За осумдесете градоначалнички позиции, колку што има општини во државава, ќе се натпреваруваат вкупно 297 кандидати кои се предложени од коалиции, партии и од група избирачи. Според статистиката објавена на страницата на Државната изборна комисија од пријавените 56,13 отсто се мажи, а 43, 87 отсто жени. Изборната кампања започнува дваесет дена пред денот на изборите што би значело дека за овие локални избори кампањата почнува на 27 септември и ќе трае до полноќ на 15 октомври.
Престојните есенски избори носат и неколку новитети кои ги немаше на досегашните. На нив ќе се гласа со апаратчиња за отпечаток од прст и има најмногу независни кандидати за советите и градоначалниките позиции споредено со претходните изборни циклуси. Но интересни се очекува да бидат и битки за гласови во неколку општини.
1. Битка за Скопје
Дури 12 кандидати ќе се обидат да дојдат до градоначалничката позиција во Скопје. Актуелниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ ќе бара втор мандат, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Перо Георгиевски Камиказа како кандидат на Левица, потоа адвокатот Александар Тортевски од партијата Твоја, музичарот Бени Шаќири како кандидат од владините коалициски партнери ЛДП и ДОМ, доскорешната членка на ДОМ Ана Петровска како кандидат на независната листа Зелен хуман град. Свои кандидати за главниот град имаат и Бошњачки демократски сојуз, Комунистичка партија Титови леви сили, Родина, ТМОРО, Демократи и Интегра.
Видете и ова: Агресивна урбанизација на Аеродром, Карпош и ЦентарОд сите овие кандидати двајца ќе влезат во вториот изборен круг. Тој според роковникот на Државната изборна комисија ќе се одржи на 31 октомври,две недели по првиот изборен круг.Поради големиот број кандидати во Скопје очекувањата се дека ниту еден од нив нема да успее да освои мнозинство гласови во првиот круг и поради тоа ќе мора да се оди во втор.
Темите кои се очекува да ги форсираат кандидатите всушност се оние кои со години се актуелни меѓу скопјани- справување со загадувањето, со отпадот, прекумерното и непланско градење, јавниот градски транспорт, зелените површини и други.
2. Кој против кого во Куманово?
Куманово пак, се смета за бастион на СДСМ. Таму и во период кога речиси целосната централна и локална власт беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ во државата, градоначалникот беше од СДСМ. Сега е интересно што досегашниот градоначалник Максим Димитриевски, кој ,исто така, беше од СДСМ се кандидира како независен по повеќе месечните несогласувања со раководството на владејачката партија. И тие излегуваат со свој кандидат, Оливер Илиевски така што гласачите можеби ќе бидат подделени меѓу два кандидати кои до скоро биле иста опција. Во тој град ВМРО-ДПМНЕ се бори за градоначалничката функција со актерот Тони Михајловски, роден кумановец, кој е популарен како актер во целата држава.
3. Тетово- битка меѓу владини коалициски партнери
Пожарот во тетовската модуларна болница за лекување на заразени со ковид19 кој се случи на Денот на независноста Осми септември и во кој загинаа 14 луѓе се очекува да влијае врз дебатите меѓу кандидатите за градоначалници во Тетово. Таму актуелна тема со години е јавниот градски транспорт и големото загадување што секоја зима го качува овој град високо на листата светски најзагадени градови. Интересно, за овој град е што кандидати имаат повеќе партии кои се дел од владината коалиција- односно СДСМ, ДУИ, ДПА и Беса. Вкупно ќе се натпреваруваат седум кандидати.
Владионот коалициски партнер ДУИ оди со досегашната градоначалничката Теута Арифи, Беса која беше во предизборна коалиција со СДСМ и имаа заеднички листи го кандидира лидерот Биљаљ Касами, ДПА, која исто така е дел од владиното мнозинство ќе се натпреваерува со поранешниот градоначалник Сади Беџети, а свој кандидат има и СДСМ, Хамдије Елезовиќ. Опозициската Алијанса за Албанците која има предизборна соработка со ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше Вулнет Мурсели, а ВМРО-ДПМНЕ нема свој кандидат во овој град.
Видете и ова: Заев и Ахмети договорија соработка за локалните избори
Предизборно, лидерот на СДСМ Зоран Заев објавуваше дека има одделни средби со лидерите на своите коалициски партнери, на ДУИ, Беса и ДПА и дека договориле соработка за локалните избори, поради што Тетово се очекува да биде интересен град ако се земе предвид дека сите коалициски партнери имаат свои кандидати.
4. Ќе го поддржи ли СДСМ Мерко во Струга?
Ист број кандидати како и во Тетово, седум, се пријавени за во Струга. Кандидати имаат СДСМ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, ТМРО, ДУИ, БЕСА, ДПА и Демократи, работници и независни. На минатите локални избори што се одржаа во 2017 година поддршката која што ја имаше СДСМ кон партиите на Албанците не беше толку расцепкана, па ги поддржуваа кандидатите на ДУИ во првиот круг онаму каде што немаа свои и во вториот круг каде што влегоа кадрите од партијата на Али Ахмети.
ДУИ за овие избори го кандидираше досегашниот градоначалник Рамиз Мерко, што според изјавите на Заев дадени претходно не бил добар градоначалник.
Имено, Заев и лидерот на Беса Биљаљ Касами договорија заеднички настап лани во февруари за предвремените парламентарни избори што се одржаа летото. Пред нивното одржување Заев во интервју за РСЕ зборувајќи за тогашната соработка со Беса и поранешната соработка на локалните избори со ДУИ рече дека во 2017 година застанале зад соодветни кандидати во кои верувале иако како што нагласи: „се изгоревме реално со некои кандидати“.
РСЕ: „За кој најмногу жалите?“
„Господинот Мерко. Жалам. Еве зошто жалам. Едноставно е. Може градоначалникот на Охрид да постапува, тоа не е така пријатна надлежност на општините, во Струга не се постапува.
Поради ова останува нејасно дали СДСМ во вториот круг би го поддржала Мерко или пак кандидатот на другиот нивни коалициски партнер Беса-Абдула Ќазими.
5. Во Битола- министер против СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
Во Битола интересно е што кандидат за градоначалник е Горан Милевски, актуелен министер за локална самоуправа и лидер на ЛДП, партија која е долгогодишен коалициски партнер на СДСМ. Покрај него и СДСМ има свој кандидат, но се одлучи да не ја кандидира досегашната градоначалничка од нивните редови Наташа Петровска, туку оди со ново лице- Христо Кондовски. Кандидат од ВМРО-ДПМНЕ е Тони Коњановски, а кандидатури поднесоа и Зоран Лазаревски-Паљо предложен од група избирачи, Јорго Огненовски од партијата Демократи, Горан Тасковски од партијата „Македонска ера трета".
И во претходниот совет на општината имаше двајца независни советници од граѓанската иницијатива „Поинаку“ кои и сега поднесоа кандидатска советничка листа во градот. Покрај нивната има уште две други листи за независни советници- една предводена од Ремзи Медиќ и друга од Ристенка Алтипармаковска.
Победата на СДСМ на минатите локални избори во Битола беше обележана како важна поради долгото владеење на тој град на ВМРО-ДПМНЕ. Последниот градоначалник од таа партија актерот Владимир Талески, раководеше со градот од 2005 до 2017 година.
6. Многу независни кандидати за градоначалници и советници
Овие избори ќе ги одбележат и рекородно високата заинтересираност на независните кандидати за градоначалници и советници. На 30 август заврши собирањето на потребните потписи за независните кандидати. Дотогаш потписи собраа 30 независни кандидати за градоначалници и 67 независни листи за советници. Сите тие ќе бидат дел од изборниот процес на 17 октомври, а очекувањата се дека во некои општини ќе им ги поматат сметките на партиите.
„Појавувањето на независни листи може да ги помати сметките на поголемите партии во советничките листи, но тешко за градоначалник, бидејќи таму е мнозински модел. Тоа значи дека во основа градоначалниците сепак очекувам да бидат од двете поголеми партии, но дека ќе се бара поширок консензус во рамки на советите за тековното работење на општините“, рече за Радио Слободна Европа политичкиот аналитичар Петар Арсовски.