Кризниот штаб без заклучоци за новите анти-ковид мерки, на потег Владата

Граѓани со маски како мерка против ширењето на ковид-19

Владата на наредната седница треба да донесе одлука за мерките со кои вработените во јавниот сектор ќе мора или да се вакцинираат или да прават тестови еднаш неделно. Синдикатите се против, а министерот Филипче, според најавите, ќе се сретне со нив денеска за да ги слушне нивните предлози.

Главниот кризен штаб не донесе заклучоци за новите мерки за спречување на ширењето на ковид-19 и сега на потег е Владата која ќе треба да ги разгледа на утрешната седница. Мерките ги предложи Комисијата за заразни болести кои со консензус беа усвоени на состанокот, минатата недела.

Министерот за здравство Венко Филипче на состанокот, како што се наведува во соопштението, посочил дека мерките кои ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава како и за покачување на вакцинацијата во државата.

Видете и ова: Отровниот воздух дополнително ќе ја влоши ковид сликата


„Говорејќи за состојбата во државата, Филипче образложи дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75 до 80 отсто. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки, има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други. На денешниот состанок на ГККШ не беа донесени заклучоци, предлог мерките ќе се разгледува утре на седница на Влада.“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Мерките предвидуваат вработените во државниот сектор за влез на работното место да мора да прикажат или сертификат за примена вакцина против ковид-19 или ПЦР негативен тест направен на свој трошок не постар од 72 часа или пак доказ дека ја прележал болеста во последните 45 дена. Исклучок од предложените мерки ќе бидат само вработените кои, поради ретки болести, ќе добијат потврда од лекар специјалист дека вакцина не смеат да примат.

Претседателот на Конфедерација на слободни синдикати, Благоја Ралповски во интервју за РСЕ изјави дека не може вработените во јавниот сектор или кој било работник, со уцени да се тераат да се вакцинираат за да може да влезат на работно место. Според него, работниците во јавниот сектор се најсиромашните работници и 70 до 80 илјади од нив земаат минимална плата и не е хумано да се оптоваруваат со плаќање на тестови. Доколку Владата ги усвои мерките, тој најави дека ќе ги употребат сите средства кои ги имаат на располагање.

„Можно е да отпочнат протести, можно е да отпочнат и штрајкови. Синдикатот е една организација која се заснова на солидарност. Тука верувајте дека и колегите коишто се вакцинирани се спротивставуваат на овие мерки, затоа што мислам дека е нехумано некого да тераме со сила да прави нешто што со закон не е одредено“, рече Ралповски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ралповски - „Неработна недела“ за манипулација на работниците

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопштија дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.

„Ниту еден работодавач нема можност и право согласно било кој важечки Закон, ( Закон за безбедност и здравје при работа, Закон за работните односи и др) да го упатува работникот да презема одредени активности во врска со своето здравје , а при тоа да го задолжи работникот тоа да го прави на сопствен трошок“, реагираа од ССМ.

Синдикатите пресметале дека ако едно лице одбива да се вакцинира ќе му бидат потребни околу 20 илјади денари во текот на месецот за ПЦР-тестирања, што е повеќе од минималната плата во земјава. Затоа бараат државата да ги направи ПЦР тестовите бесплатни.

Видете и ова: Безбедно ли е комбинирањето на вакцини?


Ралповски додава дека ,според нивните сознанија и претпоставки, околу 30 проценти од вработените во јавниот сектор не се вакцинирани. Министерот Филипче, вечер треба да одржи состанок со синдикатите, информираат од Министерството за здравство, како би ги слушнал и нивните предлози, кои ќе бидат презентирани и на владината седница.

Кога ги најави мерките Филипче препорача на нив да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.

Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат на сила по 10 дена од усвојување на Влада, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои сè уште не се вакцинирале.

Според податоците на Министерството за здравство, опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58% , а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38% од популацијата во државата примила две дози вакцина.