Достапни линкови

„Велосипедот е најбезбеден превоз во пандемиското секојдневие“


Милано 4 Мај 2020
Милано 4 Мај 2020

Велосипедистите ќе ја возат 85-тата Критична маса, со акцент дека велосипедот е превозното средство „кое се покажа како најбезбедно и најздраво за време на оваа криза“. Истовремено, организаторите од здружението „НаТочак“ поднесоа предлози за скопскиот буџет за следната година и меѓу другото предлагаат и „Простор антикорона“.

„Периодов, некои работи драстично се променија во нашите животи - држиме растојание, некои од нас работиме од дома, некои работиме со маски, миеме раце многу почесто од претходно, и за жал многу помалце се гледаме. Но ако нешто не се промени во „новото нормално“, тоа е возењето велосипед. Не замре, не исчезна, не тлее, напротив! Зема замав! И тоа не само кај нас, насекаде во светот. Точакот е превозното средство кое се покажа како најбезбедно и најздраво за време на оваа криза“.

Вака организаторите од здружението „НаТочак“ ја најавија 85-тата Критична маса, која ќе се вози денеска, последната среда во месецот. Објаснуваат дека #ПросторАнтиКорона е глобален феномен, со кој се открија придобивките од широк и слободен јавен простор, еднаква застапеност во сообраќајот и овоможена мобилност.

„Антикорона простор е нешто за кое што треба да бидат свесни властите и без да имаме пандемија, но ако има една позитивна страна на пандемијата тоа е дека конечно се увиде потребата од интегриран транспорт, рамноправност во сообраќајот и широк и слободен јавен простор што овозможува мобилност на граѓаните. Придобивките се многубројни: Помалку се загадува околината, расте локалната микроекономија заради тоа што луѓето со велосипед ја имаат слободата на пешак а мобилноста на автомобил, се одржува психофизичкото здравје на луѓето и општо се влијае на расположението на поединецот преку лачењето на серотонин“, дополнуваат од „НаТочак“.

Велосипедските активист месецов испратија и предлози од Град Скопје за буџетот за идната 2021 година. Меѓу деветте доставени предлози е и токму „Простор Антикорона“, со кое бараат дислокација на билборди и ситилајти, ослободување на една коловозна лента, отстранување на паркинг места пред места каде што се собираат или чекаат луѓе како аптеки, банки и пошти. Како и „ослободување на десните коловозните ленти и стеснување на останатите, а ослободените ленти да се корисатат за непречно движење на велосипеди и јавен превоз“.

„На булеварите каде што постои велосипедска инфраструктура предлагаме истата да се ослободи за пешаците, бидејќи велосипедистите би се движеле на новата велосипедска лента. Понатаму, бараме ослободување на плоштадите од непотребна урбана опрема и ослободување на паркинг местата пред комерцијалните и здравствени институции пред кои се групираат посетителите (аптеки, поликлиники, банки, пошти....) и пренамена на просторот за безбедно групирање на луѓе“, стои во предлогот на „НаТочак“.

Покрај тоа тие предлагаат и реконструкција на пешачката и велосипедската инфраструктура на булевари, буџет за велосипедска и пешачка инфраструктура да е минимум 30 проценти од вкупниот буџет за патна инфраструктура, субвенции за сервис и резервна опрема за велосипеди, промена на рабници на сите булевари низ целиот град, густо поставување на столпчиња по сите велосипедски ленти, пет бројачи на велосипеди, продолжување на рекреативната патека на Вардар до Сарај на запад и најисточните граници на градот на исток и стратешки документ за безбедност во сообраќајот наречен „Визија нула – визија за Скопје без жртви“.

„НаТочак“ започнаа со организирање на таканаречена „Критична маса“, односно групно возење со велосипед секоја последна среда во месецот. „Критична маса“ е неформален велосипедски настан кој се организира во над 300 градови низ светот. Првата „Критична маса“ во Скопје се возеше во мај 2012 година.

„Променето е многу. Кога ја возевме првата критична маса возењето велосипед се сметаше за рекреативна дејност, не се правеа никакви интервенции во велосипедсктата инфраструктура и користењето на велосипед се сметаше за неатрактивно. Денес е веќе длабоко во свеста на луѓето и властите влезено дека возењето велосипед не е само рекреативна активност, туку дека е тоа средство за урбан транспорт, локалните власти интензивно работат на освежување на постоечка и креирање на нова велосипедска инфраструктура и возењето велосипед е шик и модерно. Не ни сонувавме дека после 85 извозени критични маси во Скопје ќе се теснат улици за да се создадат велосипедски ленти. Тие во голема мера се неупотребливи заради паркираните возила на нив, но тоа е друга болна точка и ја водиме битката фронт по фронт“, велат од „НаТочак“.

Секое возење тие го посветуваат на различна тема, за која според нив е потребно институционална реакција. Иницијатива „НаТочак“ вели дека возењето велосипеди ќе продолжи сè додека не им се исполнат условите за безбедно возење велосипеди во Скопје.

XS
SM
MD
LG