Кратово најзаразен град со ковид и со најниска вакцинација

Во дел од градовите каде има најмногу заразени има и најмалку вакцинирани. Но, од друга страна статистиката покажува дека голем број на заразени има и во градови со висок степен на вакцинација. Според упатените, статистиката е незначителна, туку е важно дека вакцините штитат од смртен исход.

Кратово има најмногу заболени од Ковид-19 според бројката на жители, а во истовреме градот е ниско на листата по вакцинирани лица со барем една доза, ако се споредат податоците во последните објавени извештаи на Институтот за јавно здравје. Министерството за здравство соопшти дека опфатот со вакцинација со една доза вакцина на населението е 38 проценти, што се уште е далеку од потребните за постигнување на колективен имунитет.

Кратово е шампион по заразени по број на жители во периодот од 20 до 26 септември. Вакцинацијата во градот изнесува 37 отсто. Кавадарци се наоѓа веднаш зад Кратово.

Видете и ова: Брзи ковид тестови за учениците - меѓу стресот и ефектот

Кавадарци го држи приматот две недели наназад, односно за периодот од 14 дена, па потоа најмногу заразени по број на жители има во Скопје и Неготино, како и Штип и Охрид.

Но, освен Кратово и Скопје кои имаат меѓу најнискиот процент на вакцинирани, останатите градови како Кавадарци, Неготино, Охрид и Штип се меѓу првите на листата. Кавадарци има 64,3 проценти, Неготино 65,1 отсто, додека пак Охрид 63,9 отсто, а Штип 53,4 отсто.

И покрај вакцинацијата заразата се шири

Анализата на изминатите 14 дена покажува дека врската не е статистички значајна, односно повисокиот опфат на вакцинација, нужно не значи и помала инциденца- бројка на заразени по број на жители и обратно, вели професорот Дејан Трајковски кој постојано врши анализа на ковид статистиката. Според него, во Куманово и Скопје има висока инциденца, бидејќи таму се случува новиот бран.

„Едноставно од град до град бранот се шири и тоа при сегашниот опфат со вакцинација и микс на вакцини во државата не е во состојба да спречи позначително ширење на заразата. Врз основа на една друга анализа пресметана е ефективноста на вакцините против заразување, која во мината недела изнесуваше се на се 23 проценти, односно само 23 проценти вакцините при сегашниот опфат со вакцинација успеале да спречат заразување. Меѓутоа независно од оваа ефикасност, една друга ефективност против смртен исход се уште е прилично висока и инесува 89 проценти“, вели Трајковски.

Од Министерството за здравство наведуваат дека од хоспитализираните 577 пациенти се невакцинирани, а 150 се вакцинирани.

Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ неодамна во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека иако вакцините не штитат 100 проценти од ниту една болест, луѓето кои се заразиле со Ковид-19, а имале примено две дози на вакцина, полесно ја поминуваат болеста.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стевановиќ: Кај нас не умираат повеќе пациенти од ковид отколку во светот


„Она што го гледаме кај пациентите кои се вакцинирани се далеку полесни клинички слики. Не можам да кажам дека не сме виделе и потежок развој на клиничка слика, но, тоа се пациенти кои се во длабока старост или во сериозна болест, со сериозни коморбитети и влошување на тие нивни основни здравствени состојби кои јас верувам независно од ковид инфекцијата го отежнуваат квалитетот на нивниот живот и здравје се разбира“, рече Стевановиќ.

Видете и ова: Фокусот да се стави на невакцинираните, а не на трета доза

Трајковски вели дека ќе се шири епидемијата, најпрвин во градовите каде има најмалку прележани, а во оние градови каде има повисок опфат со вакцинација морталитетот ќе биде многу понизок. На, тоа, според него се сведува улогата на вакцините.

„Од почетокот, односно од првите вакцини, вирусот многу мутирал. Во меѓувреме, и на нашите простори пристигнаа два опасни соеви на вирусот. Алфа и Делта сојот против кој што постоечките вакцини се немоќни да спречат заразување. Меѓутоа се уште се прилично ефективни во однос на спречување на смртен исход затоа е пожелно што е поголем опфат со вакцинација во сите општини во државата, бидејќи се покажа дека само со добро познатите рестриктивни превентивни мерки не сме во состојба да спречиме поголеми избувнувања“, додава тој.

Најмногу активни случаи во моментов има во Скопје, потоа Куманово и Тетово. Во меѓувреме, започна и вакцинирањето со трета доза. Министерот за здравство Венко Филипче од средината на октомври најави нова мерка со која ќе може да функционираат само целосно вакцинирани граѓани. Досега беше дозволено угостителски објекти и настани да посетуваат и лица со примена една доза.

„Тоа што сега следиме и според што се водиме се препораки на меѓународни тела, искуства од некои други земји од Западна Европа, САД, Канада итн. и тука се јасни препораките дека постарите граѓани, тие кои сакаме да ги заштитиме затоа што тие имаат и најголем број хронични болести се таа категорија граѓани кои после шест месеци од примена втора доза вакцина ќе можат да примат трета вакцина“, изјави Филипче.

Земјите кои достигнаа над 80 отсто имунизација ги укинаа анти-ковид мерките. Инаку, во тек е и кампања за вакцинација. Во видео порака неколку јавни личности порачаа „Вакцинирај се! Безбедно е, сигурно е!“. Во видеото, секој со своја порака и сведоштва раскажуваат како ја поминале пандемијата. Пораки до населението испраќаат, поранешниот тренер на фудбалската репрезентација Игор Ангеловски- Мрме, актерките Лабина Митевска и Амернис Нокшиќи, дел од актерите од Преспав, свештени лица од христијанска и муслиманска вероисповед, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир.