Достапни линкови

„Критична маса“ слави 7 години вело-револуција


Постер за Критична Маса #81
Постер за Критична Маса #81

„Критична маса“ прославува седум години возење велосипед со повици за институционална промена. Организаторите од „НаТочак“ потсетија на нивните цели, а тоа се подобри велосипедски инфраструктури, градови со велосипедски сообраќај и градови кои ги имаат здравјето, безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина како приоритет во своите сообраќајни и други политики.

„На улиците има вело-револуција. Потребна ни е институционална (р)еволуција која ќе го фати чекорот со предизвиците на 21-ви век: климатски промени, загадување, бучава, нездрав начин на живот, физичка неактивност, жртви во сообраќај. Давањето приоритет на пешачењето, возењето велосипед и јавниот превоз во пакет се многу значаен дел од решението на сите овие предизвици!“, апелираат од „НаТочак“ во најавата за настанот.

Меѓу најважните барања тие издвојуваат Владата да ги обврзе сите поголеми градови да донесат План за одржлива мобилност, бараат Стратегија за велосипедски сообраќај на ниво на држава, современ автоматизиран Систем за изнајмување велосипеди во Скопје и други поголеми градови, велосипедски сообраќајни полигони и неколку други барања.​

„Помина времето на апелирање да се зголеми свеста. Свеста ја има кај доволен број граѓани. Условите ги нема. Институциите имаат многу помоќни алатки во свои раце од тоа да повикуваат на зголемена свест. Тие преку своите реални приоритети, правилници, планови, проекти, правила и нивно спроведување, како и преку инфраструктурни промени треба да создадат една нова свест и кај мнозинството“, велат од „НаТочак“.

XS
SM
MD
LG