Повеќе од еден месец граѓаните кои не се вакцинирани не можат да влезат во затворените трговски центри или угостителски објекти, доколку го немаат потребниот сертификат за примена најмалку една доза вакцина или потврда за прележана болест не постара од 45 дена. Откако стапија на сила рестриктивните мерки за спречување на ширење на Ковид 19, во моловите и угостителските објекти нема поголеми гужви, со оглед на фактот дека е голем процентот на невакцинирани граѓани.
Што говорат искуствата на граѓаните
Но дел од граѓаните кои ги прашавме велат дека не секогаш и не секаде им побарале сертификат за влез во некој угостителски објект.
„Не досега не ми побарале, јас сум вакцинирана и си го носам листот со мене, ама никој не ми побарал“, вели Весна Стефановска, пензионерка од Соње, Скопско.
Марија Салиова е жителка на Кавадарци. Вели дека во нејзиниот град честопати знаат да не побараат вакцинални сертификати.
„По кафичите некаде бараат, некаде не. Еве пред некој ден бев на свадба, не ни побараа сертификати,“ вели Салиова.
За разлика од неа ,младата Александра од Велес вели дека во нејзиниот град строго се почитуваат мерките и дека во кафуле или ресторан задолжително бараат да се покаже сертификат. Таа не е вакцинирана и вели дека не се ни обидува да влезе во некои од тие објекти.
„Да, во Велес бараат сертификати или потврда. Ние што сме невакцинирани повеќе се шетаме во природа, покрај Велешко езеро. Кафичите се попразни и ако има луѓе, тоа се главно постари луѓе“, вели Александра, стоматолог од Велес.
Повеќето граѓани кои ги сретнавме на улица Македонија во Скопје велат дека главно се почитуваат мерките во затворените објекти и дека вработените бараат сертификати за влез.
„Имам слушнато дека бараат, а јас не ни влегувам бидејќи не сум вакцинирана“...
„Секаде каде што сум отишла во моловите и рестораните ми побарале сертификат. Конкретно во Скопје во центарот секаде бараат“...
„Сега бев во еден трговски и Да, ми побараа“...
„Да, бараат. Јас сум вакциниран и не ми е проблем тоа. Кај што сум влегол ќе го покажам сертификатот на телефон и ме пуштаат“, велат дел од анкетираните граѓани.
На социјалните мрежи пак се нудат или пак се бараат лажни сертификати за примена вакцина, но надлежните велат дека досега на терен нема таков случај со употреба на лажен сертификат за вакцина.
Државниот пазарен испекторат со засилени контроли
„Досега немаме пронајдено лажен сертификат. Или пак најверојатно ако е затворен објектот, поради немање сертификати, можеби луѓето се плашат и да го покажат доколку евентуално поседувале таков лажен сертификат, вели Анета Симеска-Димоска“, директорка на Државниот пазарен инспекторат.
Таа додава дека Инспекторатот врши засилени инспекциски контроли со цел да се утврди дали се почитуваат мерките на Владата донесени врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, а поради превенција од ширење на Ковид 19.
Во периодот од 20 август до 10 септември затворени се осум угостителски објекти поради непочитување на мерките. Сите добиле привремена забрана за работа од 10 дена и парична глоба. Во истиот период направени се вкупно 7919 контроли и направени 482 записници.
„Последниот локал што беше затворен беше поради немање сертификати, но почесто е поради непочитување на мерките од протоколот за заштита од ковид, недржење на дистанца, немање растојание меѓу масите“ итн, вели Симеска-Димоска од ДПИ.
Изминатиот период освен на угостителски објекти, се вршеле контроли и на обложувалници, молови, како и други дејности кои се опфатени со мерките на Владата. Се правеле проверки на организирани прослави, свадби и слично.
Исто така, се вршеле проверки за почитување на протоколот по однос на ограничувањата на бројот на гостите, каде согласно протоколот дозволено е работа во затворениот дел на кафетериите со искористеност на капацитетите до најмногу 30%, како и работа на отворените делови (терасите), до најмногу 50% од капацитетот на објектот. Согласно протоколот растојанието на гостите од музичкиот уметник дозволено е да биде најмалку 5 метри.
Владата со нови мерки, а од вчера помалку гости во кафулињата
Од ДПИ велат дека инспекторите во принцип сами ја извршуваат контролата често, доколку сметаат дека има потреба, активностите се во координација и со асистенција на МВР.
Од МВР додаваат дека секторот за компјутерски криминал ја следи ситуацијата со можни злоупотреби на сертификатите и е во координација со секторите за внатрешни работи ширум земјава. Уверуваат дека доколку има пријава за таква злоупотреба ќе бидат преземени соодветни казни.
Инаку за фалсификување исправа предвидена е парична казна согласно член 378 став 1 од Кривичниот закон, но сторителот одговара и согласно член 205 и 206 за загрозување на јавното здравје и се казнува или со парична или со затворска казна.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна најави дека од октомври онаму каде се барало потврда за само една доза вакцина, ќе се бара сертификат за целосна имунизација, со две дози.
Во меѓувреме, од Министерството за здравство соопштија дека според последната епидемиолошка анализа на Институтот за јавно здравје за 40% е намелена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на цела држава со почетокот на училишната година, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август. Во епидемиолошката анализа на Институтот опфатена е популација од претшколска и академска возраст, како и од основно и средно образование.