Достапни линкови

Вести

Со нова владина одлука се спречува злоупотребата на службени возила

Нова одлука со која се дефинира и регулира користењето на службените возила во сопственост или користење на државата, беше донесена на денешната владина седница, на иницијатива на заменик претседателот на Владата за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски.

Одлуката, како што информирaат од кабинетот на Николовски, е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели.

„Со новите одре​д​би, секое користење на службените возила мора да одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности“, вели Николовски.

Новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење, се наведува во соопштението од кабинетот на Николовски, овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција.

види ги сите денешни вести

Таравари го разреши директорот на Кумановската болница

Арбен Таравари - министер за здравство
Арбен Таравари - министер за здравство

Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска изјави дека е разрешен директорот на Кумановската општа болница, Стефан Трајановски.

Таравари кажа дека ја разгледал документацијата на државната санитарна инспекција и во министерството констатирале дека има предуслови да се разреши директорот на Кумановската болница.

Таравари денеска го посетил семејството на младиот кумановец кој почина на 17 март во болницата во Куманово по примена терапија. Утре, на 20 март, како што најави, ќе биде назначен нов директор на болницата. Министерството разгледува две до три имиња од редовите на јавната здравствена установа од Куманово.

„Бев во семејството да изразам сочувство на починатиот 32-годишен Ведат Адеми пред да дојдам тука. Го прочитав извештајот што беше подготвен од државниот републички санитарен инспекторат и во него може да се констатира многу лесно дека веќе има предуслови да речам за да се разреши директорот на Општата болница во Куманово. И веќе директорот е разрешен од таа позиција. Се надевам дека утре по консултации со колегите во министерството ќе назначиме нов директор на Општа болница во Куманово“, изјави Таравари.

Таравари информира дека професионален тим од Министерството за здравство детално ќе ја разгледа целата документација која потоа ќе биде предадена на обвинителството. Таравари кажа дека сите кои водат институции и лекарите треба да одговараат ако има некакви пропусти.

„Сега треба професионалниот тим којшто е направен од Министерството за здравство да дојдат и да ги разгледаат сите документи уште еднаш и потоа сите ќе бидат предадени на обвинителство, се надевам дека судството ќе донесе правична одлука доколку постои лекарска грешка. Меѓутоа треба да бидеме свесни дека и тие што водиме институции, па и тие што лекуваме пациенти, доколку има некакви пропусти мора да одговараат“, рече Таравари.

Одговарајќи на новинарски прашања за конкретните пропусти утврдени од Инспекторатот, министерот за здравство Таравари рече дека не е коректно јавноста да дознае информации пред официјалните институции.

Министерот смета дека „има одредени работи коишто се неправилни, не се како што треба, затоа веќе постојат и услови за да се разреши тој што ја води институцијата“.

Во однос на статусот на лекарот кој го третираше младиот кумановец, Таравари рече дека не може да биде обвинител, судија и полицаец.

„Јас тоа што можам да го направам како министер е да го разрешам тој што ја организира здравствената установа, додека има професионална комисија потоа се дава во обвинителство“, рече Таравари.

Тошковски: За седумте полицајци е доставен предлог за притвор

Панче Тошковски - министер за внатрешни работи
Панче Тошковски - министер за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ги потврди информациите на Обвинителството дека седум полициски службеници од Кочани и Штип се осомничени за тешки дела против општата сигурност, во врска со пожарот во Кочани.

За нив е доставен предлог за определување на мерка притвор. Осомничените констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.

Освен овие седуммина, пред судија на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице поврзано со кривично правен настан, кое притоа и во овој момент е едно од раководните лица во Министерството за економија.

Како што рече Тошковски, службените лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.

„Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди, изјави министерот.

Тошковски соопшти дека првиот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип, и вториот како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.

Третиот, како началник на Одделението за полиција во СВР Штип и четвртиот како началник на СВР Штип, одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во која е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат и одобрат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, сториле незаконитост.

„Петтиот, како документарист во ПСО на Кочани, изработил телеграма во која не навел точни и целосни податоци, дека во и близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, додека шестиот, во својство на заменик командир и седмиот како началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и близина на кабарето, истите вака изготвената телеграма ја одобриле и потпишале, со што како службени лица, не постапиле согласно прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за кабарето и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето“, појасни Тошковски.

Соопшти дека осомничените се обезбедени од страна на МВР и се носат во рамки на надлежниот суд, пред надлежен судија, во рамки на претходна постапка.

До сега има определено мерка притвор за 18 лица, освен овие седуммина кои ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка. Ќе биде изведено пред судија на претходна постапка уште едно лице по наредба на надлежен јавен обвинител, кое што е поврзано со овој кривично правен настан, а притоа е едно од раководните лица и во овој момент во Министерството за економија, додаде Тошковски.

Во пожарот во дискотеката, која работела на диво, ноќта помеѓу 15 и 16 март, настрадаа најмалку 59 лица, а околу 180 се повредени, според последните официјални информации.

Најголемиот број од жртвите се од Кочани – триесетина, а погреби на 20 март ќе има и во другите градови и општини од каде потекнуваат останатите загинати – Скопје, Штип, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица.

ОН известуваат за смртта на двајца работници во Газа, Израел продолжува со воздушните напади

Странски работник, ранет во израелски воздушен напад врз седиштето на ОН, е донесен во болницата Деир ел-Балаху, централен појас Газа, 19 март 2025 година, според Министерството за здравство на Газа.
Странски работник, ранет во израелски воздушен напад врз седиштето на ОН, е донесен во болницата Деир ел-Балаху, централен појас Газа, 19 март 2025 година, според Министерството за здравство на Газа.

Обединетите нации (ОН) објавија дека двајца нивни работници загинале, а други се повредени откако комплекс во Газа беше погоден во средата.

Министерството за здравство на палестинските територии под контрола на Хамас го обвини Израел за нападот и соопшти дека пет странски работници, тешко повредени, пристигнале во болницата по нападот. Израелската војска негираше дека го нападнала комплексот на Обединетите Нации во Деир ел Балах.

Ова доаѓа откако Израел соопшти дека ги продолжува борбите во Појасот Газа по двомесечен прекин на огнот - што предизвика бран напади во кои загинаа 970 луѓе во изминатите 48 часа, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот изјави дека „целосно ги продолжил борбите“ и дека „ова е само почеток“.

Обединетите нации соопштија дека околностите за инцидентот во комплексот Деир ел Балах остануваат нејасни. Организацијата не го обвини Израел за смртните случаи.

Најмалку 13 лица загинаа во вториот воздушен напад врз Газа во текот на ноќта, откако Израел соопшти дека продолжува со борбите „со полна сила“ на палестинските територии.

Двајца цивили загинаа, а пет други се ранети кога израелско беспилотно летало погоди шатор во близина на хуманитарната зона Ал-Маваси, јави палестинската новинска агенција Вафа, повикувајќи се на медицински работници од Црвената полумесечина.

Израелската војска соопшти дека цели на, како што рече, воена локација на Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација, од каде палестинската група подготвувала напади врз Израел. Тие, исто така, беа насочени кон бродови под контрола на Хамас, додаде војската.

Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето. Прекинот на огнот главно се одржува од јануари и понуди одмор од војната за 2,3 милиони жители на Појасот Газа, кој е претворен во урнатини.

Хамас, кој сè уште држи 59 од околу 250 заложници што ги зароби во нападот на 7 октомври 2023 година, го обвини Израел дека ги поткопува напорите на посредниците да преговараат за траен договор за прекин на борбите, но не се закани со одмазда.

Клековски: Згрижувањето на пациентите од пожарот во „Пулс“ е завршено

Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани - архива
Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани - архива

Во моментов на Клиниката за пластична хирургија во Скопје се прават плановите во која фаза колку пациенти треба да бидат опфатени со хируршка интервенција за реконструкција на изгореното ткиво од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, информира денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.

„Такви зафати и во минатото се правени на Клиниката од каде ќе не информираат за темпото и во согласност со тоа ќе почнеме да работиме. Денеска би требало да заврши фазата на транспорт на пациентите во странство што ќе овозможи целосна концентрација на планирање на следните чекори во земјава, кои не се само трансплантација на кожа, туку ќе има и други постапки кои се неопходни, бидејќи дел од лекувањата ќе бидат подолготрајни. Мора да се подготвиме дел од пациентите да ги вратиме во земјата и да бидеме способни да го продолжиме нивното лекување“, рече Клековски.

Од утре Клековски рече дека фокусот ќе биде на планирањето на следните чекори, бидејќи згрижувањето на овие пациенти е завршено.

„Веќе почнаа првите отписи од клиниките и можеме да ги планираме следните чекори кои можеби ќе траат една или две години. За да нема застој во здравствените услуги за останатите граѓани во моментов сакаме повредните пациенти од клубот „Пулс“ да ги повлечеме во две болници“, посочи Клековски.

Прашан дали се планира повторно да се отвори Центарот за изгореници во клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски во Скопје што беше згаснат во 2016 година, рече дека ќе го направат тоа ако стручната фела каже дека има потреба.

„Хирург што редовно не работи со изгореници не е специјалиста за тоа подрачје. Токму затоа многу поголеми држави од нашата имаат еден или два центри за изгореници за да се сконцентрира знаењето. Не треба да имате само специјални кревети, туку и хирурзи кои го практикуваат тоа релативно често. Не велам дека не ни треба, но во 10 години имаме пет тешки случаи со изгореници што сме ги испратиле во странство и уште 10-тина што се третирани во Македонија. Треба да направиме проценка дали ни е потребен тој центар тука или е поедноставно да имаме договор за соработка со Пирогов во Софија или Папаниколау во Солун. Не треба да имате само техника и кревети, туку и доктори кои тоа го работат секојдневно“, појасни Клековски.

Директорот на Фондот рече дека со несреќи како пожарот во Кочани никој не може да се справи сам, дури ни поголеми и поорганизирани држави од нашата и додаде дека токму затоа постојат европски механизми за солидарност кои се активираат и ги распоредуваат повредените.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро загинаа 59 лица, додека над 150 се повредени.

Седум полицајци од Кочани и Штип осомничени дека помогнале дискотеката „Пулс“ да добие лиценца

Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани
Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донел наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници.

Обвинителството соопшти дека дејствијата опишани во наредбата, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.

„Kако службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди“, стои во соопштението.

Ценејќи дека се исполнети условите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за сите седум лица, наведуваат од ОЈО.

Во моментов, 18 лица се наоѓаат во краткотраен притвор од 48 часа. Од нив, на 16 тој им истекува денеска – 19 март. Обвинителството бара, а судот треба да одлучи дали ќе им го продолжи за уште 48 часа.

Од 12 објекти со важечка лиценца, досега три не исполнувале минимум технички услови

Марија Митева, портпаролка на Владата на РСМ (архивска фотографија)
Марија Митева, портпаролка на Владата на РСМ (архивска фотографија)

Три дискотеки се затворени бидејќи не ги исполнуваат потребните технички услови за да им биде издадена лиценца и да можат да работат, потврди денеска (19 март)портпаролката на Владата Марија Митева на прес-конференција. Таа кажа дека во моментов се прават контроли во уште девет дискотеки кои имаат добиено лиценци.

„На трите дискотеки ќе им биде одземена лиценцата и ќе им бидат изречени сите максимални казни. Откако ќе завршат проверките на оние кои имаат лиценци, ќе се премине во контрола на сите оние кои немаат лиценца, но во минатото работеле“, рече Митева.

Таа рече дека веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби кои што се возможни согласно закон ќе бидат превземени.

Само 22 дискотеки низ државата имаат лиценци за работа, утврдила контролата на Пазарната инспекција која беше спроведена после пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 59 лица, а 155 беа повредени.

Кај 15 клубови констатирано е дека лиценцата им е истечена.

Митева посочи дека она што се случи во Кочани не е изолирана трагедија туку е „симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција“.

„Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“, рече таа.

На прашањето што ќе се прави со оние локали кои работеле без лиценца, а според некои информации газдите на таквите диви дискотеки го растргнуваат ентериерот за да нема докази дека работеле, Митева рече дека дополнително сите ќе бидат проверени „и оние кои што немале лиценца, а кои што вршеле работа и оние кои што имале и ја извршувале“.

Бербок во посета на Блискиот Исток додека Израел ги обновува нападите во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок отпатува во Блискиот Исток на разговори, еден ден откако Израел ги продолжи нападите врз палестинската милитантна група Хамас во Газа, при што загинаа стотици. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Пред нејзиното заминување, Бербок предупреди дека „ризикот од регионална ескалација е сериозен“. Првата фаза од договорот за прекин на огнот за заложниците истече по шест недели. Сите страни сега се повикани да покажат најголема воздржаност, да се усогласат со меѓународното хуманитарно право и да се вратат на разговорите за да се најде трајно решение за конфликтот“, додаде Бербок.

Но, во вторникот (18 март)израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави продолжување на борбите против Хамас, велејќи дека понатамошните преговори „ќе се водат само под оган“.

Израел рано во вторникот изврши масовен бран воздушни напади врз цели во Газа, при што здравствените власти управувани од Хамас известија за повеќе од 400 убиени и стотици повредени. Власта не прави разлика меѓу цивилни и воени жртви и бројките не можат да бидат независно проверени.

„Нападите ги урнаа надежите на Израелците и Палестинците да стават крај на страдањата и ги загрозија дипломатските напори на арапските држави“, рече министерката за надворешни работи.

Обновувањето на израелските воздушни напади доаѓа два месеци откако Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот кој вклучуваше ослободување на заложниците земени за време на нападите на 7 октомври 2023 година во замена за палестински затвореници.

Преговорите за траен прекин на огнот и реконструкција на Појасот Газа оттогаш се во застој. Арапските земји неодамна претставија план за обнова на Газа, но многу прашања-како што се, како да се финансира обновата и политичкиот статус на крајбрежната територија - сè уште се нерешени.

Решенија за продолжување на притворот за 10 лица, за шест се одлучува

Судот во Кочани
Судот во Кочани

Основниот суд во Кочани досега донел решенија за продолжување на краткотрајниот притвор од 48 часа за десет лица во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, додека за останатите шест се уште се одлучува.

Според информациите на МИА, за продолжување на притворот на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши се уште не е донесена одлука.

ЈОРСМ информира дека Основното јавно обвинителство Кочани до надлежниот суд доставил предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48-часа за 16 лица досега опфатени со постапката на кои оваа мерка им истекува во текот на денот.

На уште две лица, по предлог на обвинителството, притвор им е определен во текот на вчерашниот ден и тој сè уште трае.

Вкупно мерката краткотраен притвор до овој момент е побарана за 18 лица.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро загинаа 59 лица, додека над 150 се повредени. Министерот за здравство, Арбен Таравари денеска изјави дека во моментот, 101 пациент се третираат надвор од државата и тие се во релативно стабилна состојба.

Кина ги поздрави напорите за постигнување мир во Украина

илустрација
илустрација

Кина го поддржува решавањето на кризата во Украина преку дијалог и преговори и со задоволство ги набљудува напорите за постигнување прекин на огнот како неопходен чекор кон мирот, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нин.

Таа ја даде изјавата за време на редовната прес-конференција кога беше побарано од неа да го коментира вчерашниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.

Во соопштението на Белата куќа се наведува дека двајцата лидери се согласиле дека тригодишниот конфликт во Украина мора да заврши со траен мир и двајцата лидери ја истакнале потребата од подобрување на односите меѓу САД и Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин за време на разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп се согласи да ги запре нападите врз енергетскиот сектор и инфраструктурата на Украина за 30 дена, како чекор кон постигнување целосен прекин на огнот.

Во соопштенијата од Кремљ и од Белата куќа, за 90 минутниот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин е наведено, дека двете страни се посветени на изнаоѓање долгорочен мировен договор за ставање крај на конфликтот во Украина, најголемата европска копнена војна од крајот на Втората светска војна.

Кремљ разговорот го опиша како „детална и искрена размена на мислења“.

Во соопштението наведе дека Путин при разговорот „наведува голем број значајни точки кои се однесуваат на обезбедување ефективна контрола врз можниот прекин на огнот долж целата линија на борбен контакт, потребата да се запре присилната мобилизација во Украина и повторно да се вооружат украинските вооружени сили“.

Парламентот ја потврди оставката на српската влада

Со потврдувањето на оставката на премиерот, владата станува техничка, а Вучевиќ ќе ја извршува премиерската функција во технички мандат до изборот на нов
Со потврдувањето на оставката на премиерот, владата станува техничка, а Вучевиќ ќе ја извршува премиерската функција во технички мандат до изборот на нов

Српскиот парламент ја потврди оставката на премиерот Милош Вучевиќ, со што и го заврши мандатот на целата влада.

Со потврдувањето на оставката на премиерот, владата станува техничка, а Вучевиќ ќе ја извршува премиерската функција во технички мандат до изборот на нов.

Во исто време почнува и рокот од 30 дена за избор на нова влада.

Доколку во тој рок не се избере нова влада, тогаш се распишуваат парламентарни избори.

Милош Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка на 28 јануари, откако студенти во Нови Сад беа претепани за време на блокадата од напаѓачи кои ги напуштија просториите на владејачката Српска напредна партија. Студенти биле тепани додека лепеле плакати со кои повикувале на протест во Нови Сад.

Заедно со Вучевиќ, кој е лидер на СНС, оставка поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Во Србија веќе четири месеци траат протести, предводени од студенти во блокада, поради уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.

Владата на Милош Вучевиќ беше избрана на 2 мај 2024 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG