Лидерско мешање на картите и блефирање

Њузлетер 09.06.2023 - Што по лидерската средба за уставните измени? Каков ќе биде развојот на војната во Украина по уривањето на браната на Дњепар?

Предлози и контрапредлози кон решение или ќорсокак?

Бидна и тоа. Се состанаа премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, изнесоа предлози за уставните измени и за предвремени избори, па се вмеша и ДУИ преку фејсбук статус на Бујар Османи.

Видете и ова: Партиски покер за уставни измени

Што може да се заклучи од лидерската средба Ковачевски – Мицкоски?
1. Постои согласност за Уставни измени
2. Можна широка владина коалиција
3. Политичка волја за предвремени парламентарни избори
4. Сите се за ЕУ
Кои се разликите:
1. За уставните измени:
Ковачевски предлага заеднички да ги изгласаат, а во преодните и завршните одредби да стои дека ќе важат од Втората меѓувладина конференција со ЕУ. Мицкоски бара, уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот, да важат на крајот од преговарачкиот процес со ЕУ, односно, кога ќе почне ратификацијата во земјите членки на ЕУ.
2. За широка влада:
Ковачевски предлага во неа да влезе и ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ ќе им отстапи 5 министерски места.
Мицкоски се согласува со евентуално влегување во Влада, но без ДУИ во неа.
3. За предвремени избори:
Ковачевски е за предвремени избори по изгласувањето на уставните измени, со широка влада и отворањето на едно, две поглавја од преговорите за членство во ЕУ.
Мицкоски тврди дека уставните измени не можат да поминат во овој парламентарен состав и бара предвремени избори веднаш.

ДУИ експресно со став дека ако се усвојат уставните измени и важат веднаш, ќе излезе од владата до новите избори.

Се искристализираа три варијанти за можен излез, но противречни една на друга во клучниот дел: од кога да важат уставните измени. Ако не се постигне договор за ова, нема ништо од останатото.
Нова средба не е најавена, но можни се консултации зад затворена врата. Но, како што сега стојат работите, мали се шансите за компромис меѓу овие лидери, доколку некој друг „лидер“ одново не ги измеша картите и не ги подели.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Три варијанти за уставни измени и избори

Лица со попреченост невидливи за лидерите

Во истиот ден кога очите на јавноста беа свртени кон лидерите и очекувањата од нивната средба, речиси незабележано помина протестот на лицата со попреченост пред владата.
Тие, покрај физичките бариери со кои се соочуваат секојдневно, имаат се поголеми и финансиски проблеми.
Посочија дека државата, која се декларира како социјална, само за 14 проценти го зголемува додатокот за попреченост, додека платите на функционерите се зголемија за 78 отсто.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протест на лица со попреченост: И тие бараат 78% зголемување на примањата

„Едно инвалидизирано лице дали може да преживее со 12 илјади денари дали може да преживее? Каде се лекарствата, животните трошоци и не дај боже ако остане сам, кој ќе му помогне?“, вели Зоран Велевски, родител на дете со церебрална парализа.
Друг проблем им е и движењето низ градот. Борче Грозданов е пензиониран новинар кој исто така е соочен со хендикеп. Препреките низ градот за лицата со попреченост според него се големи.
Тие побараа, државата, со европско знаменце, веднаш да донесе специјален закон за достоинството и благосостојбата на лицата со попреченост, согласно меѓународните конвенции.

Каков ќе биде епилогот од разрешувањето на директорот на Кардиохирургија?

Некој е лидер, а некој е власт и моќ. Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека доктор Сашко Јовев е разрешен од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија поради утврдени пропусти во неговото работење. Јовев вели дека пропустите биле „ситни“, и дека се сомнева дека тоа е главната причина за негово разрешување.
И покрај пресовите и брифинзите и на едниот и на другиот, не е докрај јасно за што станува збор, - незаконско работење, суета или политички игри.

Видете и ова: Ситни пропусти или министерска суета - зошто е разрешен доктор Јовев

Неспорни се квалитетите и достигнувањата на доктор Сашко Јовев на клиниката за кардиохирургија, тоа никој не може да му го оспори или одземе. Но, ако навистина се правеле малверзации со дежурствата или пак со набавките од страна на Јовев како директор на клиниката, тогаш, никој не треба да е недопирлив. Само што, тоа треба да се докаже, па да биде разрешен и да одговара.
Доколку, пак, министерот Фатмир Меџити не изнесе докази за неговото тврдење, а засега не ги видовме, тогаш ќе се потврдат тезите дека станува збор за суета или политички калкулации. Во тој случај, министерот треба да ја повлече одлуката за разрешување и да се извини, па можеби и да си поднесе оставка, од морални причини.
Трето, нема.

Уривањето на браната Каховка во јужна Украина, дали некои лидери „излегоа од контрола“?

Браната Нова Каховка, хидроелектрана стара неколку децении, која се протега на моќната река Дњепар во јужна Украина, беше пробиена некаде во текот на ноќта на 6 јуни. Пробивањето поплави села и градови и предизвика евакуација на илјадници, луѓе.
Украина веднаш ја префрли вината на Русија, која го контролира објектот по инвазијата во февруари 2022 година. Од своја страна, руските власти на окупираните територии на источниот брег на Дњепар ја обвинија Украина дека ја уништила браната за да го прикрие, како што го нарекоа, неуспехот на бојното поле. Ниту една страна не обезбеди докази.

Видете и ова: По поплавата: Што знаеме за уништената украинска брана и последиците?

Инцидентот се случува околу шест месеци откако Украина поврати делови од регионот Херсон на западниот брег на реката Дњепар, вклучувајќи го и градот Херсон. Истовремено, Украина се подготвуваше за она што се очекува да биде голема нова контраофанзива против руските сили, која може да го промени текот на војната.
Едно е сигурно: поплавата најверојатно ќе биде најголемата еколошка катастрофа откако Русија ја започна големата инвазија пред речиси 16 месеци.
Пензионираниот американски генерал Кевин Рајан, во интервју за РСЕ смета дека овој инцидент ќе има влијание и врз текот на војната, оценувајќи дека рускиот претседател Путин, не би се двоумел да употреби и нуклеарно оружје, доколку види дека ќе ја загуби војната во Украина. Прочитајте го целиот разговор со генерал Рајан ТУКА

Млади лидери на полето на „зелени бизниси“

На младата неготинчанка Кристина Тодорова ѝ недостасува уште дипломската работа на факултетот за Земјоделски науки и храна за да дипломира. Но, не и недостасува практично искуство со инсекти и со печурки, бидејќи со нив се „дружи“ од мала. Таа сака да го искористи потенцијалот на инсектите при обработка на органски отпад за производство на храна за домашни животни и да создава иновативни производи од печурки. Но, и да им помогне на младите од руралните подрачја и на лицата од ранливи категории да почнат свој бизнис со печурки.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Од едно парче печурка може да се нахрани цела Македонија“