Вести
Предизвиците на Ромите исти како и пред 30 години
Иако се сменија неколку состави на влади, иако на многу избори се ветува, малкубројните пратеници кои ги застапуваат Ромите во нашата држава, и натаму констатираат предизвици во заедницата кои беа карактеристични за 19 или 20 век.
Ова за Радио Слободна Европа го изјави Латифа Шиковска пратеничка во македонското собрание, која нагласува дека таа како пратеничка во овој состав од позицијата како поединец не многу можела да направи освен секогаш да иницира процеси, дебати, да предлага јавни политики, закони и слично, но последниот збор го има мнозинството во парламентот и Владата.
Главните предизвици со кои се соочуваат денес Ромите во Република Северна Македонија се во сите сфери, вели пратеничката Шиковска и додава дека во делот на образованието има мал напредок, но децата Роми се недоволно вклучени во предучилишното образование, така што има деца на улица и деца на бездомни семејства кои се надвор од образование.
Шеесет проценти од ромското население во Битола не дозавршило основно училиште
Пратеничката Шиковска за РСЕ додава дека проблеми има и во сферата на домувањето.
,,Ромите живеат во неурбанизирани населби, во многу случаи не се донесени детални урбанистички планови и не може да се заклучи дека живеат достоинствено“, вели таа.
Дополнително вели дека Ромите немаат еднаков пристап до квалитетни здравствени услуги како и секој наш граѓанин.
„И денес имаме Роми кои немаат здравствено осигурување, пристап до матичен лекар, матичен гинеколог и пристап до пренатална и постнатална грижа. Стапката на доенечка смртност во ромската заедница е највисока. Се уште постои дискриминација и во здравството за жал“, вели Шиковска.
Пратеничката додава дека изостанува развој и унапредување на ромската култура, јазик и традиција.
Нема поддршка за ромски , истакнува пратеничката Шиковска и потенцира дека ,,Промоцијата на ромската култура и јазик не е доволно видлива во општеството, сè уште има стереотипи и предрасуди кон Ромите во учебниците. Државата не ги поддржува доволно креаторите на културни производи преку претставување на ромската заедница - идентитет и култура“.
И денеска македонското законодавство и јавните политики нејасно ги таргетираат појавите кога станува збор за елиминирање на антициганизмот, говор на омраза и негово признавање како кривично дело во кривичното право на Република Северна Македонија вели Шиковска и оценува дека ромската заедница е најсиромашната заедница во Република Северна Македонија.
види ги сите денешни вести
Израел усвои закон за депортација на семејствата на палестинските напаѓачи
Израелскиот парламент усвои закон со кој се дозволува депортација на членови на семејствата на палестинските напаѓачи, вклучително и државјани на таа земја, пишува АП.
Според овој закон, тие би биле депортирани во завојуваната Газа или на друго место.
Законот, за кој се залагаа членовите на партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху и нејзините екстремно десничарски сојузници, беше усвоен со 61 глас за и 41 глас против.
Сепак, се очекува тоа да биде оспорено на суд.
Законот ќе важи за палестинските граѓани на Израел и за жителите на анектираниот Источен Ерусалим кои претходно знаеле за напади од членови на семејството или кои „искажуваат поддршка или се идентификуваат со акти на тероризам“.
Тие би биле депортирани или во Газа или во други земји за период од седум до 20 години.
Војната меѓу Израел и Хамас, група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, продолжува во Газа, каде што загинаа десетици илјади Палестинци, а најголемиот дел од населението неколку пати беше внатрешно раселено.
Не е јасно дали законот ќе се применува и на окупираниот Западен Брег, каде Израел одржува строга политика на уништување на семејните домови на напаѓачите.
Еран Шамир-Борер, истражувач во Израелскиот институт за демократија и поранешен меѓународен правен експерт за израелската војска, рече дека ако законот отиде до Врховниот суд, тој најверојатно ќе биде поништен, врз основа на минатите случаи на депортација на Израел.
„Заклучокот е дека овој закон е целосно неуставен и против основните вредности на Израел“, рече Шамир-Борер.
Израел го окупираше Западниот Брег, заедно со Газа и Источен Ерусалим за време на Блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците сакаат овие три територии да бидат дел од нивната идна држава.
Израел се повлече од Газа во 2005 година, но повторно окупираше делови од територијата откако Хамас започна напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.
Поголемиот дел од Меѓународната заедница не ја признава израелската анексија на Источен Ерусалим. Палестинците во оваа земја имаат постојан престој и им е дозволено да аплицираат за државјанство, но повеќето избираат да не го прават тоа.
Палестинците кои живеат во Израел сочинуваат околу 20 отсто од населението во земјата. Имаат државјанство и право на глас, но се соочуваат со голема дискриминација.
Пожар во магацин со стари вагони во Железници
Горат стари и неисправни вагони во магацинскиот простор на Македонски железници транспорт во општината Кисела Вода. Пожарот кој избувнал ноќта е активен и утрово (7 ноември).
Според првичните информации пожарот избувнал во 01:20 часот на улицата „Трета Македонска Бригада, а интервенирале 20 пожарникари со осум противпожарни возила.
Причините за пожарот сè уште не се познати.
Макрон, Шолц и Туск изразија загриженост за ситуацијата во Грузија
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск денеска (7 ноември) преку заедничка изјава ја изразија својата загриженост за политичката ситуација во Грузија.
Макрон, Шолц и Туск, како членки на Вајмарскиот триаголник, трилатерална форма на соработка меѓу Франција, Германија и Полска, најавија дека не можат да го поддржат отворањето на преговорите на Грузија за пристапување во Европската унија доколку земјата не спроведе реформи, јавија британските медиуми.
„Доколку Грузија не го смени сегашниот курс на дејствување и не покаже опипливи реформски напори, особено со укинување на неодамнешните закони кои се спротивни на европските вредности и принципи, нема да бидеме во позиција да го поддржиме отворањето на пристапните преговори со Грузија“, се наведува во соопштението.
Денеска во Будимпешта започнува петтиот самит на Европската политичка заедница, на кој ќе учествуваат 47 лидери на Европската Унија, Велика Британија, Турција, Украина и Западен Балкан, на разговори за поддршката за Украина, миграцијата, економската безбедност и глобалната трговија.
Претходно неделава неколку илјади грузиски демонстранти излегоа на улиците за да протестираат против, како што наведуваат, измамата на минатомесечните парламентарни избори, на кои победи владејачката партија Грузиски сон.
Нови израелски напади врз Бејрут
Јужните делови на либанската престолнина Бејрут утрината беа цел на напад, еден час откако израелската армија ги повика жителите да се евакуираат, пренесоа француските медиуми.
Цел на најмалку два израелски напади биле четири населби за кои смета дека се упоришта на проиранското движење Хезболах.
Сликите објавени од француските медиуми покажуваат облаци чад над јужен Бејрут, а очевидци пријавија силни детонации.
Портпаролот на израелската армија претходно апелираше до жителите на четири јужни населби на Бејрут, вклучително и локации во близина на меѓународниот аеродром, да се евакуираат.
Израелскиот премиер беше еден од првите светски лидери што му честиташе на Трамп, нарекувајќи го неговиот реизбор „најголемото враќање во историјата“.
Во телефонскиот разговор во средата, двајцата „се договорија да работат заедно за безбедноста на Израел“ и „разговараа за иранската закана“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.
Не долго потоа, израелската војска ги започна своите најнови напади врз главниот бастион на Хезболах поддржан од Иран во јужен Бејрут.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Хезболах вети дека исходот од изборите во САД нема да има никакво влијание врз војната, која ескалира во септември кога израелската војска го префрли својот фокус од Газа на обезбедување на нејзината северна граница со Либан.
Хезболах ја започна својата прекугранична кампања со низок интензитет минатата година за поддршка на својот сојузник Хамас по нападот на Израел на 7 октомври од страна на палестинските милитанти. Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.
Повреди, пожари и уништувања по руските напади врз Киев и Одеса
Руските напади рано на 7 ноември предизвикаа пожари и штети во пет области на Киев, објави градоначалникот Виталиј Кличко на каналот Телеграм.
Остатоците од беспилотните летала паднале во областите Печерск, Холосиевски, Соломјанск, Оболонск и Подилск, рече Кличко, додавајќи дека две лица се повредени при падот на фрагментите од дронот.
Кличко извести дека горните катови на повеќекатната зграда во Печерск горат, а жителите се евакуирани.
„Во Одеса, повеќекатната зграда е оштетена, а еден маж е повреден во урнатините што паднале откако украинската противвоздушна одбрана соборила руски беспилотни летала над пристаништето на Црното Море“, објави регионалниот гувернер Олех Кипер.
Каналите на Телеграм објавија видео од пожар на првиот кат од деветкатница во Одеса.
Руската армија редовно ги напаѓа украинските региони со различни видови оружје: беспилотни летала, ракети и противвоздушни и противавионски проектили.
Раководството на Русија негира дека за време на војната, руската армија нанесува целни напади врз цивилната инфраструктура на градовите и селата во Украина, убивајќи цивили и уништувајќи болници, училишта, градинки, енергетски и водни објекти.
Украинските власти и меѓународните организации ги оквалификуваа овие напади како воени злосторства извршени од Руската Федерација и истакнуваат дека биле со предумисла.
Шолц: Бундестагот на 15 јануари ќе гласа за доверба на владата
Германскиот канцелар Олаф Шолц ноќеска (6 ноември) се обрати до јавноста по одлуката за разрешување на министерот за финансии Кристијан Линднер, при што изјави дека на 15 јануари ќе се гласа за доверба на актуелната влада.
Шолц го обвини претседателот на ФДП, партијата која заедно со СПД и Зелените ја предводат германската владејачката „семафор коалиција“, за опструкции во преговорите за буџетот, велејќи дека ја ставил својата партија пред државата.
Шолц најави дека пратениците во Бундестагот на 15 јануари ќе гласаат за доверба на владата, каде се очекува мнозинството пратеници да бидат против продолжување на мандатот.
ФДП најверојатно ќе ја повлече поддршката за владата откако Шолц го разреши нивниот претседател, оставајќи ја владата со 324 пратеници, 44 помалку од потребното мнозинство.
Ова ќе го отвори патот за предвремени избори во март, каде се очекува ЦДУ да направи голем камбек.
Според сегашните анкети, партијата на поранешната канцеларка Ангела Меркел во моментов има поддршка од 32 отсто ширум Германија. Зад нив се екстремните десничари од АфД, кои имаат 18 отсто поддршка, а СПД на Шолц е дури на третото место со 16 отсто.
Анкетите покажуваат и дека во парламентот ќе влезат уште и партиите на Зелените (10 отсто) и БСВ (8 отсто), додека ФДП (четири проценти) и Левица (три проценти) ќе останат под прагот.
Австралија предлага забрана на социјалните мрежи за помлади од 16 години
Австралискиот премиер Ентони Албанез соопшти дека неговата влада законски ќе ги забрани социјалните мрежи за деца под 16-годишна возраст, што е прв таков предлог во светот.
„Социјалните мрежи им штетат на нашите деца и сакам да ставам крај на тоа“, рече Албанез на прес-конференција.
Законот годинава ќе биде испратен до Парламентот, а ќе стапи во сила дванаесет месеци откако пратениците ќе го прифатат, додаде тој. Корисниците со родителска согласност нема да бидат исклучок.
„Социјалните мрежи ќе имаат обврска да го спречат пристапот. Тој товар нема да биде ниту на децата, ниту на родителите“, рече австралискиот премиер.
Министерката за комуникации Мишел Роуланд појасни дека законот ќе важи за платформите на Мета-Инстаграм и Фејсбук, како и за ТикТок и Х на Илон Маск, а веројатно и за Јутјуб.
Харис до приврзаниците: Мораме да ги прифатиме резултатите од овие избори
Камала Харис им соопшти на насобраните во кампусот на Универзитетот Хауард во Вашингтон дека му честитала на Доналд Трамп за изборната победа и му рекла дека ќе му помогне во транзицијата на власта.
„Реков дека ќе има мирен трансфер на власта. Ние се придржуваме до принципот на мирен трансфер на власта. Ова ја разликува демократијата од монархија и тиранија. Не му должиме лојалност на претседателот и партијата, туку на американскиот устав“, рече таа.
Камала Харис го призна поразот, но рече дека не се откажува од борбата за слобода и правда што ја водела во кампањата.
„Тоа е борба од која никогаш нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам од тоа Американците да можат да ги остварат своите аспирации , во Америка каде жените имаат избор, во која училиштата и улиците се заштитени од оружено насилство. Млади луѓе, ве молиме знајте дека сè ќе биде во ред. Понекогаш борбата трае. Тоа не значи дека нема да победиме. Важно е никогаш да не се откажуваме, никогаш да не се откажуваме од обидот да го направиме светот подобар“, изјави Харис.
Во обраќањето, Харис кажа дека ги прифаќа резулатите од изборите, им се заблагодари на своите соработници, нејзиниот кандидат за потпретседател и волонтерите.
„Толку сум горда на нашата трка и како ја истрчавме“, рече таа.
Трамп победи и во Мичиген
Новоизбраниот американски претседател, републиканецот Доналд Трамп, ја победи демократската кандидатка Камала Харис и во Мичиген, една од седумте клучни сојузни држави, пренесе Асошиетед Прес.
Со победата во Мичиген на претседателските избори во вторникот, Трамп обезбеди 292 електорски гласа, а 270 му беа доволни да се врати во Белата куќа.
Победникот сè уште не е познат во двете сојузни држави - Аризона и Невада, а Трамп, претседател од 2017 до 2021 година, има водство и во двете.
Тројца Швеѓани уапсени во Шпанија поради регрутирање малолетници за криминал
Полицијата во неколку европски земји уапси тројца шведски државјани во Шпанија на 6 ноември под сомнение дека регрутирале малолетници за да извршат кривични дела, вклучително и обид за убиство, соопштија властите.
Швеѓаните, кои беа уапсени во Аликанте за време на операција во која учествуваа шведски, дански и шпански сили, како и Европол и Европравда, се осомничени за обид за убиство и прекршоци поврзани со оружје, меѓу другите злосторства, соопшти шведското обвинителство.
Тие се обвинети за регрутирање млади „за учество во сериозни акти на насилство“ што се случија во пролетта и летото 2024 година во Данска и Шведска, соопштија обвинителите.
Тројцата осомничени водеа онлајн „криминална ќелија“ и објавија „реклами во кои се нудат нарачани убиства“ на онлајн каналот „насочувајќи ги ранливите млади од 13 до 14 години“, соопшти Европол.
„Онлајн каналот сега е затворен и истражителите работат на идентификување на други лица вклучени во оваа мрежа“, се вели во соопштението.
Агенцијата обезбеди дигитални докази и координирани разузнавачки информации кои помогнаа да се лоцира администраторот на прстенот во Шпанија.
„Иако регрутирањето малолетници во сериозен организиран криминал и тероризам не е новост, во последниве години тоа еволуираше во намерна тактика на криминалните мрежи за да се избегне откривање, апсење или гонење“, соопшти Европол.
Шведска се бореше во последниве години да го спречи порастот на насилството и бомбашките напади од вооружени банди, често извршени од малолетници регрутирани преку шифрирани услуги за пораки.
Нордиската земја со 10,5 милиони жители доживеа историски бран на насилство поврзано со банди во 2023 година, со 53 смртни случаи во 363 престрелки, покажуваат полициските податоци. Неодамна во Норвешка и Данска е забележано насилство поврзано со шведски банди.
Кина со честитки за победата на Трамп
Кина му честиташе на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД.
„Го почитуваме изборот на американскиот народ и му честитаме на г-дин Трамп за неговиот избор за претседател на САД“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Претходно, претставникот на Министерството за надворешни работи Мао Нинг изјави за новинарите дека Пекинг „ќе ги продолжи кинеско-американските односи врз основа на принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни“.
Поранешниот претседател Доналд Трамп прогласи победа на претседателските избори во САД, откако проекциите покажаа дека тој победи во неколку сојузни држави кои се сметаа за одлучувачки за исходот од изборите.
Во обраќањето во кое прогласи победа „каква што Америка нема видено“, Трамп на Американците им вети златна доба.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете