сончеви централи во регионот е занемарливо.
Целиот регион во голема мера е зависен од јаглен за производство на електрична енергија.
Сите земји извезуваат кога имаат вишоци, и увезуваат кога им треба, но Македонија е најголем нето увозник на струја.
Македонија – Една третина од струјата од увоз
Македонија, со 1,8 милиони жители, увезува дури една третина од потребната струја, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика. Во 2021 година, во Македонија биле потрошени 7906 гигаватчаса струја, а биле произведени 5285 гигаватчаса.
Најголем производител е РЕК Битола, која заедно со ТЕЦ Осломеј произвеле 2078 GWh. Тие произведуваат струја од јаглен.
Потоа следува приватниот производител ТЕ-ТО со 1.503 GWh. Когенеративната централа произведува топлинска енергија за скопјани и струја од природен гас.
Во хидроцентралите, и државни и приватни, се произведени 1454 GWh.
Од декември минатата година беше вклучена и ТЕЦ Неготино, која произведува струја од мазут.
Помалку од два проценти од струјата се произведува од ветер, а помалку од 1 процент во сончеви централи.
Во Македонија има значителен пад од 22 проценти на домашното производство во изминатата деценија, односно од 6.744 GWh во 2010 година до 5.284 GWh во 2021 година. Производството на електрична енергија во АД ЕСМ, во 2021 година, е преполовено во однос на 2011 година.
Причини за намалувањето се дефектите и прекините во работата на РЕК Битола, намалувањето на ископувањето и послабиот квалитет на јаглен, приближување кон крајот на животниот век на термоелектроцентралите и несоодветните инвестиции, се наведува во извештајот на Регулаторната комисија за енергетика.
Хидроцентралите произведуваат струја во зависност од тоа колку вода има. Производството во сушните години е драстично помало. Во 2010 година на пример биле произведени максимални 2200 GWh, а во 2017 година минимални 816 GWh, односно разлика од 2,5 пати.
За да спречи недостиг на струја, и да обезбеди непречена работа на термоцентралите Битола и Осломеј, владата купува јаглен од странство, а набавува и мазут за работа на ТЕЦ Неготино, која цела деценија беше исклучена. Со сегашните цени на струјата, и производството на струја од мазут станува економски оправдано.
Видете и ова: Ковачевски – Не знам која фирма кому е блиска и дали во РЕК Битола има блиски до Вице ЗаевАлбанија – целосно зелена струја
Албанија, со 2,8 милиони жители, е единствената земја во регионот која произведува целосно „зелена струја“. Целото производство доаѓа од обновливи извори, најголемиот дел од големите хидроцентрали.
Проблемот при целосното потпирање на хидроенергија е што производството зависи од тоа колку вода има. Во посушните години Албанија не успева да ги задоволи своите потреби, но во добрите хидролошки години има и за извоз.
Според податоците на Заводот за статистика на Албанија, минатата година земјата била извозник на струја. Биле произведени 8962 GWh струја, а потрошувачката била 8414 GWh.
Најголеми енергетски објекти се каскадата на реката Дрим во северна Албанија, односно хидроцентралите Коман, Фиерза и Вау и Дејес. Само овие три големи хидроцентрали произведуваат над 4000 гигаватчаса струја годишно, што е три пати повеќе од сите хидроцентрали во Македонија заедно.
Проблемот е што производството многу варира од година во година во зависност од хидролошката состојба. Според податоците на Државната компанија за производство на струја КЕШ, овие три централи во 2010 година произвеле над 7000 GWh струја, но на пример во 2017 година произвеле скоро 3000 GWh, што е речиси 2,5 пати помалку од максимумот.
Албанија има и една термоцентрала од 97 MW во Валона, но има проблеми со нејзината работа и не е во функција. Таа термоцентрала е на нафта, но може да се префрли и на гас.
За да спречи недостиг на струја, албанската влада изнајми два брода-термоцентрали кои ќе бидат вкотвени во Јонското Море во близина на Валона и кои ќе произведуваат струја од нафта. Владата се надева дека во функција ќе биде и термоцентралата Валона.
Србија скоро на нула, најголемо производство од јаглен
Србија, со скоро 7 милиони жители е најголемата држава во регионот. Тие се најголем производител и најголем потрошувач на струја. Според податоците на нивната Агенција за енергетика, лани во земјата биле произведени 35.656 GWh струја, а потрошувачката била само малку поголема од производството. Податоците од изминатата деценија покажуваат дека Србија произведува многу блиску до сопствените потреби. Некоја година малку повеќе, некогаш малку помалку.
Над 60 проценти од струјата се произведува во термоцентралите на јаглен, околу 34 проценти се од хидроцентралите, а три отсто од ветерни електрани. Останатото е од когенеративните централи на мазут или гас, како и помали електрани на други горива.
Најголем производител во земјата е комплексот термоелектрани Никола Тесла во близина на Белград. Комплексот се состои од четири термоелектрани со 14 блока со инсталирана моќност од над 3400 мегавати. Се работи за најголемиот производител на струја во југоисточна Европа, со годишно производство од над 16 илјади гигаватчаса.
Хидроцентралите Ѓердап I и Ѓердап II, на реката Дунав, на самата граница меѓу Србија и Романија, произведуваат над 7000 гигаватчаса струја годишно. Тоа значи дека само српскиот дел од овие хидроцентрали произведува повеќе струја од сите енергетски капацитети во Македонија заедно.
Црна Гора лидер во производство од ветер
Црна Гора минатата година произвела струја за да ги задоволи своите потреби, па дури и малку за извоз. Според податоците од нивниот завод за статистика, лани биле произведени 3776 GWh струја, а потрошувачката била 3606 GWh.
Над 60 проценти од струјата во најмалата земја во регионот, со околу 620 илјади жители, е произведена од обновливи извори, најмногу од големите хидроцентрали и помал дел од ветерници, кои учествуваат со 8,5 отсто во производството.
Најголеми енергетски објекти во земјата се Термоелектраната Пљевља на северот на земјата, во близина на границата со Косово и хидроцентралата Перуќица во близина на Никшиќ во централниот дел на земјата. Само оваа хидроцентрала произведува струја, речиси колку сите хидроцентрали во Македонија.
Босна и Херцеговина има и за извоз
Видете и ова: Планот за енергетската криза зимава ќе го тенчи буџетот
Босна и Херцеговина е единствената земја во регионот која произведува многу повеќе струја отколку што ѝ треба. Според податоците на тамошната Регулаторна комисија за енергетика, земјата со скоро 3,3 милиони жители лани произвела над 17 илјади гигаватчаса струја, а потрошувачката била над 12 илјади гигаватчаса. Над 57 отсто од струјата е произведена од јаглен. Податоците покажуваат дека над 9800 гигаватчаса се произведени во термоцентралите на јаглен, а над 6300 гигаватчаса се од хидроцентралите. Остатокот е од ветер, сонце и од мали хидроцентрали.
Босна има пет големи термолектрани на јаглен. Најголемата, во Тузла, произведува над 3100 гигаватчаса струја годишно.
Во земјата има и 15-тина големи хидроцентрали, меѓу која најголема е Вишеград на реката Дрина, која произведува околу 1000 гигаватчаса годишно.
Косово - скоро целата струја од јаглен
Над 93 отсто од струјата произведена во Косово се добива од јаглен во термоцентралите Обилиќ А и Б во близина на главниот град Приштина.
Според податоците од нивната Регулаторна комисија за енергетика, земјата со 1,8 милиони жители лани произвела над 6200 гигаватчаса струја, а потрошила скоро 6900 гигаватчаса, односно скоро 10 отсто од струјата ја обезбедиле од увоз.
Косово има скромни хидроенергетски потенцијали, а во последните години инвесира во ветерни и сончеви централи.