Даут Таир, некогаш милионер, сопруг и татко на две деца, денеска бездомник. Пред триесетина години бил сопственик на успешна фирма за електроматеријали, живеел луксузен живот и можел да си купи сè што ќе посака. Денеска се радува на топлиот оброк во пунктот за бездомници Момин поток во Скопје.
„Почнав да играм коцка, иако бев среќно оженет, иако имав две деца, две ќерки имам, едната е во Америка, другата медицинско лице тука, дојде и до распад на бракот, за што вината е само моја. Од кога изгубив 2, 3 милиони долари и продадов коли, куќи, јас останав на улица. Тоа се случи во 2003, па се до 2006 година и тоа за мене беше катастрофален период. Ништо немав, зошто знаете како имаш пара имаш и другара, немаш пари и те гледаат поинаку. На клупи спиев и ми беше многу тешко“, раскажува Даут.
Денеска живее во мала гаража која е неговиот импровизиран дом, но после 3 инфаркта и тешка операција на срце, сепак е среќен што е жив и што може да работи. А работи како фризер во пунктот за бездомници на Црвен крст „Момин поток“. Искрено жали за погрешните избори во животот, но преку работата се труди да најде смисла во секој нов ден.
„Најмногу се каам што ја изгубив фамилијата. Парите и така и така може да се живее и со помалку. Не знам дали некогаш ќе прежалам. Пробав да исконтактирам пак со нив, но не сакаат, добив негативен одговор и така сега сум сам. Многу ми е жал, но фала му на Бога, жив сум, можам и сакам да работам имам елан, одам, не бирам што и каде да работам, вели Даут.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пунктот за бездомници „Момин поток“ е место коешто во изминатите 13 години им ги дава најпотребните сервисни услуги на бездомниците. Тука може ја остават валканата облека на перење и да си земат нова, добиваат топол оброк и топли напитоци, третман против вошливост и шугавост, можат да добијат и медикаменти и лична документација која им е потребна и им недостасува.
„Најнезгодниот период во годината е студениот период, односно екстремно ниските температури кога ќе ги зафатат градот Скопје, па така и пунктот не е имун на целата оваа состојба, па кога ќе се додаде и короната, можам да кажам дека ќе биде долга и макотрпна зима. Кога температурите ќе се симнат под нула, пунктот е достапно место, содржи женско и машко одделение, во двете по 16 кревети и со вкупен капацитет од 32 легла одговараме на потребите. Но во текот на целата годинa, и посебно во студениот бран постојат и патролни тимови кои кога е студено излегуваат на терен и по дојава на граѓани се лоцира бездомното лице и се донесува лицето во еден топол, оплеменет простор, за да не падне тоа лице во хипотермија“, вели Драгана Лазаревска, координатор на пунктот за бездомници Момин поток.
Видете и ова: Секое четврто семејство зимоска грее само едно сопчеПунктот за бездомници е отворен секој работен ден за консултација, додека бањањето, менувањето на нечистата облека, добивање топол оброк, добивањето на медикаменти, прегледи кај доктор како и вадење на лична документација и ред други активности се реализираат два пати во неделата. Секој петок тие добиваат услуги од стручниот тим, а дел од нив се реинтегрирани во здравите општествените текови.
„Во изминатите десет години од кога сум тука, може да кажам дека постојат најразлични карактери во оваа целна група. Тоа се лица кои ја имаат изгубено довербата во целиот систем, во целото општество, но успеваме да изградиме заедничка комуникација и доверба, со сите лица добро функционираме, им веруваме, ни веруваат и по добро завршена интервенција и решавање на некои нивни горки проблеми, доаѓаат насмеани зошто знаат дека сепак постојат лица или организација која во секое време може да одговори на нивните потреби“, вели Лазаревска.
Тажни приказни со среќен крај
И Саше Спасовски е успешен пример за тоа како едно бездомно лице може да се врати на вистинскиот пат. По тешките финансиски проблеми кои го довеле до работ на егзистенција и живот на неколку локации и привремени живеалишта, тој денеска е дел од здружението за социјален и економски развој „ИНВИВО“ и работи на производство на органска храна.
„Тешко е да се најде работа, на 50 години. Јас имав искуство, работни способности, работев како градежник, бев во Америка 13 години, но ете животот ме донесе до таа ситуација. Кога побарав помош од Црвен крст се запознав со директорот на здружението Инвиво и со негова помош и поддршка стигнав дотука. Работата ми е физичка. Кај нас нема да викаш не сака, ќе те научиме, ако не можеш физичка работа ќе се најде начин да презентираш, да продаваш, да бидеш корисен“, раскажува Спасовски.
Здружението за социјален и економски развој „Инвиво“ работи веќе три години нуди помош на оваа категорија граѓани и тоа преку можности за финансиска автономија, односно за професионална реинтеграција.
„Им нудиме на овие луѓе простор и можност сами да заработат и тоа а начин што сами се обидуваме да лансираме свои производи. Темата за социјалното претприемништво е нешто што допрва доаѓа во нашата земја и ние се трудиме да го практикуваме на најдобар можен начин. Досега имаме формирано сопствено производство на биохумус заедно со овие луѓе, а во соработка со проектот „Еразмус плус на ЕУ се трудиме кај лицата кои имаат уметнички таленти да им дадеме можност да се изразат и заработат преку изработка на градинарски чешмички кои понатаму би ги продавале“, вели Дејан Стојановиќ од „Инвиво“.
Стојановиќ вели дека секоја активност која се прави за овие лица е прилагодена на здравствената кондиција на истите. Проблемот е кога луѓето не сакаат да се реинтегрираат, вели тој.
„Процентот на луѓе кои навистина сакаат да се вклучат во реинтегративни процеси се движи од 3 до 4 проценти. Ако во моментот разговараме за околу 300 бездомни лица во Скопје тоа значи дека само десетина од нив сакаат да се вклучат во тие процеси. Ние се трудиме да дојдеме до тие лица затоа што тие со нивното лично залагање може да бидат најдобрите промотори за промената којашто секој од нас во животот може да ја направи“, вели Стојановиќ.
Здружението на граѓани „Љубезност“ дава поддршка на бездомниците и социјално загрозените лица од 2013 година. Без разлика на временските услови, секоја сабота членовите на ова здружение се собираат пред спомен куќата на Мајка Тереза за да поделат топол оброк на околу 230 бездомни лица. Паралелно со хуманитарната помош од ова здружение им нудат и социјална правна и медицинска поддршка.
„Целта е да им помогнеме во делот на ресоцијализација и реинтеграција. Тоа се повеќето луѓе кои фигуративно се надвор од системот. Подолго време живеат таков живот, едноставно преживуваат, затоа што не можат да си обезбедат еден два или три оброци во текот на денот. Зависат од просјачење, од барање храна по кантите и затоа неминовно е дека е потребен процес на ресоцијализација и интеграција. Многу од нив имаат изгубено одговорности, добри навики, добро однесување и тоа влијае да навлегуваат во многу поголеми проблеми,“ објаснува Тони Станковски, претседател на Здружението „Љубезност“.
Еден од проектите на кој работат е и вдомување на бездомни лица.
„Сместуваме бездомници во соби кои се издаваат, со некои кирии кои се возможни да ги покриеме преку донации и навистина имаме добри резултати. Можеби бројките се мали но мислиме дека со поголема поддршка тоа може да се зголеми. Во моментот сместивме 12 луѓе, но одиме чекор понатаму во однос на тоа да им понудиме некоја работа за тие што сакаат. Помагаме доколку се заглавени во системот со блокирани сметки од извршители и наоѓаме начини за деблокирање на сметката итн.“, вели Станковски.
Видете и ова: Повисоките цени ја продлабочуваат сиромаштијатаДве години подоцна кон активностите на ова здружение се приклучува и група млади волонтери кои ја создадоа иницијативата „Ретвитни оброк“. Волонтерите од оваа инцијатива подготвуваат од 350 до 400 оброци за време на викенд. Кристијан Калинов е дел и од оваа иницијатива ,но и од здружението на граѓани „Светилка Нора“ со кои го организирале проектот безбедна зима за бездомниците. Пред пандемијата организирале и екскурзија за бездомници, а со нив планираат да продолжат и во иднина.
„Но, човекот е повеќе од само тело. Има и душа и некогаш треба да се грижиме и за тој дел. Она што сакавме да го направиме за овие луѓе е едно патување во кое ќе можат да уживаат. Направивме една тура до 20, 30 тина од нив, ги качивме во автобус, доста од нив се религиозни луѓе, па ги однесовме во Шарена џамија, да го посетат тој споменик, ги однесовме во Маврово, бевме во манастирот Бигорски, луѓето беа како да ви кажам, се радуваа како мали деца“, се сеќава Калинов.
Работата со овие лица не е механичка и тешко дека може да се подвлече граница до каде е професионалното. Повеќето приказни се тажни и ве допираат, раскажува Калинов.
„Како што кажала мајка Тереза човекот е гладен за леб, но уште повеќе е гладен за љубов. Кога работиме со нив, тоа се луѓе како сите нас кои некогаш и не по нивна вина се нашле на улица. И затоа е важен и им значи човечкиот контакт. Затоа велам дека кога им подготвуваме храна и им даваме, треба да ги прашаме, како си, што правиш, како се најде тука и сл. Тоа многу им значи и прекрасниот дел е кога некои од нив успеваат да си го врата животот,“ вели Калинов.
Не се знае точната бројка на бездомници
Согласно последните извештаи во капацитетите на установите во системот за социјална заштита сместени се 296 бездомни лица, од кои најголем дел се од Скопје. Дел од нив се сместени во Чичино Село, некои во објектот „Ранка Милановиќ“, а дел се сместени во контејнерската населба Визбегово.
Од друга страна, според неофицијални податоци, само на територијата на Скопје има околу 500 бездомници. Точната бројка тешко може да се утврди бидејќи многумина од нив немаат никакви документи, а и често ја менуваат и локацијата каде што престојуваат.
Од Министерството за труд и социјална политика појаснуваат дека центрите за социјална работа постапуваат во случаи на бездомни лица во рамки на редовната теренска работа, но и по дојава од граѓани, здруженија и други институции.
Како една од формите за социјална заштита, со цел да ги превенира негативните последици за лицата и семејствата кои од најразлични причини се доведени во состојба да немаат дом, воспоставен е Центар за бездомни лица Скопје кој функционира како организациона единица на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје.
„Центарот за лица бездомници, обезбедува дневно и привремено прифаќање и згрижување на овие лица преку давање советодавни услуги, услуги во врска со исхрана, дневен престој, одржување на хигиената, здравствена заштита и обезбедување на образование на децата сместени во него. Во рамки центарот е адаптирана и просторија за интервентно згрижување на бездомните лица. Згрижување на бездомник може да се оствари само по претходно добиена согласност од самото лице“, велат од Министерството.
Покрај пунктот во Момин поток кој е управан од страна на Црвениот крст на Град Скопје, постојат и три регионални центри за интервентно згрижување воспоставени во соработка со локалните организации на Црвениот крст во Битола, Струмица и Струга. Во случај на пополнетост на постоечките капацитети за сместување на бездомните лица, изминативе неколку години во текот на зимските месеци пристапено е кон обезбедување на алтернативно сместување на бездомни лица и семејства во други расположливи капацитети на установи за социјална заштита.
Притоа најголема фрекфенција на бездомни лица постои во Скопје, при што бездомните лица кои се согласни на сместување и ги исполнуваат условите во моментов се сместени, додека во останатите градови бројот на бездомни лица е незначителен, со тоа што капацитетот на Центарот за лица бездомници Скопје се користи и од страна на останатите центри за социјална работа. Надлежните центри за социјална работа согласно законската регулатива обезбедуваат услови за користење на здравствената заштита и средства за лекување на бездомните лица.
Мобилен автобуски центар за бездомниците во Белград
Не многу подалеку, во соседната Србија животот на бездомните лица не е многу поразличен од животот овде во Скопје. Стоејќи еден до друг на сончев есенски ден, група луѓе трпеливо чекаат кај син автобус паркиран под еден мост во Белград. За нив ова е ретка шанса да се избањаат, да ја исперат облеката или да направат лекарски преглед.
„Шетам по улици, се препуштив. Никогаш не мислев дека ќе барам пари од луѓето. Но, сега питачам. Ги прашувам дали имаат ситно за да можам да преживеам. Има добри луѓе, па даваат. Веќе не знам ни како се викам. Среќа што можеме да се избањаме тука, а тие да ти ги исперат алиштата, па ние сме чисти“, вели Славко Антониќ, бездомник.
Три пати неделно, хуманитарна организација во Србија ги отвора вратите на нивниот мобилен автобуски центар за бездомниците, нудејќи основни услуги и помош за некои од илјадниците луѓе кои живеат и спијат по улиците на главниот град Србија. Проектот на Адвентистичката агенција за развој и помош АДРА се развиваше постепено во текот на изминатите четири години, но доби во важност со појавата на пандемијата на коронавирус што ги турна веќе ранливите заедници подалеку на маргините. Бездомниците во Белград кои страдаат од хронични болести, проблеми со менталното здравје или користат дрога, во повеќето случаи немаат документи и живеат надвор од државниот радар.
„Групацијата АДРА има за цел да понуди итна помош и да се обиде долгорочно да ги врати бездомниците во системот“, рече Игор Митровиќ, извршен менаџер на групацијата АДРА која стои зад проектот.
„Значи, освен хроничните болести, тие беа - скоро сите - исклучени или напуштени од општеството, така што немаше соодветен одговор од владата или другите одговорни, па завршија без лични карти, без никаква поврзаност со системот на здравствена заштита. или социјална заштита“, додава тој.
Видете и ова: Еуростат - Повеќе од третина од населението во Македонија под ризик на сиромаштијаДодека глетката на бездомници кои спијат во паркови и улици е вообичаена во повеќето светски метрополи, во Србија тие се појавија релативно неодамна, по распадот на поранешната Југославија управувана од комунизмот во 90-тите години на минатиот век и повоената транзиција. Митровиќ вели дека затоа бездомниците во Белград се претежно луѓе на возраст од 50 и повеќе години, кои се најдоа изгубени во хаосот на економското уништување што следеше по војните во Југославија и колапсот на државата. Град со 2 милиона жители, Белград има сместувалиште за бездомници, но неговиот капацитет од околу 100 места вообичаено е целосно резервиран однапред.
„Тоа е првата цел - да го заштитиме нивното здравје, да се обидеме да најдеме некое засолниште или да се залагаме за нив во владиното засолниште за да се сместат, и второ, уште поважно е да се најде некое среднорочно и долгорочно решение“,вели Игор Митровиќ. Властите ветија дека ќе отворат дополнително сместување и поставија привремени објекти во различни делови на градот.
„Како дел од меѓународната мрежа АДРА, српската филијала работеше на проектот за автобуси во партнерство со градските власти во Белград и владите на САД и Словачка преку агенциите на УСАИД и Словачка Аид“, вели Митровиќ.
Автобусот наречен „Друмодом“ е замислен како привремена постојка на „пат до дома“ за бездомниците.
„Кога беше заклучувањето, во основа дури и оние минимални можности на рабовите на општествениот живот, собирање нешто или користење на каков било вид секундарен отпад за препродажба се намалија драстично“, додава тој.
Ова ја зголеми изолацијата на ранливите заедници, особено за време на речиси целосниот период на заклучување во минатата година.
На светско ниво, според податоците на Обединети Нации, 100 милиони лица се бездомници, што значи дека секој седумдесетти граѓанин нема свој дом.