По најавата на Антикорупциска дека ќе отвори предмет за еден од доделените грантови и критиките од јавноста и од опозицијата за недомаќинско трошење на парите од Фондот за иновации и технолошки развој, ФИТР излегоа со објаснување за процесот на доделување на грантовите и исплата на средствата од повикот Стартапувај 3. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека грантови добиле проекти на лица блиски до СДСМ или идеи кои не се иновативни.
Видете и ова: Антикорупциска ќе отвори предмет за грантот од ФИТР за фирмата на ЗаревскиДиректорот на ФИТР, Коста Петров вели дека фондот е единствена институција во државата која има сертификат ISO: 31007 за борба против корупција. Сите апликанти пополнуваат формулар за сопственичка структура и кажуваат дали се јавни функционери или се поврзани со нив. Ако има поврзаност, како што рече Петров, тој документ се праќа до Транспаренси Интернешнел и се проценува ризикот од апликантот.
„Напоменувам за овој повик Стратапувај 3 ни еден апликант нема никаква поврзаност со било кој јавен функционер во државата“, рече Петров.
Според него, ФИТР е единствена институција во државата која го мониторира секое евро инвестирано во секоја компанија. Комитетот за одобрување на инвестиции врши селекција на проектите, како што посочи Петров и никој од вработените на ФИТР не учествува во процесот. Процесот на мониторинг, како што додаде, го водат 5 интернационални ревизорски куќи.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски реагираше дека е доделен грант на фирмата Солар Груп во сопственост на Рубинчо Заревски, кој беше директор во Фондот за здравство за време на владеењето на СДСМ. Потоа за грантот за рецепт за пица пинса романа на фирма на Миле Милановиќ кој бил дел од претходно раководството на СДСМ на Струмица и за грант за набавка на дрон за снимање на земјоделски поседи. Антикорупциска сооопшти дека ќе испитува евентуални злоупотреби на доделување на грант на Солар груп.
„Наместо иновации и поддршка на млади научници, поддржуваат рецепти за храна, дебело ги плаќаат и поддржуваат набавка на дронови. Наместо поддршка на научници, поддржуваат партиски функционери на СДСМ како Миле Милановиќ и Рубинчо Зарески“, рече Арсовски.
На прашање врз основа на кои критериум се доделни овие грантови и дали ќе поднесе оставка, Петров рече дека не планира такво нешто и го повтори процесот на одобрување.
„Под ни еден случај не планирам да си поднесам оставка. Напротив примерот на ФИТР треба да го следат и другите државни институции, бидејќи постои систем по кој се оценуваат проектите, постои закон кој што се следи и се имплементирани сите можни законски регулативи за процесот да биде транспарентен и коректен“, додаде Петров,
Претседателот на комитетот, Марвин Лиао порача дека процесот на селекција е врз основа на строги правила и насоки и дека сите членови се независни.
„Ние се грижиме за нашата репутација и за процесот за кој мислам дека е спроведен на многу професионален начин“, рече Лиао.
Видете и ова: Македонија привлекува дигитални номадиИстото го потврдија и останатите членови. Во однос на прашањето дали фондот испитал дали фирмата Инфопројект која доби пари за уред против загаденоста го прекршила правото на интелектуална сопственост и дали се реализираше проектот, Петров рече дека проектот се спроведува согласно планирана динамика и се спроведени три теренски посети.
Проектот од над 240 илјади евра пред две години го доби фирма на Ванчо Ордановски, братот на новинарот Сашо Ордановски, а сомнежот беше дека уредот против загаденоста е идентичен како уред што го изработува индиска компанија.
„Компанијата Инфопројект до ФИТР има доставено Решение за признавање на правото на индустриска сопственост (издадено од страна на Државен завод за индустриска сопственост во јули 2019 година), односно доказ за признавање на правото на индустриска сопственост. Истовремено, Ве информираме дека Фондот не е одговорен за спорови поврзани со правата на интелектуална сопственост помеѓу Корисникот и трети лица“, велат од ФИТР.
Не е прв пат ФИТР да додели грант на фирми блиски до јавни функционери. Грантови претходно добија фирми на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и поранешниот пратеник на СДСМ Хари Локвенец. Потоа фирма на снаата на тогашната советничка за култура на премиерот Зоран Заев, Цветанка Ласкова, како и фирма во кој малцински сопственик беше Мерита Адеми, член на потесно семејство на Асаф Адеми, кој тогаш беше министер за култура. По реакциите во јавноста проектите беа повлечени и не им беа исплатени средства.
ФИТР во моментов има 788 корисници со заеднички инвестиции од 88 милиони евра, 55 проценти од тие инвестиции се на Фондот, а 45 проценти од страна на корисниците.