Криминал во МВР има, но не се расчистува со политички изјави

Обвинувањата на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека раководни структури во МВР се поврзани со кримииналци ги отфрлаат и неговата заменичка и од Владата. Поранешниот началник Љубомир Ѓурчевски вели дека тоа не е новина, но ниту еден министер не преземал мерки досега.

Одговор на прашањата кои се отворија за спрегата меѓу МВР и криминалните структури засега нема од техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, ниту пак не добивме одговор на прашањата адресирани до МВР. Чулев не одговори на повиците, а МВР не одговара дали техничкиот министер официјално побарал од одделението за внатрешна контрола да ги процеусира сите дојави или информации за инволвираност на припадници на МВР во криминални активности и кои од нив се наоѓаат на платен список на криминалните структури.

Имено, претходно Чулев изјави дека раководните лица кои биле назначени од екс министерот Оливер Спасовски на криминалците им давале информации дали се на ПИ-мерки и кога против нив биле планирани конкретни оперативни активности за нивно апсење или приведување.

Според поранешниот началник во МВР Љубомир Ѓурчевски, не било прв пат некој министер како Чулев да зборува за криминалните структури во МВР. Тој вели дека тоа го тврделе и поранешните министри Оливер Спасовски и Гордана Јанкулоска кога стапија на функцијата, а никој не презел ништо.

„Години наназад МВР страда од тоа што внатре во министерството се создаде една елита на криминалци, односно наместо соработници на државата и на законот, соработници на криминалните банди коишто го создадоа организираниот криминал во Македонија“, вели Ѓурчевски.

Станува збор, како што смета Ѓурчевски, за популистичка изјава која секој министер ја дава со цел собирање на политички поени за неговата партија.

„Сега кога се собираат политички поени за ВМРО-ДПМНЕ потребно е да се даде една таква популистичка изјава дека тој ќе расчисти со криминалот и корупцијата внатре во МВР, особено во делот на високиот ешалон на командување, што по мене нема врска дека тој ќе расчисти или било кој без координирана, сеопфатна акција и план за спречување на корупцијата на државно ниво“, смета тој.

Од Владата велат дека изнесените обвинувања се неосновани.

„Доколку постојат сомнежи за вакви сериозни обвинувања, тие се пријавуваат во Јавното обвинителство. На овој начин преку паушални изјави во јавноста претставуваат обид за заработување политички поени. Доколку во најбрз рок не се докажат, ваквите обвинувања ќе се сведат на ниво на политичка манипулација“, наведуваат од Владата за РСЕ.

Видете и ова: СДСМ и ВМРО ДПМНЕ согласни Чулев да биде министер за внатрешни работи


И дополнителната заменичка министерка Славјанка Петровска претходно реагираше дека целосна невистина се тврдењата на Чулев. Според неа, за разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ во периодот додека на чело на МВР, беше Оливер Спасовски е намален криминалитетот во земјата.

„Како човек од безбедносно-разузнавачката заедница Чулев треба да ги знае законите во Република Северна Македонија и да е свесен дека сомнежи за евентуална поврзаност со криминални структури се пријавуваат во Јавното обвинителство, а не во интервјуа. Зарем ова е долгонајавуваниот професионализам на ДПМНЕ?“ напиша Петровска на Фејсбук.

Чулев обвини и дека благодарение на соработката со раководните структури на МВР некои криминалци добивале полесни кривични пријави, а за некои пријавите се криеле во фиока. Тој во меѓувреме направи смена на 15 началнички и раководни позиции во МВР дозволени со избор на техничкиот министер.