Прашина и дупки на улиците, зеленило речиси и воопшто нема и гужви на автобуските постојки. Ваква е сликата на само неколку километри од центарот на Скопје, во општината Шуто Оризари, единствената ромска општина во светот.
И на најмал дожд улиците се поплавуваат, а во многу делови жителите се уште немаат вода во домовите. Во голем дела од населбата воде често снемува секое лето.
„Канализацијата е катастрофална, шахтите се асфалтирани, малку да заврне тука се создава езеро. Ете во таква држава живееме“, вели жител на Шуто Оризари.
„Вчера што врнеше еден краток дожд, се поплавува. Од секоја страна улиците не се средени. Триесет години живеам тука и ова е голема срамота“, додава друг жител на општината.
Видете и ова: Пресуда - државата ги дискриминирала лицата со попреченост при остварување на правото на гласПроблем не е само инфраструктурата и канализацијата. Жителите велат огромен проблем е и јавниот транспорт.
Автобуските линии не само што не доаѓаат навреме и не се редовни, туку автобусите не собраќаат до сите населени делови каде што живеат граѓаните.
Голем дел од нив се приморани од онаму каде што ќе ги остави автобусот пеш да одат и по неколку километри до своите домови.
„Автобусите 19, 20 и 81 кои што возат тука, не се качуваат до горе по брдото. Што правиме со оние луѓе кои живеат таму? Четири станици со торби мора да одат, има изнемоштени и постари лица кои што не можат да одат“.
„Од работа ќе ги остават на автобуска станица и потоа луѓето мора пешки да одат до горе“.
„Не се редовни. Чекаме по половина до еден час. Не застануваат. Повеќето се приватни, внатре нема вентилација, се гушиме“, револтирано раскажуваат граѓаните кои утринава чекаа на автобуската постојка во Шуто Оризари кои порачуваат дека и тие како и сите останати плаќаат за услугата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Проблем и со достапноста до здравствена заштита
Долгогодишен проблем во општината е и пристапот до здравствена заштита.
Во Општината има Поликлиника, која иако така се води , не е во состојба да понуди ниту основна здравстена заштита на жителите.
Хроничен проблем е немањето на гинеколог, а секој обид овој специјалист да се донесе во општината во која се раѓаат најмногу деца, најчесто завршува за кусо време. По неколку месеци гинеколозите ја напуштаат работата во Шутка.
И покрај тоа што во изминативе години граѓанските здруженија континуирано алармираат за ова, проблемот за жените и натаму останува.
Видете и ова: Женското здравје измерено во километриЕдна од жителките на општината вели дека таа веќе престанала да се лекува во амбуланта токму поради овој проблем и била приморана да оди во друга општина за да се прегледа.
„Знам дека нема гинеколог. Не се лекувам веќе тука затоа што постојано има па нема гинеколог, повеќе нема отколку што има, а секоја жена има потреба“,вели жителка на Шуто Оризари.
Разочаран е и младиот Давид Јашари, кој што вели дека некогаш чувствува дека е дискриминиран.
„За да се дојде на лекар, не дај боже да треба да дојдеш. Се чека со часови. Да дојдеш до пристап треба да бидеш дури некултурен за да покажеш дека и ти треба да се лечиш како и сите останати граѓани на државата“, вели Јашари.
Денот на општината „прославен“ со протест
Денот на општина Шуто Оризари е на 12-ти септември, а вчера беа одбележани 28 години од основањето на општината.
Одбележувањето помина во знак на протест против градските политики.
Со транспаренти испишани со зборовите „Граѓаните на Шуто Оризари плаќаат даноци и комуналии“, „Реинвестирајте ги парите од граѓаните на Шуто Оризари во Шуто Оризари“ стотици жители вчера тргнаа од Шуто Оризари, преку Топаана и дојдоа пред Градот Скопје.
Од таму порачаа дека очекуваат пораките, потребите и барањата да бидат сериозно слушнати и вметнати итно во градските политики на Град Скопје.
На протестот се обрати и градоначалникот Курто Дудуш, кој беше кандидат на коалицијата предводена од СДСМ. Тој се пожали на немање комуникација и соработка со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која дојде на власт со поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сакате да го слушнете гласот на Ромите. Ви испраќам порака и од оние жени кои мора секој ден да пешачат и по два километри за да стигнат до нивните домови, ви испраќам порака и од граѓаните на Скопје депонијата во Визбегово е само три километри од Градот Скопје, ако треба да се носи законот екоцид тогаш прв треба да биде казнет таткото на Градот Скопје затоа што не чисти. И ние Ромите залужуваме чист воздух, нови климатизирани автобуси. И ние Ромите сакаме нови улици“, порача градоначалникот Дудуш.
На протестот се побара од советот на градот Скопје итно да се ревидира договорот со приватните превозници и пренасочување на приватните линии и во другите општини со цел обезбедување на покриеност од минимум 80% јавен превоз во Шуто Оризари од страна на ЈСП.
Реинвестирање на средства добиени од даночните обврззници од општина Шуто Оризари во Шуто Оризари преку изградба на минимум 20 улици во внатрешноста на Шуто Оризари, како и партерно уредување на спортската сала во Шуто Оризари.
Присутните побараа и изградба на нов парк, изградба на мултифунцкионални игралишта како и вработување на Роми во општинската администрација.
Градоначалничката Арсова не одговори на барањата од протестот
РСЕ прати прашања во врска со проблемите и барањата на жителите на општина Шуто Оризари, но од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска нема одговор за протестот и барањата кои беа испорачани.
И додека градската власт молчи, жителите на Шуто Оризари се сѐ погласни во барањата за поголеми права и подобрување на условите во кои живеат.
„Како што се инвестира во другите општини, така треба и тука. И ние даноци плаќаме, како и сите останати граѓани, а за жал се е исто нема никаква промена“, порачува еден од жителите на Шуто Оризари.
Проблемите во ромската Општина Шуто Оризари се стари со децении, а никој од досегашните градоначалници досега не решил барем еден од нив.