Пешак го загуби животот на пешачки премин во центарот на Скопје. 25-годишна девојка беше прегазена на пешачки кај Сити мол, а нејзиниот партнер повреден. Почина 48-годишник во тешка сообраќајна несреќа во Ново Лисиче, а со тешки телесни повреди се здобила неговата ќерка. За само една недела ова се три настани кои се случија во Скопје и ја вџашија јавноста.
Никој не презема одговорност за секојдневното дивеење по улиците, но и за тоа што се случува со автономниот систем на камери најавуван како дежурен чувар на сообраќајот, но и мерка за психолошки притисок за граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Видете и ова: По сообраќајката кај Сити мол- приведен возачот, се проверуваат снимките од камеритеПред шест години 43-годишниот Бојан од Скопје се судрил со возило на раскрсница во строгиот центар на Скопје. Вели дека 100% бил сигурен дека минал на зелено светло. На семафорите имало камери, ама никогаш не успеал да добие снимка за да докаже дека нема вина. Во сообраќајката имало само материјална штета, па случајот бил затворен така што двајцата возачи ја споделиле одговорноста.
„Доколку камерите работеа немаше да има толку сообраќајки да ни се случуваат, од кои една во која и јас бев инволвиран, и на крај за жал, а бев сигурен дека сум во право, исходот излезе неповолен за мене. Се надевам дека набрзо ќе профункционираат камерите за да имаме поголема безбедност и да не ни се случуваат секојдневни несакани ситуации и не дај боже луѓе да починат“, вели скопјанецот.
Системот на почек веќе 10 годнини
Системот на камери и казни на домашна адреса беше најавен пред повеќе од една деценија. Во меѓувреме, беа распишани тендери и поставени камери, но никогаш не профункционира на начинот на кој беше ветено - автоматски да ги следи и казнува сите што прават грешки во сообраќајот.
Ана Попризова, психолог и психотерапевт смета дека ако овој систем профункционира, ќе се направи силен психолошки притисок врз граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
„Бидејќи ние како општество генерално не сме ни воспитани, не ни е ни вредност преземање на одговорност за сопствените постапки, сметам дека како модел тој систем на видео надзор може да биде добра почетна основа, затоа што е коректив на однесувањето на учесниците во сообраќајот“, вели Попризова.
Таа забележува дека сме општество со висок степен на насилство и корупција, па тоа се отсликува и во сообраќајот. Додава дека ако на ова се додаде и константниот стрес и анксиозност поради редовните гужви, сето тоа носи до чувство на беспомошност што на долг рок ја намалува толеранцијата, создава нервоза и фрустрација, но води и до агресивност кај дел од луѓето. Затоа смета дека час поскоро треба да се размислува за превенција преку едукација, но и надзор.
„Јас сметам дека најдобро е превенција и едукација на децата и младите и паралелно воведување на таков систем којшто би значел дека да, снимката е над коруптивниот систем, за секоја снимка ќе си следува казна, и ќе си понесе тој учесник во сообраќајот одговорност. Е сега тука пак е прашање зошто во милионски градови тие системи успеваат да се имплементираат, и зошто не се случува тоа кај нас. Повторно е заради прашањето дали ние ќе обезбедиме казнивост на тие дела. Значи ако повторно се почне со ургенции и врски, тогаш каков сака нека е системот идеален, не е до системот, туку е до човечкиот фактор“, вели таа.
На слична линија е и социологот Ѓорѓи Тоневски. Тој укажува дека сообраќајот е дел од општеството, па сета некултура се прелева и тука, од немањето вредносен систем и одговорност, неказнувањето, па се до нефункционирање на правото. Проблем гледа и во учесниците во сообраќајот, но и во тие кои го одржуваат редот.
„Што е тоа што ги спречува институциите, повиканите, органите да обезбедат едно поголемо почитување на тие правила на игра во сообракајната култура? Значи некаде има нешто што е прекинато, односно олабавено, во смисла на извршување на задачи, почитување и нагласување на контролата во одвивањето на сообраќајот. Викаат дека и контролорите треба да бидат контролирани. Значи негде, некоја контрола е избегана од контролата... “, заклучува Тоневски.
Видете и ова: Со камери и компјутери против кинењето сообраќајни казниСмета дека системот на камери треба да профункционира, но исто така предупредува дека многу е важен човечкиот фактор.
„И кај камерите имате човечки фактор, се што постои во општеството е од луѓето и за луѓето. Што ако камерите регистрираат, а нема тоа кој после да го процени. Ако овој може да вози со 200 на саат и никој на тоа да не реагира.. зошто да не може да не реагира и на камерите“, укажува социологот.
Пред неколку дена и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ побара од премиерот Димитар Ковачевски, Владата и скопската градоначалничка Данела Арсовска под итно да се активира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот во главниот град. Оттаму сметаат дека неодложно треба да се преземе одговорност и да се покаже политичка волја за што побрзо воспоставување на сообраќајна безбедност на патиштата низ државата, а особено на градските улици во Скопје.
„Во духот на борбата против корупција и транспарентното управување кое очекуваме да биде врвен приоритет во државата, го бараме активирањето на автоматскиот систем за следење и казнување, со кој граѓаните ќе се чувствуваат правично дури и кога ќе бидат казнети, бидејќи ќе знаат дека системот не распознава моќ, врски и познанства, “ стои во барањето на „Шанса за Центар“.
Од иницијативата додадоа дека активирањето на автоматскиот систем со камери ќе ја олесни работата на полицијата, ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и култура, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Системот на камери беше најавен пред повеќе од една деценија, а камерите беа купени и поставени во времето на премиерот Никола Груевски. Неисполнето ветување остана тоа дека ќе се слика секој прекршок заедно со регистарската табличка, а казната ќе стигнува на домашната адреса на сопственикот на возилото.
Видете и ова: Драги Рашковски на судВо Владата на Зоран Заев, пред две години беше купен софтвер за определување на брзината на возилата во сообраќајот и изрекување казни. Ама случајот заврши на суд, а главен обвинет беше поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски. На него му се суди за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци преку фирмата „Инвока груп“, чиј софтвер Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело, како и за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка. Патентот за софтверот е на Рашковски. Владата ,во меѓувреме, го раскина договорот со „Инвока груп“, па автоматскиот систем на камери престана да се споменува, ама дивеењето во сообраќајот продолжи.
Се чека и на законски измени
Како што појаснуваат познавачите на состојбите за РСЕ, камерите на Град Скопје се користат главно за мониторинг на сообраќајот и немаат изострена слика. Оние на МВР пак работат со одлична резолуција и можат лесно да снимат регистрацијата на возилото или кој седи зад воланот. Сепак, официјални информации за системот на камери од МВР не добивме до објавувањето на текстот. Од Град Скопје пак велат дека ним главна цел им е следењето на фрекфентноста на сообраќајот.
„Преку 50-тина камери поставени се претежно во централното градско подрачје, со ниска резолуција, заради Законот за заштита на податоците, преку кои се следи единствено фреквентноста на сообраќајот во реално време, а материјалите според Законот се чуваат само 30 дена. Истите се издаваат исклучиво за потребите на МВР и тоа преку писмено барање од Основното јавно обвинителство (ОЈО). Камерите се поставени за потребите на ЦУКС, а во одредени ситуации се користат и од страна на МВР, додека санкционирањето на било каков сообраќаен прекршок е во надлежност на службите на Министерството за внатрешни работи“, стои во одговорот од Градот.
И камерите на МВР служат само за надзор, а во одредени случаи по наредба на јавен обвинител, дел од снимките може да се користат како доказ при нарушување на јавниот ред и мир и за разрешување на кривични дела, најчесто за сообраќајки со жртви или со тешко повредени, како и за сообраќајни незгоди со големи материјални штети.
За целиот систем да профункционира потребни се и повеќе законски измени. Политичарите засега молчат, но затоа граѓаните се организираат на протести. Така, во недела на булеварот „Партизански одреди", на местото каде пред неколку дена на пешачки премин беше прегазена 25-годишната Викторија Николова, на мирен собир граѓани ќе побараат да запре сообраќајното насилство.