Достапни линкови

Во Владата дилеми за уставноста на техничкиот министер за внатреши работи


Драган Ковачки е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи.Премиерот Зоран Заев изјави дека проблем е што Ковачки е воено лице. Ахмети го подржа предлогот на ВМРО ДПМНЕ со образложение дека е докажан професионалец со богата биографија.

Завршија консултативните средби на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски со премиерот Зоран Заев и со лидерот на ДУИ Али Ахмети за преодната Влада што треба да стартува од 3 јануари, на 100 дена пред одржувањето на предвремените парламентарни избори во април.

Драган Ковачки е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи. Тој доаѓа од АРМ и е со чин полковник.

Премиерот Зоран Заев изјави дека проблем е што Ковачки е воено лице а според Уставот и законите со преодната Влада треба да раководи цивилно лице.

"Излегува дилемата дали Уставот тоа го дозволува, како и законот за АРМ и МВР, ќе ја консултираме стручната јавност. Верувам дека тоа не единствен кандидат" изјави премиерот Заев.

Тој остави простор до понеделник да се разговара и да се постигне сосласност додавајќи дека смета оти до 3 ти јануари ќе се избере техничка влада за да се одржат изборите во април.

Инаку и во 2015 година за министер за внатрешни работи тогашното Собрание го избра Митко Чавков кој дојде од Бирото за јавна безбедност.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата рече дека предлогот за прв човек во МВР е ново име во политиката, врвен професионалец, со исклучително богата кариера.

Станува збор за професионално решение" рече Мицкоски

По информациите дека Мицкоски го предлага полковникот Ковачки за прв човек во Министерството за внатрешни работи во техничката влада, реагираше министерката за правда Дескоска.

Таа го цитираше членот 97 од Уставот:

„Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“, напиша Дескоска.

Согласно законот, опозицијата мора да дојде на консултација за предлогот за министер за внатрешни работи и тој да биде прифатен од власта (двете најголеми партии).

Ахмети го подржа предлогот на ВМРО ДПМНЕ

Состанок имаше и меѓу Мицкоскии лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека за нив е прифатливо кадровското решение на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи. Ахмети рече дека тој е докажан професионалец кој не е познат како политички активист во цивилниот живот.

На средбата со лидерите се разговараше и за промена на изборниот модел, но таа тема е оставена за по изборите.

Инаку, пред средбата со Мицкоски премиерот Заев денеска изјави дека верува дека сите ќе бидеме разумни во внимателноста на предлагањето кандидати во преодната Влада

Заев смета дека нема потреба од посебна средба со коалицискиот партнер и лидер на ДУИ, Али Ахмети околу кандидатите и посочи дека за тоа се можни консултации и по телефон.

До средбата на партиските лидери доаѓа еден ден по Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, на кој за технички премиер беше избран досегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а за вицепремиерка Мила Царовска, на местото на Кочо Анѓушев кој најави оставка.

Заев, вчера рече дека кандидатите кои ги предложи СДСМ се познати личности.

Тој рече дека во изминатиот период на раководење со Владата носел храбри одлуки во корист на граѓаните и држвата, истакнувајќи ги договорите со соседните држави во контекст на евроатлантските перспективи и дополни дека сега ќе одлучуваат граѓаните.

По изборот за технички премиер, министерот Оливер Спасовски им се заблагодари на сопартијците за укажаната доверба.

" Мојата желба е да бидам што пократко на таа позиција за што побрзо да се врати претседателот Зоран Заев"напиша Спасовски на фејсбук.

По седницата на Централниот одбор, откако заврши седница на Извршниот одбор на партијата, Заев најави дека на трети јануари ќе ја достави својата оставка во Владата.

„Одлагање на изборите нема. Јас на трети ќе ја поднесам оставката во Владата, треба парламентот да ја констатира оставката и со тоа паѓа целата Влада. Истиот ден, претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на Оливер Спасовски, којшто треба да ја предложи новата Влада и парламентот да ја изгласа“, рече Заев.

Лидерите на најголемите парламентарни партии на 20 октомври оваа година на средба кај претседателот Стево Пендаровски се договорија предвремени парламентарни избори да бидат одржани на 12 април 2020 година.

Согласно процедурата, на 90 дена пред изборите, односно на 3 ти јануари треба да се формира техничката влада, предводена од новиот премиер.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG