Достапни линкови

Европскиот број за итни случаи 112 етапно ќе стартува годинава


Илустрација
Илустрација

Новиот систем за итна помош со повикување на единствениот европски број 112 ќе стартува етапно годинава. Во меѓувреме во функција ќе будат и броевите за итна помош, полиција и противпожарните единици. Владата ги задолжи Телеком и А1 да ги активираат бесплатно сервисите за Е-112.

Помош во итен случај македонските граѓани од 11 февруари ќе бараат на европскиот број 112. Ова е последната најава за стартување на системот кој доцни со целосна реализацијата речиси една деценија. Лани најавите беа дека овој систем ќе стартува по летниот период по завршувањето на обуките на 30-те вработени, а потоа се одложи за в декември. Последното одложување на неговиот старт е најавено за во февруари. Засега планирано е прв да биде отворен центарот во Скопје, додека другите центри ќе бидат понатаму етапно отварани.
Директорот на Центарот за управување со криза Стојанче Ангелов неодамна се пожали на институционални пречки.

Зошто доцни примната на 112 ?

„ Во неколку наврати целиот проект беше закочен, работите максимално ги интезивиравме по моето доаѓање. Се судруваме со тешки препреки. Целиот проект го туркаме на сила. Иако имам целосна поддршка од премиерот и владата повторно наидуваме на институционални препреки поради што тој малку се развлече па и самиот имплементатор побара да се одложи стартот на место на 31 декември да биде на 11 февруари“ вели Ангелов.

Тој објаснува дека станува збор за проект кој ќе се „билда во движење“ затоа што, како што вели, невозможно е да се изработи во идеална форма и да се пушти во употреба. Ангелов повика на конкурсот да се јават луѓе од, како што вели, пренатрупаната јавна администрација.

„Поради пренатрупаност на јавната администрација како и поради комплексната политичка состојба во државата одлучивме да не вршиме прием од надвор, затоа ги повикувам сите лица кои се вработени во државната администрација со средно образование на неопределено место доколку се заинтересирани да работат во овој сектор, работа која е под висок стрес затоа што секојневно ќе зборуваат со лица во тешка здравствена состојба, и истите да аплицираат за работа во центарот за управување со кризи по што ќе бидат испратени на тестирање на интелегенцја, познавање на јазиции и компјутерски вештини“ изјави неодамна Ангелов.

Опремата за овој систем била набавена минатата година и чини милион и 260 илјади евра платена од Европската делегација во Скопје. Последниот тендер на ЦУК за реконструкција и адаптација на просториите во Центарот за управување со кризи – наменети за Центарот за итни повици во Скопје изнесува 322 илјади евра. Според податоците од Бирото за јавни набавки за реконструкција и адаптација на просториите на ЦУК во Охрид, Велес, Штип, Струмица, Тетово и Битола се потрошени околу 700 илјади евра.

Владата во заминување на една од последните седници донесе одлука со која ќе ги задолжи телекомуникациските оператори Телеком и А1 Македонија да ги активираат сервисите за Е-112 бесплатно за корисниците и за операторот на системот за алармирање.

„Како заклучок е усвоена и препораката операторите да обезбедат бесплатно препраќање на СМС пораките, за корисниците и за операторот на Е-112 системот, кои ќе бидат упатени преку единствениот број на повикување во случај на ризици и опасности и други несреќи на целата територија на државата Е-112, како и да ја обезбедат бесплатно услугата на E-call за повиците кои ќе доаѓаат од автомобилите“ се вели во соопштението од Владата.

Засега планирано е главниот центар да биде во Скопје, а по неколку луѓе ќе има и во Битола, Штип, Велес, Тетово Струмица.

Сега во земјава има четири броеви на кои може да побараат помош граѓаните тоа е броевите за полиција 192, противпожарна единица на 193 , 194 за брза помош и 195 за центарот за управување со кризи. Во прво време ќе бидат во употреба сите овие броеви и со тек на време ќе се мигрира кон 112. Со воведувањето на бројот 112 сите повици од цела држава ќе се примаат во главниот центар сместен во просториите на Центарот со управување со кризи и оттаму повиците ќе се пренасочуваат кон оној за кого е наменет повикот.

Според раководителите на секторот во ЦУК за европскиот итен број 112 предвидено е оваа платформа да нуди мултијазична поддршка на македонски, албански и англиски јазик, како и поддршка на разни групи на граѓани кои имаат посебни потреби, со што ќе може да се примаат и повици за помош преку СМС пораки преку социјални медиуми.

112 е европска обврска

Единствениот европски број 112 е проект кој секоја земја аспирант за ЕУ мора да го воведе во својот систем. Македонските обиди за создавање на целиот систем за негово воведување е од периодот кога земјава стана и кандидат за членство во ЕУ во 2005-тата година.

Првиот тендер за поставеност на еден ваков систем бил распишан во 2009 година. Според податоците од Бирото за јавни набавки, тендерот за консултантски услуги за изработка на физибилити студија за системот за итни повици Е – 112 со дефинирање на идната поставеност на системот за рано предупредување и тревожење на граѓаните го спровела австриска фирма во вредност од 180 илјади евра.

Прв пат овој проект започнал да се подготвува уште во 2005-тата година, но формално е најавен од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2013 година. Уште тогаш во медиумите било објавено дека системот е речиси готов. Но, и речиси десет години подоцна тој систем не функционира.

Ставањето во функција на „112“, не би значело едноставно воведување нова телефонска линија, туку техничко и оперативно зајакнување на капацитетите и ефикасноста во системот на дознавање, лоцирање и интервенција при опасни ситуации.

Системот „ Е-112“ како единствен број за итни повици функционира во сите земји на Европската Унија и во многу други држави надвор од Унијата. Станув збор за еден, бесплатен број на кој граѓаните, без разлика на телефонскиот оператор и без разлика во која земја се наоѓаат, знаат каде да се обратат во случај на опасност, независно дали имаат потреба од полиција, брза помош, противпожарна заштита или друг вид помош во случај на неволја.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG